Сoветници и теренци

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Комисијата составена од професионалци и луѓе докажани во своите области ќе има задача да ги систематизира идеите и предлозите на граѓаните прибрани од непосредните средби со граѓани, преку теренските посети што продолжуваат со несмален интензитет. Воедно, Комисијата ќе почне консултации и со професори, експерти и докажани професионалци од повеќе области, како и претставници на целни групи, сè со цел да се изработи програма што ќе биде освежен и реален одговор на потребите на граѓаните.“

Ова не е извадок од вчерашната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која тој најави нов тим стратегиски советници – експерти и докажани професионалци. Ова е извадок од соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од 17 август 2018 година. 

Помина само една година оттогаш. Освен дека Комисијата ќе ја предводи професорот Трајко Славевски, тогаш не разбравме кои експерти и докажани професионалци работеле на програмата, дали тимот успеал или потфрлил. А веќе е на сцената нов експертски тим од 16 лица, со најава дека „ќе се проширува и дообликува“. 

Можеби дел од тие експерти биле и во претходниот тим. Не знаеме. Претпоставувам дека не, бидејќи Мицкоски вака ги најави: „…тие треба да бидат јадрото и НОВИОТ квалитет, кој ќе биде гаранција дека ќе се зафатиме со најтешката работа – да ги решаваме проблемите, но не само да ги решаваме, туку и на крај и да успееме“.

Кадровското освежување е добра работа. Носи нова енергија, иницира внатрешна конкуренција, создава мотивација. Таквите промени влијаат и кај политичките опоненти, бидејќи ги принудуваат и тие да парираат со што поквалитетна кадровска гарнитура, а сето тоа директно води кон повисоки стандарди во сите сфери. 

Здравата политичка конкуренција, (а не непријателство) е благослов за секоја суштинска демократија. 

Како да веруваат луѓето на ветувања за обнова на државата, значи за обнова на целиот организам, ако не е направено ништо за обнова на партијата

Но, како да веруваат луѓето на ветувања за обнова на државата, значи за обнова на целиот организам, ако не е направено ништо за обнова на партијата, на таа една клетка. 

Јасно е дека секој процес до крајната цел има нужни фази. Ако се прескокне почетната, тешко ќе се стигне до крајната. Механизмот за промени или обнова нема да функционира во практика, ако промените почнат од покривот, а не од темелот – базата. 

Без оглед на недостигот од информации за причините за хокеарската замена на едни со други експерти, тоа сѐ уште не мора да значи дека партијата се откажала од внатрешни реформи. 

Самиот тим составен од луѓе со личен и професионален интегритет, кои не зависат од тоа дали партијата ќе ги вдоми некаде, треба најмногу да притиснат за промени, ако веќе прифатиле да бидат советници. Би било поразително ако прифатиле ангажман, без најпрво да направат скен на партијата што ќе ја советуваат. 

„Покажи ми го Статутот, ќе ти кажам што си  – демократ, автократ или нешто трето“. Ова е правилото број 1 за секој што решил дел од својата стручност да ја стави на располагање на партија. 

Македонските партии, со разлики во многу мали нијанси, во суштина се султански партии. Ако експертизата не се вклопува во визијата на лидерот, па нека е советникот и нобеловец, епилогот ќе биде – дајте друго дете. Ако му се угодува на лидерот, ако експертските ставови се престројуваат за да ги задоволат неговите желби, не добива никој.   

Самиот тим составен од луѓе со личен и професионален интегритет, кои не зависат од тоа дали партијата ќе ги вдоми некаде, треба најмногу да притиснат за промени, ако веќе прифатиле да бидат советници

Затоа беше важно да знаеме зошто и како заврши ангажманот на претходните експерти, но и дали новите имаат услови под кои не би го трошеле својот углед, без да се расчисти со непрележани детски болести на партијата. Како ќе советуваат ако немаат јасна слика за сегашната состојба – од каде тргнуваат и што треба да се менува? 

Тука има и една битна разлика: стручноста за некоја област е едно, визијата и демократскиот капацитет за промени – друго. Би било добро и двете да се на исто ниво, но досега сме сведочеле на многу случаи кога одлични професори или стручњаци за одредена област завршиле како лоши советници или политичари. 

Во таков случај загубата е двојна – ниту партијата добива некаква додадена вредност, ниту општеството. Се множат само нови внатрепартиски антагонизми. 

Оние од базата кои никој не ги прашува за мислење, имаат други аргументи. Велат, доста им е од експерименти, во кои едни повластено парадираат само со теории (советници), а други се „осудени“ исклучиво на пракса (терен). 

Тие посочуваат еден факт: во најлошиот период за ВМРО-ДПМНЕ (компромитирана од „бомбите“ и разнишана од политичката криза), на парламентарните избори во декември 2016 година кога со изборниот штаб раководеше функционер што сега го нарекуваат „преторијанец“, партијата освои 454.253 гласови. 

Две години подоцна, по референдумот и критиките за промената на името кои беа ударна изборна тупаница на партијата, без „преторијанци“ и со еден куп нови советници, ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори освои 319.240. Помалку дури и од локалните избори во 2017 година (335.000 гласови). 

Па, кога играчите се менуваат, а резултатот не се подобрува, сметаат дека треба да се види дали можеби проблемот е кај тренерот. Еден од новите советниците би можел да направи анализа.