Визија и провизија

Нема зијан од соработката меѓу земјите од Отворен Балкан. Дури и таа иницијатива да е само локално вежбалиште на кое ќе се тестираат капацитетите на економската регионална соработка пред идната ЕУ-интеграција, сепaк, подобро е да има каква било комуникација повеќе, отколку помалку.

Винската визија на Отворен Балкан е типичен пример за тоа. Зијан нема, ќар перспективно може да има.

Но, кога светлата на саемот ќе згаснат, секој се враќа во својата реалност. Нашата нè потсетува дека за овдешен, но и за регионален напредок не е доволно да ни се вкрстат само винските патишта, туку и сообраќајните коридори, кои кај нас го бележат најголемиот минус подолг период.

На сите им е јасно дека добрата патна инфраструктура е предуслов за економски развој. Ако ја немаме, странските инвеститори постојано ќе нè заобиколуваат во широк лак, а нема да ја рефлектираме ни очекуваната улога во јакнењето на Отворен Балкан.

Додека да почнат постапките за нови патишта, ќе се дораспаднат и оние изградени во времето на Тито, крпени и прекрпувани по стопати, по цени за кои  можеле да се изградат и нови

Затоа оваа иницијатива е и своевиден поглед во сопственото огледало: остваруваме ли додадена вредност за себе, која ќе биде и наша конкурентска предност? На планот на патната и инфраструктурна поврзаност, значително каскаме зад нашите соседи, кои се членки на иницијативата.

„Македонија мора да ја подобри патната инфраструктура, ако сака економски развој и инвестиции“, ни порача отворено нобеловецот Пол Кругман во јуни годинава. Не мора да си нобеловец да го знаеш тоа. Тој пријателски нè потсети на она што и досега добро го знаевме, ама тешко го применуваме во пракса.

Зошто?

Како држава сме бавни, инертни, а во голем сегмент отсуството на акција е и резултат на апетити и планови со корупциски предзнак – кој да лапне дел од тендерските колачиња.

А додека да почнат постапките за нови патишта, ќе се дораспаднат и оние изградени во времето на Тито, крпени и прекрпувани по стопати, по цени за кои можеле да се изградат и нови. Игри околу тендерски постапки, провизии и други непрележани детски болести, со години ја претвораат нашата инфраструктурна сага во прочитан буквар.

Кога пријателски нè советуваат – поправете ги и изградете патишта, во заднината на тој совет секако постојат и сознанија зошто состојбата ни е ваква, што секако не говори добро за нас. Имајќи ја предвид лошата пракса, секој пропаднат и повторуван тендер за консултант или надзор, во старт буди сомнежи за „други“ мотиви.

Не станува збор само за автопатиштата што се делови од коридорите 8 или 10. Во прашање е и значењето на внатрешниот рамномерен регионален развој, поврзаноста, транспортниот потенцијал, квалитетот на инфраструктурните проекти на локално ниво…

Невремето во Скопје, кое како и сите претходни, одново ги потенцираше слабите точки на градот и супстандардните решенија, кои го наплаќаат својот данок при секој посилен дожд. Се градело и проектирало, ама како?

Има една анегдота за начинот на кој се скенира таа севкупна состојба.

Се најавил инвеститор во посета на еден град/општина, ама во период на нестабилни временски услови. Го убедувале да дојде порано, кога времето сè уште било убаво, ама не го убедиле. На денот кога стигнал, никој и не можел да го пречека, бидејќи биле поплавени улици, подвозниците, објектите, вклучително и приземјето на хотелот каде што престојувал. Заминал следниот ден, оставајќи им на домаќините порака:

„Видов сè што требаше да видам, знам сè што треба да знам.“

Ме потсети на ова невремето во Скопје, кое како и сите претходни, одново ги потенцираше слабите точки на градот и супстандардните решенија, кои го наплаќаат својот данок при секој посилен дожд. Истото важи и за други општини.

Се градело и проектирало, ама како? Стручњаците ќе си кажат.

Инвеститорите ќе ја заокружат нивната слика за нашата „темелност“ нагалено наречена „плукни залепи“. Ние, бегајќи од одговорност, ќе го прокнижиме тоа само на сметка на непогодите, премолчувајќи колку им погодуваме на тие неприлики со нашата површност.

Тоа е „саемот“ што нè прикажува во највистинско светло.

А за вино секогаш ќе има време. Со него за нови проекти ќе наздравуваат тие што навистина биле темелни и со визија, многу повеќе од винската.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија