Никола Груевски е во една работа во право во неговото интервју за Телевизија Нова, тоа дека гласачите не гласале само според рационалните показатели туку и емоционалното влијаело врз нивната одлука. Она во што не е во право е претставувањето на неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, како рационална (односно дека нивните гласачи се рационални), наспроти гласачите на политичките опоненти кои, ете, подлегнале на емоциите, а не на рационалните одлуки. Во оваа смисла, претпоставувам, дека Македонија би била најрационална држава кога сите би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Еве, не мора сите, ама доволно за ВМРО-ДПМНЕ да има 63 пратеника. И непречено да владее со земјата.
Велиме дека е точно оти гласачите своите одлуки ги носеле врз основа на емоционални или некакви други елементи, а не само врз сопственото рационално просудување, но до овој заклучок, се чини, стасуваме од некои сосема спротивни премиси од оние со кои се користи Груевски. Имено, ако немало емотивни и други фактори, тогаш не би ни било можно ВМРО-ДПМНЕ да добие 51 пратеник и цело време надмено да потенцира дека ова им е десетта победа по ред (небаре фудбал играат, а не водат политика).
Колнења во кама и пиштол се некакви традиционални вредности, кои, ако ги изгубиме сега, никогаш повеќе нема да ги стекнеме
Емоциите, освен по говорот на телото, најчесто и најлесно се препознаваат по користениот вокабулар, односно во случајот на политичките партии по нивната реторика. Да не се навраќаме сега од почетоците на ВМРО-ДПМНЕ и поткастрените канџи на орелот, да се задржиме само на последниот период. Груевски вели дека е „фенси“ меѓу Албанците да се биде против ВМРО-ДПМНЕ (а „фенси“ е, нели, емотивна состојба). Кога во предизборната кампања цел еден колективитет се нарекува „племиња“, „Шиптари“, „сечени“…, кога на масовните митинзи се „прават сапуни“, се активираат „гасни комори“,… мислам дека е прилично лесно да се изведе рационален заклучок дека гласачите од тој колективитет ќе бидат „фенси“, поточно против тебе. Ова во случај да си рационален.
Верувам дека Груевски верува оти рационални аргументи во прилог на неговата партија се отворените закани по живот на неистомислениците од страна на јавни функционери и директори на сериозни јавни институции, поставени од неговата партија. Рационално е тепање новинари, насилно бркање новинари и пратеници од Собранието, закани со „покривање со бетонска плоча“ на оние кои не се по ќеиф.
Не, вели Груевски, немало притисоци на претходните избори. Ама не спомнува прикриени и нерасветлени убиства, апсења без никаква смисла, „тефтер“-судии, рекети, уцени… За разлика од тие избори, овие биле нерамноправни, затоа што за опозицијата одработиле некои надворешни сили, моќни и богати (Сорос, ама и некои други).
„Каде се парите?“ не е политичко туку правно прашање, а правните последици можат да се избегнат само преку политичката моќ
Не, нема никаква допирна точка со емоционалната состојба на поединецот (или партијата или група луѓе) да се (само)убедуваш дека моменталната светска консталација е таква што сите моќници се фокусирани на растурање на Македонија. Светските заговори се одамна познат метод на здраворазумско размислување. Така, на крајот од краиштата, размислуваше и Хитлер.
Превладувачкиот вокабулар („предавници“, „изроди“, „подопашници“, „странски платеници“, „заговори“, „ЦИА“…), се разбира, не е ништо ново. Впрочем, мошне јасно и сликовито ме потсетува на едно не толку дамнешно време, некаде кон крајот на 80-тите години од минатиот век, токму пред крвавиот распад на Југославија. Денес постојат повеќе теории за распадот на некогашната држава, поточно за начинот на нејзиното растурање. Има и тука светски заговори, помали и поголеми народи, сфери на интерес итн. Ама има и една која, во некоја лапидарна форма, може да се сведе на прашањето: „А каде се парите?“. Имено, ако должиш големи пари кои не си ги употребил за она за што им била намената, тогаш најлесно е да направиш една катастрофална војна и никој повеќе нема да праша што се случи со парите.
Или, што би рекол Душко Радовиќ, помалите проблеми секогаш се решаваат со поголеми. Се разбира, тогашната комунистичка елита го губеше тлото под нозете, па посегна по национализми, вечни нации, божји предодредености, само да успее да се одржи уште некое време на власт и да ги заштити своите привилегии. „Каде се парите?“ не е политичко туку правно прашање, а правните последици можат да се избегнат само преку политичката моќ. Сите аналогии со актуелната состојба во Македонија се намерни. Како инаку да се сфати пораката дека „ако СДСМ состави влада, ќе има проблеми“.
Не, се разбира дека не предвидувам војна, но воениот вокабулар кој се применува не е за потценување. Ако сакаме да биде рационални. Кога една смена на власт се третира како пропаст на светот, тогаш навистина емотивните фактори решаваат многу повеќе од рационалните. И тука Груевски е во право. Во сопствената емотивност.