Му ѕвони Коле во два по полноќ на Миле да му раскаже виц. Се јавиле Американец, Јапонец, Германец и Кинез на тендер за копање тунел. Американецот побарал триста милиони долари и дал гаранција дека маргината на грешка кога ќе ги спојат двете дупки ќе биде 1,5 метар. На тоа веднаш скокнал Јапонецот, кој рекол дека за триста милиони тие ќе го изградат тунелот со гаранција дека грешката при спојување ќе е најмногу еден метар. На фрлената ракавица од двајцава, одговорил Германецот со понуда од триста милиони и гарантиранција за само половина метар грешка при спојување на дупките. Сите потоа се свртеле кон Кинезот, а тој по кратко размислување кажал дека тие ќе го изградат тунелот за двесте милиони долари. А гаранција, прашал министерот за транспорт. Кинезот размислил кратко и одговорил – видете, ако не успеат да се сретнат двете екипи, ќе си добиете два тунела за истите пари.
Откако Коле престанува да се смее лудачки на сопствениот виц, настанува целосна штама на двете страни од линијата. Непријатната тишина ја прекинува Миле:
– Претседателе, стар е вицов.
– Стар е, а? – се слуша по некое време Коле.
– Да.
– А бе, слушај, јас уствари за тоа и ти се јавиив. Да ти кажам дека не било виц. Жутиве го утнале автопатот.
– И шо че прајме сеа?
– Е па сеа че си ја трошиме провизијата на адвокати и судии.
– Че биди пиштење, вриштење… – вели Миле и ја затвора слушалката.
Добро, ќе добиеме два автопата Охрид-Кичево, што има тука лошо? И тоа за иста провизија
На толку градежни инжинери во државава, единственото логично објаснување за дебело промашената траса ми е дека ја цртал археолог. Паско Кузман можеби. Во надеж дека со едно копање, ќе утепа две муви – ем ќе излезе тунелот некаде во близина на Охрид, плус-минус, во секој случај на потегот помеѓу Струга и Струмица, ем може ќе го најде гробот на Алекандар Македонски. За истите пари.
Во дипломатски кругови се зборува дека на вчерашната средба на македонскиот и на бугарскиот премиер во Софија, кога двајцава се договарале во Бугарија да се именува пат по името на покојниот македонски претседател Борис Трајковски, додека во Македонија реципрочно – по името на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев, Бојко Борисов на колена го молел Зоран Заев по Желев да се именува улица, не автопат.
А во контекст на затоплувањето на односите на Скопје и Софија и на споменатиот Александар Македонски, имам предлог – покрај реципрочното именување улици и заедничкото чествување историски празници, за да ги разбиеме стереотипите едни за други, предлагам и заедничко раскажување вицеви. Не сте свесни колку прецизна скица од славната македонска историја последниве десет години има во бугарските вицеви. Овој ми е најдобар: „Македонски археолози откриха шлема на Александър Македонски. Радостни, те копаха още 4 часа и намериха и мотоциклета му!“
Добро, ќе добиеме два автопата Охрид-Кичево, што има тука лошо? И тоа за иста провизија. Па, да беше Коле расипан ко што не е, сега наместо во два по полноќ да му ѕврцка на Миле, ќе им се јавеше на Кинезите и ќе им плеснеше по телефон: А за вториов автопат, камо провизија?
Навистина нема што да му се замери на Коле. Тој е сепак економист, не инженер. И тоа одличен економист. Најдобар доказ за тоа е неговата партија. ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година го достигнала врвот во последниве години во однос на висината на приходите – дури 4,2 милиони евра легнале како приход на сметката на партијата, покажуваат податоците од Централниот регистар. Партијата ги зголемила своите приходи речиси двојно во однос на 2015 година.
Не е финтата – земи провизија и троши ја. Паметен економист инвестира во недвижнини, плацеви, ниви, канцеларии, ги врти, ги оплодува парите. За да биде успехот на Коле поголем, тој овие економски резултати ги постигна со само четворица вработени во партијата. Замислете колку милиони ќе направеше да вработеше сто души во партијата. Не дека не сакаше, ама се нема луѓе. Невработеноста е на историски најниското ниво во Македонија. Со други зборови, кој ти доаѓа да работи во партија, кога може да си работи во кол-центар во Бунарџик за десет илјадарки.
Не е ни чудо што и по две недели власт платите се на исто ниво како пред 14 дена, автопатите се измрдаа, а и проблемот со депониите останува нерешен
До неодамна владејачката партија, според пријавените приходи, би можела да влезе во групата најуспешни компании во земјава. Ете зошто Коле бара Зоки да си даде неотповиклива оставка во СДСМ. Затоа што е неспособен лидер. Неговите приватни фирми прават огромни профити, додека приходите на СДСМ изнесуваат бедни 1,2 милиона евра. Ништо не разбира овој Зоки, треба обратно – наместо тој со своите фирми да ја финансира партијата, треба партијата да ти ги финансира твоите фирми. Ама треба да ти текне. Треба да си бизнисмен, дил-ориентед.
Заев треба под итно, поточно час поскоро, да си поднесе оставка и на местото премиер. Како, бе, некој што не е способен да стопанисува со партија, ќе води цела држава. Не е ни чудо што и по две недели власт платите се на исто ниво како пред 14 дена, автопатите се измрдаа, а и проблемот со депониите останува нерешен.
ВМРО-ДПМНЕ со право реагира со по неколку преса дневно за депониите и бара вонредни седници на Собранието. Тие отсекогаш негувале здрав и чесен однос кон ѓубрето. Еве Дрисла на пример. Ја дадоа на странски инвеститор, додуша малку сомнителен и без искуство во работа со ѓубре (се мисли на отпад, не на карактерни особини), и таа веднаш почна да прави профит. Профитот на „инвеститорот“ ФЦЛ Амбиенте уште првата година од стопанисувањето со Дрисла пораснал од 28.000 евра на 120.000 евра.
Со други зборови, политиките на ВМРО-ДПМНЕ беа депониите да работат со профит, а да ја потпалуваат државата. Почетокот на Заев не е ветувачки и има сосема обратна логика – државата да работела со профит, а му ги потпалуваат депониите. Не бива така, друже Зоки. Затоа, оставка веднаш! Да, час поскоро.
И што е сега ова со името? Како ќе менуваме име со нерешени депонии? Како бе ќе влегуваме во НАТО и ЕУ со нерешени депонии?
Сигурен сум дека ВМРО-ДПМНЕ по којзнае кој пат ќе застане на браникот на македонските национални интереси и децидно ќе го одбие предлогот „Вардарска Македонија“. Но, за „Вардариште Македонија“ веќе би размислиле…