Анализи

ВМРО-ДПМНЕ со рекордни приходи во 2016

Дури 4,2 милиони евра легнале на сметката на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, четири пати помалку на сметката на СДСМ, а ДУИ имала најниски приходи од 378 илјади евра

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година го достигнала врвот во последниве години во однос на висината на приходите – дури 4,2 милиони евра легнале како приход на сметката на партијата, покажуваат податоците од Централниот регистар. Партијата ги зголемила своите приходи речиси двојно во однос на 2015 година.

СДСМ остварила приходи кои се за четири пати пониски од оние на ВМРО-ДПМНЕ, односно приходите изнесуваат 1,2 милиони евра, додека најниски приходи имала ДУИ, нешто над 378 илјади евра, најниска сума во последните три години.

За разлика од останатите години, кога од Централниот регистар се добиваше документ од кој можеше да се види од каде потекнуваат приходите (донации, закупнини и сл.) годинава на истиот вид документи не може да се види потеклото на приходите.

Ова се пари кои легнале на сметките на партиите, не земајќи ги предвид сметките, односно донациите кои се собираат за време на изборите.

Споредувајќи  со листата на 200-те најпрофитабилни компании во Македонија што ја прави неделникот Капитал, може да се види дека приходи од 4 милиони евра, какви што има поранешната владејачка партија, имаат голем број успешни компании во земјава од областа на информатичката технологија, градежништвото, текстилната индустрија, трговијата со автомобили. Со други зборови, до неодамна владејачката партија, според пријавените приходи, би можела да влезе во групата најуспешни компании во земјава.

Токму начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ се стекнувала со приходи се најде на тапет на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое минатиот месец отвори истрага со назив „Талир“. Според СЈО, првоосомничениот Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, од 2009 до 2015 година, прифатил незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра.

До неодамна владејачката партија, според пријавените приходи, би можела да влезе во групата најуспешни компании во земјава

Истрагата е насочена кон сомневањата дека раководството користело различни начини за овие пари да се „исперат“, односно легално да се внесат во партијата. Дел од 14-те осомничени се теретат дека ваквите донации ги прикажувале како легални уплати преку жиро сметка, односно како членарини и донации за партијата. Предистражната постапка покажала дека 14-те осомничени со парите купувале недвижен имот, биле подмирувани тековни обврски на партијата, а се трошело и за хотелски и ресторански услуги. Со овие средства, биле склучени и 71 договори за купување недвижен имот, вели СЈО за случајот „Талир“.

Најбогатата партија со најмалку вработени

Иако има најголеми приходи, ВМРО-ДПМНЕ има најмалку вработени луѓе во партијата. Ако во 2014 година имало само еден вработен, во 2016 година бројката на вработени изнесува 4 лица.

Вработени во ВМРО-ДПМНЕ се Јанкулоска, Протоѓер, Јанакиески и Котевски

БИРН веќе пишуваше дека постојано вработени во партијата минатата година биле поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, портпаролот Иво Котевски и Јохан Тарчуловски. Минатиот месец медиумите објавија дека партијата добила уште еден вработен, Мартин Протоѓер, долгогодишен шеф на кабинет на Никола Груевски. Во меѓувреме Тарчуловски стана пратеник, што значи дека во партијата годинава повторно се вработени само четворица. 

И во ДУИ, исто како и во ВМРО-ДПМНЕ, минатата година биле вработени само четири лица, додека во СДСМ има 30 вработени.

Со оглед на тоа што Централниот регистар од прегледот на податоци од годишната сметка ги отстранил сите дополнителни графикони кои се однесуваат на приходите и трошоците, не може да се види колку пари партиите издвојуваат за плати на вработените во партиите. Единствен показател е анкетниот лист за имотната состојба на Влатко Илиевски, кој пријавил дека неговата сопруга Гордана Јанкулоска зема плата од 63 илјади денари од сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Се очекува дека истрагата на СЈО за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ се стекнувала со приходи ќе трае долго време и дека нема да се најде во обвиненијата што треба да се поднесат до крајот на месецов, кога на СЈО му истекува рокот за поднесување обвиненија.