Регион

Косово: Изложба посветена на децата убиени во војната

Изложбата „Некогаш одамна и никогаш повторно”, поставена во знак на сеќавање на 1.133 деца, убиени за време на војната во Косово, 1998-2000 | Фото: Фонд за хуманитарно право Косово

Блерта Бегишоли, Валон Фана, Приштина

„Некогаш одамна и никогаш повторно”, е називот на изложбата на лични предмети, приказни и фотографии, отворена во Приштина, посветена на децата убиени во војната во Косово.

На изложбата, која во организација на Фондот за хуманитарно право (ФХП) Косово, беше отворена во понеделникот, се изложени лични предмети, како тетратки, ученички книшки, облека, обувки, училишни чанти, играчки, фотографии и кратки приказни, кои евоцираат сеќавања на убиените деца во Косово, помеѓу 1998 и 2000 година.

Енвер Дуриќи, чии две ќерки и двајца синови биле убиени во Подуево, во март 1999 година, е еден од членовите на семејствата присутни на отворањето на изложбата.

„Најмладиот имаше 21 месец, а најстариот 9 години”, се присетува Дуриќи низ солзи, држејќи ја книшката со оценки, на својот најстар син.

Мејреме Келменди, чии деца биле убиени во војната, дојде од Ѓаковица, за да ја види изложбата.

Таа истакна дека сеќавањето на деталите на смртта на нејзините два сина, Бесим (12) и Хаџиј (10), ѝ создаваат болка.

„На изложбава го има ќебето со кое ги покривав моите деца”, вели таа.

„Ќе беше подобро куршумите мене да ме погодија, а не моите деца … тогаш немаше овде да ги гледам нивните фотографии”, потенцира таа.

Во војната во Косово, убиени се вкупно 1.024 деца, а 109 сé уште се водат за исчезнати, објави ФХП Косово.

Изложбата, поставена во библиотеката „Хивзи Сулејмани“ во Приштина, ќе биде отворена за посетителите до мај 2020 година.

Фото: Фонд за хуманитарно право Косово

Слика на Албан Кукај, момче убиено во војната во Косово | Фото: Блерта Бегишоли

Патики на момче, кое во април 1999 година, во селото Нагавце, било убиено со своите сестри и девет други деца | Фото: Блерта Бегишоли

Деца од албанска националност плачат пред куќата во која биле убиени Аслан Гаши (26) и неговата сопруга Мерита (23), заедно со уште една жена, во мај 1998 година | Фото: Блерта Бегишоли

Изложбата „Некогаш одамна и никогаш повторно” во Приштина |Фото: Фонд за хуманитарно право Косово