Вести

Македонија гласа на референдум

Поради високиот цензус на референдумот му претходи и го следи голема неизвесност и драматична поделеност | Фото: БИРН архива

Денеска, со заокружување на „за“ или „против“, гласачите во Македонија одговараат на прашањето: „ Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“.

По своето значење, овој референдум многумина го споредуваат со референдумот за независност на Македонија, а поради високиот цензус нему му претходи и го следи голема неизвесност и драматична поделеност. Спротивставените табори  заговараа излез и гласање „за“ или, пак, повикуваа на бојкот, додека кампања „против“ немаше, што укажува дека главната борба се води за цензус.

Државната изборна комисија соопшти дека избирачкиот список е заклучен на бројката милион 806 илјади 336 гласачи, што значи дека за да биде успешен по затворањето на гласачките места, до ДИК треба да пристигнат 903 илјади 168 гласачки ливчиња, а од нив на повеќе од половината да биде заокружена опцијата „за“. 

Процесот на изјаснување го следат речиси 12 илјади домашни набљудувачи. Покрај вообичаените организации што следат избори за мониторирање на процесот се пријавени и невладини здруженија, како што се: „Македонска платформа против сиромаштија“, Движење за социјална правда „Ленка“, здружение за граѓански политики и иницијативи, Национален ромски центар и други.

Референдумот го следат и речиси 500 странски набљудувачи. Покрај ОБСЕ и странските амбасади, свои набљудувачи имаат и Светски македонски конгрес, Државната изборна комисија на Турција и други. Во ДИК се акредитирани и над сто новинари од 25 странски медиуми.

Гласањето се одвива на 3.480 гласачки места во Македонија.