На две недели до јунскиот самит на Европската Унија, на кој постоеше можност Софија да го тргне ветото за македонските европски интеграции, лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов одлучи да ги повлече своите четворица министри од владата. Меѓу причините е и односот на Петков кон македонското прашање.
Трифонов го обвини Петков дека води самостојна надворешна политика различна од таа на Министерството за надворешни работи. Премиерот има уште еден министер за надворешни работи, рече Трифонов, посочувајќи ја советничката на Петков, Весела Чернева.
Според лидерот на „Има таков народ“ премиерот најавил дека ќе го укине ветото за Македонија. Трифонов вели дека Кирил Петков еднострано го прекршува потпишаниот коалициски договор.
Објавата на Трифонов следува два дена по телефонските разговори на францускиот претседател Емануел Макрон со бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Кратко по видеообраќањето на Трифонов, премиерот Кирил Петков рече дека се подготвени за малцинска влада.
„Малцинска влада во овој случај е подобра отколку една влада на која се обидуваат да ѝ ги свиткаат рацете“, посочи Петков.
Бугарското собрание има 240 пратеници, што значи дека за мнозинство се потребни 120. Досега владината коалиција, која е составена од четири партии, имаше 134 пратеници. Од нив 67 се од партијата на Петков „Продолжуваме со промената“ и 16 од Демократска Бугарија, Бугарската социјалистичка партија има 26 пратеници, а „Има таков народ“ 25 пратеници. Со излегувањето на партијата на Трифонов, коалицијата ќе има недоволни за владеење 109 пратеници.
Најбројни опозициски гласови во бугарското собрание се од ГЕРБ, партијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. Тие имаат 59 пратеници. Втора по бројност е „Движење за права и слободи“, кои имаат 34 пратеници, а најмала е партијата Обнова, која има 13 пратеници.
Досегашните политички позиционирања и по други прашања не само за македонското го чини речиси невозможно коалицирањето со опозициските партии. Продолжуваме со промената излезе како партија по протестниот бран против владата на Борисов, со ДПС се во чест конфликт, особено околу антикорупциската политика, а Обнова е проруска партија, која организира протести против владеењето на Петков.
Петков денеска рече дека верува дека ќе има некои пратеници од „Има таков народ“ што ќе сакаат да дадат поддршка на антикорупциската политика што тој најави дека ќе ја води. Инаку, покрај за Македонија, владината коалиција деновиве имаше несогласувања и за буџетот.
Своевидна директна најава за зголемените несогласувања беше и денешната владина седница, на која министерот од ИТН побарал дополнителни средства од буџетот за транспортни компании, кои во последните години биле истражувани за незаконски дејства. По несогласувањата министрите од ИТН ја напуштија седницата.