Македонската компанија Сајтрокс од денеска се најде меѓу фирмите со кои Соединетите Американски Држави им забрануваат на своите компании да тргуваат „оти претставуваат закана за националната безнедност и интересеите на американската надворешната политика“, објавија Вашингтон пост и Ројтерс.
Покрај македонската Сајтрокс на списокот се и други три компании поврзани со развивање на шпионски софтвер. Се работи за компаниите Интелекса Лимитед базирана во Ирска и нејзината филијала од Грција и Сајтрокс Холдинг од Унгарија.
Вашингтон пост, повикувајќи се на високи претставници од админстрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, кои зборувале со новинарите под услови на анонимност, пишува дека одлуката е дел од тековните напори за справување со ширењето и злоупотребата на комерцијален шпионски софтвер.
Овој потег, според истите извори на американските медиуми, е силен сигнал за оние кои користат шпионски софтвери како и за целата таа индустрија.
Во декември 2021 година канадската невладина организација Ситизен лаб и компанијата Фејсбук објавија глобален скандал за сајбер шпионирање. Тогаш беа издвоени седум компании чии услуги биле користени за сајбер-шпионирање меѓу кои и една македонска.
Се започна откако софтверот на „Сајтрокс“ наречен Предатор беше пронајден во мобилните на Ајман Нур, опозициски лидер од Египет – кој живее како азилант во Турција и на еден египетски новинар. Двајцата забележале дека телефоните необично многу им се загреваат и ги известиле Ситизен лаб.
Истражувањето на БИРН во декември истата година откри дека улогата на македонската ИТ-фирма „Сајтрокс“ во глобалниот скандал со сајбер-шпионирање, не е авантура на локални лукративци.
Напротив, сознанијата до кои дојдовме укажуваа дека „Сајтрокс“ е дел од групација вредна милиони, која нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции.
Групацијата ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел и главно соработуваат со влади на различни држави.
Во тоа време македонскиот „линк“ со скандалот беше 30-годишниот Иво Малинковски, чие што најтесно семејство , покрај познатите ресторан и винарија „Камник“, ја поседува и ја води фирмата за трговија со воена опрема и со оружје „Микеи-интернационал“.
Малинковски веќе не е управител во македонската Сајтрокс од октомври 2022 година. Сега управител на таа компанија е Силвиа Јастрзебска.
По Египет, најголеми бранувања на политичката сцена овој шпионски софтвер предизвика во соседна Грција. Владата на актулниот премиер Константин Мицотакис лани беше посочена дека преку софтверот Предатор шпионирала новинари и политичари, а тамошната полиција вршеше претреси во компаниските канцеларии.
Мицотакис негираше дека владата има врска со скандалот, меѓутоа по него оставки поднесоа шефот на тајната полиција, Панајотис Контолеон, и генералниот секретар на владата, инаку внук на Мицотакис, Григорис Димитријадис. Европскиот парламент формираше и комисија за истражување на скандалот.