Помеѓу 70 и 78 милиони евра годишно. Така гласи одговорот на прашањето, колку пари на име субвенции им исплаќа државата на физички лица, земјоделци кои не се регистрирани како фирми. Веднаш да појасниме, вистинската сума веројатно е за нијанса повисока. Бројките што ви ги презентира БИРН во базата на податоци за субвенции за земјоделствотосе однесуваат на мерката 1 и мерката 2 од годишната програма за поддршка на земјоделството, односно за растително и сточарско производство на кои се делат околу 96% од парите за субвенции.
Но, што значи бројката од 70 до 78 милиони евра годишно за субвенции на обичните земјоделци? Како збирна сума, за почеток, тоа значи многу пари за македонски услови. Податокот добива нова вредност ако споредиме со колку пари се субвенционираат фирмите кои работат со земјоделство.
Споредба на исплатени субвенции за физички и правни лица (во евра)
Од табелава не е тешко да се донесе заклучок. Од секои 1.000 денари за субвенции кои се одвојуваат од Буџетот, помеѓу 790 и 860 денари биле наменети за физички лица. Или сојазикот на математиката од купно 446 милиони евра субвенции од 2010 до 2014, кај обичниот земјоделец завршиле над 370 милиони, а остатокот од околку 75,5 милиони евра ги добиле правните субјекти. Се разбира, овие 370 милиони евра не завршиле кај еден земјоделец.
Субвенции добиваат околу 100–тина илјади граѓани годишно
Иако до евро и до назив ви презентиравмекоја фирма колку пари добила на име на субвенции, такво нешто не е возможно да направиме и со физичките лица. Причината, во основа, лежи во Законот за заштита на личните податоци.
Кога ја побаравме целата база од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој за тоа кој колку субенции зел, тоа го сторивме во неколку документи. Едните барања се однесуваа за физички лица, другите за правни лица. За фирмите, ги добивме сите исплати по година и по мерка, заедно со името на компанијата која добила субвенции и нејзиниот даночен број. Токму преку даночниот број, можевме да провериме чии се тие фирми и дали има некаква поврзаност меѓу некои од нив.
За физичките лица, исто така добивме на кое физичко лице колку пари му се исплатени, за која мерка и за која година. Но, освен името и презимето, Агенцијата не ни даде и податок каде живее тоа лице, во која општина работи со земјоделие или друг личен податок. Тие генералии, според Агенцијата, би го нарушиле Законот за заштита на личните податоци.
Сите податоци за физичките лица се достапни овде
Така на располагање ни беа ставени околку 25.000 страници како на сликата погоре. Зависно од големината на фонтот и табелата, на секоја страна беа прикажани по 30-тина поединечни исплати. Вкупно, за сите години пред себе имавме нешто повеќе од 808.000 решенија за исплата на субвенции на физички лица. Но, тоа не значи и дека субвенции добиле над 800.000 различни земјоделци.
Секое решение е исплата за едно лице, но само за по една мерка. Низ пример, ако земјоделец во една година обработувал нива, дел со житни, дел со раноградинарски култури, тогаш тој ќе бара владини пари по барем три основи: за засеана површина, за житната култура и за раноградинарската култура. Како резултат на тоа, неговото име и презиме ќе се појави три пати на листата добитници на субвенции, посебно за секоја мерка.
Така, на листата имиња и презимиња кои добиле субвенции има многу такви кои се повторуваат. Без дополнителни информации како што е адреса, матичен број или општина не можевме да знаеме дали тоа е едно исто лице или пак се работи за различни лица кои случајно имаат иста комбинација на име и презиме.
Пластично објаснето, низ уште еден пример, ако за петте години од 2010 до 2014 како добитник на субвенции 14 пати се јавува, на пример, Ристе Јаневски, ние не можеме да знаеме дали е тоа истото лице или пак 14 сосема различни лица. Едноставно, можно е и едното и другото, како што е можно да станува збор за неколку лица кои добиле пари по неколку различни подмерки.
Врз основа на ова, не е можно да се каже колку точно поединечни физички лица годишно добиваат субвенции. Може само да се прецизира, со колку решенија за исплата се даваат средства на „обичните“ земјоделци.
Број на решенија за исплата на субвенции по години
Ако во оваа математика додадеме дека пред УЈП во 2014 година 143.000 граѓани пријавиле земјоделство како дополнителна дејност и уште 16.500 дека тоа им е основна работа, слободно може да се процени дека годишно субвенции добиваат повеќе десетици илјади лица.
По Атанас Атанасов, Ристо Ристов. По Ристо Ристов, Стојан Стојанов…
Објаснувањето за тоа зошто не е можно да се утврди кое физичко лице добило пари за субвенции е важно затоа што анализата на самите имиња и презимиња, во најмала рака даде чудни резултати. Имено, кога сите имиња и презимиња во базата ги подредивме според тоа која комбинација најчесто се појавува, излезе дека топ 5 најчести имиња и презимиња на добитници на земјоделски субвенции во Македонија се:
Најчесто име и презиме на физичко лица кое добило субвенции од македонската Влада е Атанас Атанасов. Во периодот од 2010 до 2014, тоа се појавува како примател на пари во 273 случаи. Следи Ристо Ристов, име и презиме која се повторува 262 пати. Третна листата е Стојан Стојанов, со 248 исплати. Потоа е името и презимето Ванчо Стојанов со 230 појавувања и веднаш зад него Јован Јованов со 228.
Најчестите имиња на добитници на субвенции не се и најчести според Заводот за статистика и Избирачкиот список
Првото што го направивме во обид да откриеме што се крие зад земјоделскиот феноменен на Атанас Атанасов, Ристо Ристов, Стојан Стојанов… е споредба со податоците на Заводот за статистика. Оттаму побаравме листа на пет најчести комбинации на име и презиме во Република Македонија. Бидејќи, ако тоа се навистина најчестите имиња и презимиња во земјава или барем меѓу најчестите, нема ништо чудно ако се и најчести добитници на субвенции.
Од Заводот ни пратија одговор, но посебно за најчестите имиња, посебно за најчестите презимиња. Ниту едно име или презиме не се совпаѓа со најчестите добитници на субвенции.
*извор ДЗС, состојба 31.12.2015
Како многу корисен за пребарување се покажа и електронскиот избирачки список кој неодамна го објави Државната изборна комисија. Таму пак, не можевме да провериме кои се најчести комбинации на име и презиме, но можевме да го „тестираме“ системот според најчестите имиња и презимиња добиени од Заводот за статистика. Поточно, по слободен избор прво направивме пет комбинации, според претходните податоци од ДЗС.
според е-избирачки список
Потоа проверивме, колку пати во избирачкиот список се појавуваат најчестите комбинации на име и презиме на добитници на субвенции.
според е-избирачки список
Споредбата покажа дека Атанас Атанасов, Ристо Ристов, Стојан Стојанов не се најпопуларни комбинации на име и презиме во Македонија. Но истовремено, избирачкиот список покажа и дека вакви комбинации на име и презиме имаат по околку 100-тина различни граѓани во Република Македонија.
Со други зборови, теоретски нема ништо спорно ако комбиницијата Атанас Атанасов се јавува како добитник на субвенции 60-тина пати годишно. Но сепак останува дилемата, зошто баш Атанас Атанасов, Ристо Ристов,.. а не Александар Стојановски или Зоран Николовски?
Агенцијата тврди: Атанас Атанасов и сличните се чести во земјоделските региони
За „случајноста“ се разбира прашавме и во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, која ги исплаќа субвенциите. Оттаму појаснија дека, на пример, Атанас Атанасов е исклучително често комбинација на име и презиме во Југоистична Македонија каде што голем дел од населението работи земјоделие.
„Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (Агенцијата) за секој подносител на барање ги проверува следниве податоци:
- Општи податоци (име и презиме, ЕМБГ/ЕДБ, адреса на живеење) од Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
- Дали бројот на трансакциската сметка кореспондира со ЕМБГ/ЕДБ
Врз основа на овие проверки отстранети се сите можности за исплата на средства на „фиктивни баратели“. Само како пример, името Атанас Атанасов кое е едно од посочените имиња од Ваша страна, во базата на баратели се појавува со 28 различни ЕМБГ, што значи дека постојат 28 различни лица со кои го носат името Атанас Атанасов, а се корисници на финансиска поддршка“ ни одговорија од Агенцијата.
Атанас Атанасов популарен кај полјоделците, но не и кај сточарите
Дополнителната проврка во избирачкиот список оди во прилог на одговорот на Агенцијата. Најголем дел од Атанас Атанасовците, на пример, живеат во Овчеполието или во Струмичко.Но, од податоците од исплатените субвенции ни остана да посочиме на уште неколку интересни факти поврзани со физичките лица.
На пример, ако ги поделиме субвенциите кои ги добиле физичките лица, според намената се забележува битна разлика. Атанас Атанасов, Ристо Ристов, Јован Јованов остануваат најчести комбинации, но само кај оние што добивале субвенции за обработка на земја, односно кај мерката 1. Кај мерката 2 (сточарско производство) ситуацијата е поразлична.
Таму најчести комбинации се Миле Стојановски, Зоран Николовски и Ванчо Горгиев, односно не се забележува феноменот на исто име со презиме. Со мал исклучок на граѓаните од албанска националност каде Идриз Идризи, Беџет Беџети, Реџеп Реџепи се меѓу 20-те најчести имиња на сточари. Тука сепак мора да кажаме дека бројот на лицата кои добиле субвенции од мерката 2 е далеку помал од оние кои добиваат пари по мерката 1.
Ако пак ги разгледуваме имињата низ годините, повторно се забележуваат разлики во низите на податоци. На пример, првиот на листата Атанас Атанасов се појавува секоја година од 2010 до 2014, во барем 48 решенија за исплати годишно. За споредба, кај третиот на листата, Стојан Стојанов, тоа не е случај. Во 2010 имало 26 решенија за исплата на субвенции под оваа комбинација на име и презиме. Веќе следната година нивниот број пораснал на 57 и потоа никогаш не се спуштил под 50.
Со доза на хумор, заклучокот е дека Стојан Стојановците задоцниле зад Атанас Атанасовците.