На само 2 километри од магистралниот пат Дебар – Маврово – Скопје, во утробата на Општина Маврово Ростуше е скриено планинското село Жировница, второ најголемо во Националниот парк „Маврово“. До него се стигнува преку неверојатно зеленило низ кое ве следи гласниот жубор на Таироска Река.
За 3.300 луѓе што останале да живеат тука и да ги уживаат придобивките на природата, реката е симбол за живот.
Аднан Салиу и Анес Ахмети се родени и повеќе од четири децении живеат во Жировница со своите семејства. Првиот – локален угостител, вториот – наставник, двајцата соселани имаат голема љубов за родниот крај, кои на своите синови сакаат да им го остават недопрен.
Таму каде што тие гледаат зеленило, моќниците гледаат пари. Пред десетина години, бизнисот му удрил мерак на овој крај
„Жировница е рај на земјата“, ни вели Ахмети, не криејќи ја страста што ја чувствува за местото.
Но, од 2015 година, и Салиу, и Ахмети ги мачи истата мисла – ќе трпи ли нивната недопрена природа на сметка на богатењето на неколкумина?
Таму каде што тие гледаат зеленило, моќниците гледаат пари. Велат дека од пред десетина години, бизнисот му удрил мерак на овој крај.
Еколозите велат дека постојниот хидроенергетски систем „Маврово“ веќе ја загрозува природата, а владата одобри, или планира да одобри уште 20 „мали“ нископроизводни хидроенергетски проекти. Меѓу нив се и двете во Жировница.
Населението таму се надева дека ќе го повтори успехот на селаните и невладините во случаите на „Бошков мост“ и „Црн камен“ од 2010 година, мали хидроцентрали, кои добија зелено светло и за кои беше обезбедена и меѓународна финансиска помош.
Како што се приближувал моментот за носење механизација кон обележаните места, така населението дознавало за намерите и го кревало гласот. Правеле блокади, излегувале пред медиумите, барале средби со властите, најмногу поради тоа што, како што велат, воопшто не биле консултирани, ниту, пак, известени за плановите.
Во 2011 година побарале помош и од невладините организации. Неколку се одѕвале на повиците на селаните и се мобилизирале. И така заедно ја почнале борбата за зачувување на Националниот парк „Маврово“.
Многу жалби и многу тужби се испишани, многу повикувања на примена на Конвенцијата за заштита на европскиот див свет и природни живеалишта „Бернската конвенција“, и на национално, и на меѓународно ниво, за да се постигне првиот успех.
Но, победата за овие две места значела почеток на битката за други. Во владиниот план е запишано и името на Таироска Река, на која е предвидено да никнат малите хидроцентрали Жировница 5 и Жировница 6
Во декември 2015 година, Светска банка се повлекува од проектот „Луково Поле“, а две години подоцна, и Европската банка за обнова и развој го прекинува финансирањето за „Бошков мост“.
Но, победата за овие две места значела почеток на битката за други. Во владиниот план е запишано и името на Таироска Река, на која е предвидено да никнат малите хидроцентрали Жировница 5 и Жировница 6.
„Се слушаа гласини низ селото, но во 2017 година, инвеститорот првпат нѐ викна на неформален состанок“, вели Анес Ахмети.
Пред состанокот биле само селски муабети, но добиле на сериозност кога се разбрало оти неколку жители веќе продале ниви на местото каде што треба да помине механизацијата на компанијата што треба да гради.
Малку муабет за планот на инвеститорот, повеќе за сумата што ќе ја добијат ако го отуѓат земјиштето и работата се завршила набрзина. Кога почнало да се дознава, документите веќе биле заверени на нотар.
„На сите ни требаше време да сфатиме што се случува, кои се плановите и што можеме да изгубиме“, вели Салиу, кој е убеден дека неговите соселани сега се подготвени дури и да ги вратат парите назад, само да нема никакви интервенции на нивната река.
Ахмети и Салиу, како членови на Месната заедница, отишле на неформалниот состанок со инвеститорот. Горко било кафето со гостинот за жителите на Жировница откако го слушнале планот.
„Првото нешто што го побаравме беше документацијата. При првиот увид забележавме дека местото на кое се планира првата акумулација е во зона на строга заштита. Уште поголем проблем беше тоа што е планирано да се изгради на местото викано Соспа. Тоа на наш дијалект значи – лавина“, вознемирено раскажува Ахмети.
Тој низ годините се сеќава дека на ова место, при поголеми врнежи на снег, се создавале лавини, па оттаму ја гледа нелогичноста токму овде да се гради каква било градба, која би можела да биде оштетена и уништена при првиот посилен снег.
„Загрижени сме затоа што ги зафаќаат изворите на Мала Планина, од каде што користиме вода за пиење. Тоа значи дека 700 семејства ќе останат без капка вода! Тоа е како да си извршиме самоубиство.“
Шокот се зголемувал како што продолжувале да ги читаат документите. Местото што за нив значи живот, некој го кроел со флоскули за кои се сомневаат дека биле копирани од други студии за други локации.
„Во документот за изградба на мала хидроцентрала 6, на страна 66 стојат пасуси на српски јазик, за петката на страна 68 стојат пасуси на српски јазик и ова ни дава за право да мислиме дека самите елаборати се правени во канцеларија, препишани од некаде и не соодветствуваат ниту со состојбите на теренот, а најмалку со количеството вода на самите извори во тоа место“, ни кажа Ахмети.
Реализацијата на планот, на навидум пријателски настроениот инвеститор, за жителите значело сериозен проблем за понатамошниот живот во Жировница.
„Загрижени сме затоа што ги зафаќаат изворите на Мала Планина, од каде што користиме вода за пиење. Тоа значи дека 700 семејства ќе останат без капка вода! Тоа е како да си извршиме самоубиство“, вели Салиу.
По многубројните протести, во 2019 година се одржала и јавна дебата на која присуствувал градоначалникот, претставник од НП Маврово, членови на месната заедница и адвокатката на компанијата-инвеститор. Сега немало ниту чај, ниту кафе, зашто по две години надмудрување, блокади, документи, правилници и закони, работите и ставовите на двете страни биле многу појасни.
Жителите од Месната заедница не попуштале пред недоследностите што ги увиделе како замка на инвеститорот, а адвокатката останала на ставот дека документацијата е „чиста“, а намерите добри.
Страната на селаните ја зајакнале и претставниците на Општината и на Националниот парк, кои застанале со нив, но дозволата за изградба не успеале да ја поништат, туку само да ја одложат до 2023 година, кога инвеститорот ќе треба да добие позитивно мислење за да почне да се гради.
„Ни ветија дека нема да дадат позитивно мислење ниту во 2023 бидејќи тоа е во строго заштитена зона“, убеден е Салиу, „ние ќе си ја браниме земјата зашто ќе немаме вода за пиење, ќе немаме ни струја! Ќе ни го запустат селото! Тоа се само лични интереси, селаните и сета наша природа немаат никаква корист“.
Жителите од Месната заедница не попуштале пред недоследностите што ги увиделе како замка на инвеститорот, а адвокатката останала на ставот дека документацијата е „чиста“, а намерите добри
Ахмети и Салиу се вознемирени, но и убедени дека ова е црно сценарио за нивниот крај. Колку се оправдани и дали се предимензионирани ваквите грижи?
Од невладината „Еко свест“ велат дека недовербата на населението е, пред сè, поради веќе постоечките зафати на други реки со истата цел. Имено, тие подразбираат еден дел од реката, во горниот тек, да се зафати и да се стави во цевка и многу километри подолу да се носи до турбината.
„На терен, тоа значи суви речни корита, оневозможување на нормалниот тек на реката, загрозување на биодиверзитетот, уништување на природата за изградба на пристапни патишта, кои потоа овозможуваат криволов и сеча, промена на геоморфологијата на теренот, ерозија… Сè се ова огромни загуби за природата и животната средина“, ни вели Ѓорги Митревски од „Еко свест“.
Неговата организација е веќе со години место каде што се адресираат селските маки откако некој амбициозен инвеститор ќе изгради мала хидроцентрала во зелен крај. Таков е случајот и со жителите на тетовско Теарце.
Жедни покрај вода
Кога во 2013-та почнувала изградбата на мали хидроцентрали во нивниот крај, жителите на Теарце не ни помислувале дека токму ваквите зафати ќе им ја загрозат егзистенцијата во родното место. Не се противеле зашто верувале дека државата има строги критериуми за инвеститорите, а нивното место ќе има бенефит.
Тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини и градоначалникот Хисен Хасани јавно убедуваа дека трите хидроцентрали на Бистрица ќе ја заживеат локалната економија.
Девет години подоцна, нема радост и возбуда за инвестицијата од 22 милиони евра.
Две години по изградбата на трите акумулации на Бистрица, во истражување на „Бенквоч“ (Bankwatch) стои дека мониторингот на сите 73 мали хидроцентрали во земјава е слаб, при што локалните заедници најмногу се жалат на целосното пресушување на водата во реките
„Како граѓани од регионот, немаме никаква директна корист од хидроцентралите“, вели Метин Муареми, жител на селото и член на невладина организација што се бори за животната средина.
Според него, од моментот кога се изградиле хидроцентралите, инвеститорите не ги почитувале ниту основните критериуми за нивното функционирање според предвидените стандарди.
„При нивната градба уништени се патиштата, околината, текот на реките, а по изградбата, според предвидените правила, воопшто не е внимавано тие да бидат уредени како пред нивната изградба“, вели тој.
Две години по изградбата на трите акумулации на Бистрица, во истражување на „Бенквоч“ (Bankwatch) стои дека мониторингот на сите 73 мали хидроцентрали во земјава е слаб, при што локалните заедници најмногу се жалат на целосното пресушување на водата во реките.
Токму тоа го живеат жителите на Теарце. Муареми вели дека во последниве четири години, секое лето молат за капка вода. За 5.000 луѓе од овој крај, периодот од јуни до септември е пекол, не поради високите температури, туку поради немањето вода.
Нема вода за нив, нема ниту за напојување на стоката, ниту, пак, за наводнување на плодните површини. Во Теарце, секое лето е сезона на револт, негодувања и протести. Жителите се жалат што немаат вода, инвеститорите немаат обврска кон нивните барања, вели Муареми.
„Како резултат на работата на овие хидроцентрали и како резултат на неуредените градежни зафати од страна на фирмите што ги градеа, има ерозија, неуредени корита и загадување на водата, која жителите ја користат за пиење“.
По изградбата на хидроцентралата, „отворен“ им е патот и на дрвокрадците, кои дополнително ја уништиле околната шума. Со самото градење, нарушен е биодиверзитетот на реката и околината. На ова место, преку подземен канал, водата понира под каналот и ја спречува миграцијата на рибите.
Согласно Рамковната директива за води на ЕУ, операторот треба да обезбеди реставрација на речното корито, кое е полно со материјали што биле фрлани во него, а потекнуваат од изградбата на пристапниот пат. Но, попусто.
„Тие се бранат со тоа дека имаат дозволи и дека институциите како општина и други министерства има дале дозволи“.
А во меѓувреме, вели, „Згаснува животот во нашето село, буквално“.