Регион

Марибор го забрани концертот на Томпсон

Повикувајќи се на безбедносни ризици, властите на Марибор го забранија концертот на хрватскиот националистички пејач, Марко Перковиќ Томсон, кој беше најавен за в сабота.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Марко Перковиќ Томсон. Фото: Викимедиа комонс, Роберта Ф.

Градските власти на Марибор, во среда го забранија концерт на хрватски националистички пејачи Томпсон, кој во сабота требаше да се одржи во концертната сала во овој словенечки град.

Оваа одлука беше донесена врз основа на заклучокот на словенечката полиција, која во понеделникот соопшти оти има информации кои „укажуваат на зголемен ризик за вршење на кривични дела“.

„Постои основано сомнение дека на концертот ќе дојдат поединци од средини каде што концертите на овој музичар беа забранети, со намера да се извршат кривични дела“, се вели во соопштението на мариборската полиција.

Планирани концерти на Томпсон, претходно беа забранети во Германија, Швајцарија, Холандија, Сараево и Пула.

Повеќе од еден месец, во Словенија се води дебата околу тоа дека овој пејач промовира фашизам.

„Во Марибор нема место за оние кои со иконографија и симболика предизвикуваат нови поделби, поврзани со Втората светска војна, ниту, пак, за фашизмот“, изјави во април, за словенечката новинска агенција СТА, градоначалникот на Марибор, Андреј Фиштравец,.

Фиштравец наведе дека Томпсоновото користење на усташкиот слоган „За дом спремни“, во неговата песна од 1991 година, „Чавоглаве“, како и неговите песни, се јасно поврзани со усташкото движење.

Неговата изведба на песната „Јасеновац и Градишка стара“ во 2009 година, ја шокираше Хрватска и регионот.

На Фиштравец поддршка му дадоа и други градоначалници од Словенија, како и голем број невладини организации.

Словенечкиот претседател Борут Пахор, во вторникот изјави оти ги „одбива“ ставовите на Томпсон, додека премиерот, Миро Церар, нагласи дека „не поддржува концерти или собири, кои шират омраза или ваква реторика“.

Претседателот на словенечкото собрание, Милан Брглез, беше поостар и истакна дека Томпсон „го величи усташкиот режим и нетолеранцијата кон нехрватите“, наведувајќи ја како пример неговата контроверзна песна „Аница, книнска кралица“.

Во неа се вели: „… Ќе ја запалам Краина до Книн …“, што се однесува на Република Српска Краина, самопрогласената државичка на хрватските Срби, која беше растурена со воената операција на хрватската армија „Бура“, во 1995 година.

Кога ја дозна информацијата дека полицијата на Марибор предложила неговиот концерт да се забрани, Томпсон, во вторникот рече дека го потцениле.

„Секој што ги слушал моите песни не може да најде ништо од она за што ме обвинуваат“, изјави Томпсон, додавајќи дека доколку концертот биде забранет, тој ќе се обрати до политичкото раководство на Хрватска.

„Ќе ја прашам претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ и (министерот за надворешни работи) Давор Иво Стиер, дали тие ја прифаќаат тезата дека мојата публика и јас, шириме омраза и го величаме фашизмот. Ме интересира што ќе преземат за да се запре ова ширење на невистина и лепење на етикети. Дали се можеби забранети мојата музика и публика?“, праша тој.

Околу 80.000 луѓе беа присутни на концертот на Томсон, по повод прославата на 20-годишнината од операцијата „Бура“ во 2015 година. Многумина од присутните извикуваа „Убиј го Србинот“ и „За дом спремни“.

Објавено и на Балканска транзициска правда