Регион

Медицинската сестра го повлече исказот во случајот „Медикус“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На повторното судење на три лица, обвинети за трговија со човечки органи, медицинска сестра што работелa на клиниката „Медикус“, лоцирана во близина на Приштина, го негираше исказот што го потпишала пред десет години, врзано за отстранување на бубрези на пациенти на оваа клиника.

Дие Морина, Блерта Ибердемај – Приштина

Мендехи Хајдари, која работела како медицинска сестра на клиниката Медикус, сѐ до денот кога во 2008 година истражителите ја затворија оваа клиника, врзано за наводите за трговија со органи, во средата се појави во Основниот суд во Приштина, но ја повлече својата изјава, што претходно ѝ ја дала на полицијата.

Повторно им се суди на сопственикот на клиниката „Медикус”, Лутфи Дервиши, на неговиот син Арбан Дервиши и на главниот анестезиолог, Сокол Хајдини, обвинети за организиран криминал, во врска со трговија на луѓе, откако Врховниот суд на Косово, ја поништи нивната првостепена пресуда.

Хајдари во 2008 година ѝ дала изјава на полицијата, но во средата, пред судот, таа негираше сѐ што е во таа изјава.

Обвинителката Валерија Боличи ја праша дали се сеќава какви операции, освен кардиохируршки зафати, биле спроведувани на првиот кат, каде што работеле Дервиши и Хајдини, но Хајдари рече дека не може да се сети.

Тогаш обвинителката ја праша: „Дали знаете, дали некогаш на првиот кат била извршена трансплантација на бубрег?“.

Сведокот рече дека сè што се сеќава е оти во моментот кога лекарите биле уапсени, а вработените испрашувани од страна на истражителите, таа сфатила дека нешто се случува.

Обвинителката повторно ја праша за изјавата што ја дала во 2008 година, во која таа вели дека учествувала во трансплантација на бубрези.

„Дали тогаш или сега по десет години, вашето сеќавање е посвежо?“, праша обвинителката.

Но, сведокот и натаму тврдеше дека никогаш не дала таква изјава.

И беше поставено прашање за фактот дека во 2008 година таа изјавила оти донаторите и пациентите биле од различни земји, но таа повторно трдеше дека никогаш не рекла такво нешто.

Хајдари призна дека потписот е нејзин, но рече оти не се сеќава дека ја потпишала изјавата.

Апелацискиот суд во март 2016 година им ги потврди првостепените пресуди на обвинетите, со кои Лутфи Дервиши, и неговиот син беа осудени на осум, а Хајдини на пет години затвор.

Со одлуката беше констатирано дека на клиниката во 2008 година биле извршени „повеќе нелегални трансплантации на бубрези”.

Сиромашни лица од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, ги продавале своите бубрези за 15.000 евра.

Според обвинителот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, нивните приматели, главно Изреалци, за бубрезите плаќале повеќе од 70.000 евра.

Сепак, по одлуката на Апелацискиот суд, Врховниот суд на Косово наложи повторно судење, заради процедурални неправилности.

Полицијата упадна во клиниката во 2008 година, откако на приштинскиот аеродром беше пронајден турски државјанин, кој беше сериозно болен, а чии бубрези биле отстранети.

Клиниката се спомнува и во извештај на Советот на Европа, во кој се вели дека во конфликтот во 1999 година, припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК, се бавеле со трговија на органи, земени од српски затвореници.

Клиниката истата година беше затворена, а нешто подоцна и продадена.