Анализи

Медиумите и изборите: резултатите на прво, програмите на последно место

Информациите за понудите на кандидатите привлекоа малку внимание

Резултатите од гласањето и прославите на партиите и на кандидатите беа речиси единствените медиумски содржини поврзани со локалните избори што привлекле поголемо внимание од публиката во изминатите месец и половина, од почетокот на кампањата пред првиот круг до заклучувањето на резултатите по вториот.

Ова го покажуваат алатките за следење на реакциите на корисниците на социјалните мрежи кон различните содржини што ги објавуваа најгледаните и најчитани јавни гласила во овој период. Со алатките БИРН следеше вкупно 30 официјални фејсбук-страници на телевизии, радија, онлајн-портали и весници.

Податоците од следењето покажаа неколку куриозитети. Иако беше предизборен период, сѐ уште повеќе внимание привлекуваа информациите поврзани со високата политика или со државните власти, отколку со кандидатите за градоначалници и за советници. Кај неколку медиуми има одвај една до две содржини поврзани со изборите меѓу 20-те најпопуларни објави што тие ги споделиле на своите страници. Не дека тие не информирале за кандидатите и за нивните активности, туку нивната публика не се заинтересирала за тие информации. Најмал интерес имало за најавите на кандидатите што ќе направат за својата општина ако ја добијат довербата на граѓаните.

Прв круг: Заев, Косово и верски празници

Вестите за Заев беа повеќе читани отколку тие на кандидатите | Фото: БИРН

Ако се погледнат најпопуларните дваесетина објави (оние што имале најголем број реакции, коментари и споделувања) на секој од медиумите што ги следевме во периодот од почетокот на кампањата до стапувањето на изборниот молк во пресрет на првиот круг (од 27 септември до 15 октомври), може да се види дека во нив речиси отсуствуваат содржини поврзани со изборите.

На страницата на една од најгледаните телевизии, публиката, пред сѐ, се задржувала на настапите на премиерот Зоран Заев во кампањата наместо на кандидатите за општински градоначалници и советници што ја бараа довербата од граѓаните. Тука спаѓаат коментарите на Заев за понудата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за тоа дека претседателот на државата бил Албанец,, за изјавата на премиерот дека биле решени најголемите проблеми во државата и дека сме биле Швајцарија на Балканот итн.

И во највжештена предизборна атмосфера, истражувањето покажа дека објави од типот кој верски празник е тој ден или следниот, според православниот календар, со придружни совети што треба верниците да направат за да имаат повеќе среќа во животот, се едни од најчитаните содржини.

Многу беа следени и информациите поврзани со Заев и со владата за евроинтеграциите, спорот со Бугарија, предложеното ново работно време на администрацијата, истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово и други.

Бидејќи во тој период траеја судирите меѓу косовската полиција и српското население на северот од Косово, голем дел од вниманието на публиката беше концентриран на овие настани, на изјавите на српскиот и на косовскиот државен врв во врска со нив, како и на изјавите од македонска страна, пред сѐ, на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Од предизборните ветувања, најавата на Билал Касами од Беса дека ќе изгради четири базени во Тетово, објавено на телевизија на албански јазик, како ветувањето на Теута Арифи за бесплатни оброци во училиштата, на истата телевизија, беа меѓу ретките исклучоци што предизвикале повеќе реакции од публиката во споредба со содржините неповрзани со локалната самоуправа и со изборите.

Дури кога заврши изборниот молк и гласањето, се кренаа изборните информации на скалата на најпопуларни објави, кога се споделуваа јавувања во живо од еден или од друг штаб за тоа до каде е броењето, кој се радува и кој признава пораз.

Видеата од дебатни емисии каде што се соочуваа кандидатите за градоначалници на повеќе општини, исто така, беа мошне следени на социјалните мрежи. Освен со нив, медиумите не успеаја да привлечат повеќе внимание на публиката со информирањето за кандидатите и за нивните предизборни понуди.

Втор круг: државјанство и докрајчување

Обвинувањата од власта за Арсовска ги поклопија сите теми | Фото: БИРН

Напаѓачката кампања што во пресрет на вториот круг СДСМ ја водеше против независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска (поддржана од ВМРО-ДПМНЕ) беше меѓу централните теми за кои известуваа сите медиуми, а на кои најмногу реагираше публиката.

Во зависност од составот на читателите, на едни медиумски фејсбук-страници повеќе се следеа прес-конференциите на Славјанка Петровска од СДСМ, на која таа откриваше информации дека Арсовска има бугарско државјанство, а на други поголема популарност имаа содржините каде што Арсовска се брани од овие напади или оди во контранапад против премиерот, забележувајќи му дека „се плаши од една жена“.

Развојот на политичката ситуација по овој круг, во кој СДСМ не сакаше да признае пораз и повикуваше на обединување против „злото“, додека ВМРО-ДПМНЕ и Левица триумфалистички повикуваа да се доврши уривањето на власта, исто така, привлекуваше значително внимание, според бројот на реакции и на коментари. Особено популарна вест беше најавата на Заев дека ќе се повлече од премиерското место ако има лош резултат во вториот круг и ако неговата партија го загуби Скопје.

Повторно фокусот најмалку беше ставен на ветувањата на кандидатите што останаа да се борат во вториот круг. Исклучок се само две објави на една телевизија, каде што поголемо внимание привлекле најавите на кандидатката Арсовска дека ќе воведе посебна телефонска линија за да се пријавува загадување и дека ќе ја реорганизира администрацијата во градот за да биде поефикасна.

Ако се погледнат официјалните фејсбук-страници на кандидатите, може да се види дека тие во периодот меѓу двата изборни круга (од 18 до 29 октомври) имале многу објави на своите страници на социјалните мрежи, во кои, или излегуваа со нови ветувања, или ги нагласуваа веќе постојните од предизборните програми. Но, тие не предизвикаа интерес кај медиумите или кај нивната публика.

По пребројувањето на гласовите, земјата се најде во политичка криза во најава, откако премиерот најави дека ќе поднесе оставка, а опозицијата објави дека има ново парламентарно мнозинство, па медиумското внимание е речиси целосно ставено на содржините поврзани со оваа тема.