Истражувањето на содржината на хрватските дневни весници, покажа дека прашањата на српското малцинство во Хрватска, се слабо застапени и дека на Србите не им е дадена можност да ги презентираат своите проблеми.
Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
Српскиот национален совет (СНВ), во петокот во Загреб, ќе го презентира истражувањето кое покажува дека водечките весници во Хрватска, не се занимаваат со прашањето на српското малцинство на соодветен начин.
Публикацијата „Производство на другиот: Србите во хрватските дневни весници“, анализира повеќе од 1.500 текстови објавени во петте најчитани дневни весници во Хрватска – „Вечерњи лист“, „Јутарњи лист“, „Нови лист“, „Слободна Далмација“ и „Глас на Славонија“, и се занимава со прашања поврзани со Срби.
„Во Хрватска, медиумите не создале простор, српското малцинство да зборува (за своите проблеми), обично некој друг зборува во нивно име … гласот на лицата кои го живеат ова искуство, многу ретко се слуша“, изјави за БИРН, Нина Чоловиќ, една од авторките на публикацијата на СНВ.
Со ова се отвора простор „за претпоставки и конструирана перцепција“ за ситуацијата на српското малцинство во Хрватска, што доведува до „идни различни дисторзии, манипулации и минимизирање“ на српското прашање и „неприкажување како тие живеат“, објаснува Чоловиќ.
Анализираните текстови биле објавени во 2015 година, што е значајно, бидејќи во Хрватска таа година се одржаа претседателски, парламентарни и малцински избори.
Таа година беше важна за српското малцинство, бидејќи во 2015 беше одбележана 20-годишнината од воената операција на хрватската војска „Бура“ – кога над српските цивили беа извршени воени злосторства во голем обем и кога околу 200.000 Срби ја напуштија земјата, како и поради проблемите предизвикани од промената на статутот на Вуковар, со која беше спречена употребата на кирилицата, во називите на таблите поставени на јавните институции.
Чоловиќ го наведува примерот на еден весник во кој бил објавен напис во врска со употребата на кирилицата во општина Војниќ, во кој биле цитирани мислења само на локалните Хрвати.
Во извештаите за 20-годишнината од операцијата „Бура“, е користен романтичарски говор, кој ја величи победата” и постојано „ги конструира Србите како трајна закана која, во симболична смисла, може да биде поразена во секое време“, додава Чоловиќ.
Мејнстрим медиумите на ниту едно малцинство не гледаат како на „нешто што ѝ припаѓа на Хрватска“, нагласува таа.
Кумулативниот ефект на таквите извештаи би можел „да ги подгрее етничките тензии“ кон Србите и другите малцинства, вели таа.
Сите статии се статистички анализирани, а направена е и критичка анализа на јазикот кој се користи во медиумите.
Во голем број на написи – и осврти и вести – идентификувано е „лингвистичко и насилството во јазикот“, како и написи кои „директно не користат говор на омраза, но можат да го изградат и на тој начин да создадат атмосфера која поттикнува насилство“ против малцинските групи, додава Чоловиќ .
Истакнува дека е објавен само еден текст за изборите за пратеници од националните малцинства, во кој „е промашен датумот“.
Од почетокот на војната во 90-тите години, тензиите меѓу хрватското мнозинство и српското малцинство се постојани.
Српското малцинство живее главно во неразвиените подрачја на Хрватска, а бројот на припадници на ова малцинство од 581.000. пред војната во 1991 година, падна на 186.000 во 2011 година.