Вести

Министерот Борко Ристовски не ја пријавил фирмата на неговата сопруга

Поранешниот ракометар вели дека направил превид во анкетниот лист

Министерот за спорт Борко Ристовски за БИРН изјави дека поради „ненамерен технички пропуст“ не ја пријавил фирмата на неговата сопруга во имотниот лист кој го поднел до Државната комисија за спречување корупција.

БИРН побара објаснување од министерот зошто НИБО Солушн, фирмата на неговата сопруга, Николина Ристовска не е вклучена во неговата имотна состојба. Фирмата е формирана минатото лето со дејност останато рударство и вадење на камен.

Ристовски вели дека анкетниот лист го пополнувале во период во кој биле во хаос поради формирањето на новото министерство.

„Мојот анкетен лист го пополнуваше мојот кабинет затоа што во тој законски предвиден рок за административните работи имавме само еден функционален компјутер. Во тој хаос направен е ненамерен пропуст затоа што апсолутно ниту може да се скрие, ниту пак сакам нешто да се крие во однос на мојата имотна состојба“, вели Ристовски.

Инаку тој стана министер во јуни годинава. Во анкетниот лист во ДКСК пријавил дека поседува џип Тојота и рачни часовници во вредност од над 80 000 евра.

Ристовски беше професионален ракометар и македонски репрезентативец со богата кариера во познати европски клубови. Минатата година тој беше извршен директор на ракометниот клуб Вардар.

Во 2019 година и официјално влезе во политиката кога стана стратешки соработник на прашања од областа на спортот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Подоцна активно учествуваше и во партиските изборни кампањи.