Регион

Младиќ бара од Србија гаранции за негово привремено ослободување

Одбраната на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, побара од властите во Белград, да му достават гаранции на Хашкиот трибунал, дека Младиќ ќе се врати во Хаг, доколку биде пуштен на привремена слобода, заради лекување.

Филип Рудиќ, Белград

Ратко Младиќ во судница. Фото: МКТЈ

Адвокатите и семејството на Ратко Младиќ, кој е обвинет за геноцид и воени злосторства, официјално поднесоа барање до Владата на Србија, да му достави гаранции на Хашкиот трибунал, заради привремено ослободување на генерал Младиќ на лекување.

„Очекуваме Владата да даде гаранции за околу десет дена, а потоа, заедно со гаранциите и медицинските документи, ќе поднесеме ново барање до Трибуналот (за ослободување на Младиќ)“, изјави за БИРН, Миодраг Стојановиќ, еден од адвокатите на Младиќ.

Младиќ во притворот имаше неколку сериозни здравствени проблеми, преживеа два мозочни удари и еден инфаркт. Неговите адвокати соопштија дека неговата ситуација се влошила во мај оваа година.

Српската влада мора да даде гаранции дека Младиќ ќе се врати во притвор, како услов да се одобри неговото барање за привремено ослободување.

Стојановиќ изјави дека не гледа причина зошто барањето би било одбиено, ако Владата на Србија се обврзе дека ќе го врати во Хаг и бидејќи сослушувањата во судскиот процес што се води против Младиќ, се завршени.

Сепак, додаде дека е скептичен во врска со можноста за ослободување на неговиот клиент.

Српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ, изјави оти министерството за правда веќе ја започнало потребната постапка, како би можела Владата да одлучува за барањето за давање на гаранции за условно ослободување на Младиќ.

Опозицискиот пратеник и претседател на Лигата на социјалдемократи на Војводина, Ненад Чанак, ја повика српската влада да не го прифаќа барањето на Младиќ.

„Секој вид на гаранција за условно ослободување на Ратко Младиќ, која би ја дале властите на Србија, би претставувала недобронамерен гест, што би ѝ нанел голема штета на меѓународната позиција на Србија и во голема мера би ги нарушило односите меѓу нашата и соседните земји“, изјавил Чанак во неделата, пренесува агенцијата Бета.

За потсетување, во мај оваа година, барањето на Младиќ да биде ослободен заради лекување во Русија, беше одбиено. Хашките обвинители изјавија дека постои ризик тој да избега пред да му биде изречена пресудата.

Немања Степановиќ, од Фондот за хуманитарно право со седиште во Белград, за БИРН изјави дека, веројатно, дури и ако Србија даде гаранции, барањето на Младиќ да биде пуштен на привремена слобода, повторно ќе биде одбиено.

„Многу работи се против него, пред сѐ, тука е фактот дека тој се криеше со години и оти не замина во Хаг доброволно. Во вакви случаи, Трибуналот вообичаено не одобрува условно ослободување“, нагласува Стјепановиќ.

Потенцира оти за Младиќ се грижи медицинскиот персонал на судот на ООН и на клиниката Броново во Холандија, во која се лекува и холандското кралско семејство.

„Добива најдобра можна медицинска помош, која ниту еден обичен граѓанин на Холандија ја нема“, додава Стјепанновиќ.

Младиќ беше уапсен во 2011 година во селото Лазарево, кај Зрењанин, северна Србија, по 16 години поминати во бегство.

Пред Хашкиот трибунал му се суди за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, кој во неколку други општини достигнал ниво на геноцид, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Одбраната и обвинителството ги презентираа своите завршни зборови во декември минатата година.

Пресудата се очекува во ноември.

Објавено и на Балканска транзициска правда