Вести

На повидок нов избор на совети на АВМУ и на МРТ

Одлуките за клучните медиумски тела се на ред за гласање во Собранието | Фото: БИРН

Собраниската блокада и недостигот од кворум за да може да се гласаат закони и одлуки го одолжи изборот на нов совет на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги и на нов програмски совет на Македонската радио-телевизија.

Одлуките за распишување нови огласи за членови на овие две тела, чиј мандат е истечен веќе две години, се на дневниот ред на 39-та седница, која сѐ уште трае во парламентот. Расправата за нив е завршена и се чека да се изгласаат. Кога ќе се случи тоа, ќе се отвори сосема нова постапка за избор, бидејќи старата, која почна во 2019 година, е прекината.

„Бидејќи немаше кворум, кога заврши расправата по овие точки, само се констатираше дека не може да се гласа и се премина на следните точки. Откога ќе поминат и другите точки на дневниот ред, ќе се вратиме на гласање“, вели пратеникот Костадин Костадинов, претседател на Комисијата за избори и именувања, која ќе треба да ја спроведе процедурата за избор откако ќе се изгласаат одлуките.

Седницата е во прекин од четврток, 22 април, и продолжува денеска. Последната точка на неа е интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поднесена од пратениците на Алијанса и Алтернатива. Се очекува за неа да има подолга дискусија, па потоа ќе почне гласањето на сѐ што досега поминало, вклучително и на одлуките за нови огласи за советите на АВМУ и за МРТ.

Потоа, комисијата предводена од Костадинов ќе го распише огласот со рок од 30 дена за пријавување кандидати, а откога ќе пристигнат кандидатурите, ќе продолжи со јавна расправа за евалуација на тие што ќе се пријават.

Двотретинското мнозинство останува задолжително

За секој член на советите на АВМУ и на МРТ ќе треба да гласаат 80 пратеници | Фото: БИРН

Телата на двете медиумски институции ќе се избираат по стариот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тоа значи дека откако ќе заврши целата постапка (огласот, рокот, евалуацијата), за секој кандидат ќе се гласа поединечно, а за да биде избран, ќе треба да добие поддршка од двотретинско мнозинство и во Комисијата за избори и именувања и потоа на пленарна седница во Собранието, односно од 80 пратеници.

Во јануари годинава беа поднесени законски измени за да се смени начинот на избор и да се овозможи советите да се изгласаат со просто мнозинство (61 пратеник), но тие се повлечени. Нема официјално објаснување за повлекувањето, но се шпекулира дека власта и опозицијата се договориле да си дадат уште една шанса за заедно да ги изберат раководните тела на двете клучни медиумски институции, како дополнителна гаранција за нивната независност и непристрасност. Се зборува и дека изборот на членови во овие совети бил една од темите на последната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, но нема потврда за тоа.

Двотретинското мнозинство и несогласувањата меѓу власта и опозицијата беа главните причини зошто досега не се избраа нови членови на овие институции, а старите состави, избрани за време на претходната власт, отслужија уште половина екстра мандат без реизбор.

На почетокот од 2019 година се распиша оглас за нов состав на двете тела, се пријавија кандидати, но јавните расправи за нивниот избор никогаш не се одржаа. Тогашниот претседател на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски, ниту закажуваше седница за да ја почне таа постапка, ниту објаснуваше зошто не го прави тоа.

Новинарите Столе Наумов, Насер Селмани, Сања Васиќ, Љупчо Цветановски, Љубиша Николовски и Зоран Фиданоски (актуелен член) беа меѓу 28-те кандидати за седумте места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  што се пријавија на огласот од 2019 година. За место во 13-члениот Програмски совет на МРТ беа заинтересирани Веле Митаноски, Јасмина Миронски, Горан Михајловски, Бране Стефановски, како и дел од актуелните членови, меѓу кои претседателката Смилка Јанеска Саркањац, Ведад Мемедалија и други.

Во февруари и март годинава, ним им стигнала препорачана поштенска пратка на домашните адреси. Ги содржела пријавите и придружните документи што ги поднеле кога се кандидирале за членови на медиумските тела. Нивните кандидатури веќе не важат и процесот ќе почне одново. Дел од нив велат дека повторно се заинтересирани да се кандидираат, а другите ќе почекаат да ги видат условите во огласите и потоа ќе одлучат.

 Старите строги услови и во новиот оглас

Ќе се избираат 13 членови на програмскиот совет на МРТ и седум членови на Советот на АВМУ | Фото: БИРН

Предлог-одлуките за распишување нови огласи за двете тела ги поднесоа пратениците Јован Митрески од СДСМ и Арбр Адеми од ДУИ на 16 април. Освен за АВМУ и за МРТ, тие побараа огласи за избор на членови на повеќе други институции што сѐ уште се со старите состави или без состав, како Комисијата за заштита и спречување дискриминација, Советот за граѓански надзор, Комисијата на АЕК, Комисијата за жалби по јавни набавки итн.

Бидејќи овојпат мнозинството, а не опозицијата, ја контролира собраниската Комисија за избори и именувања, се очекува постапките за избор да почнат набргу по изгласувањето на одлуките во Собранието. Но, за да завршат, ќе биде потребен меѓупартиски консензус.

Во медиумската фела постои загриженост дека со ваквата поставеност, власта и опозицијата може да се договорат за поделба на местата во АВМУ и во МРТ, па наместо натпартиски, да се добијат меѓупартиски тела. Претседателот на комисијата, Костадинов вели дека условите во огласите се доволна гаранција дека тоа нема да се случи.

Секој кандидат треба да има најмалку осум години искуство во струката и да добие писма со поддршка од најмалку две граѓански организации од областа на човековите права, две високообразовни институции, едно новинарско здружение итн. На тој начин треба да осигури учеството на засегнатата јавност во постапката и да се гарантира стручноста на пријавените кандидати.

„Никој нема да биде исклучен, освен тие што нема да ги исполнат условите од огласот“, вели Костадинов.

Изборот на членови во двата совета се следи со внимание затоа што станува збор за најмоќните органи во клучните медиумски институции. Советот на АВМУ има моќ да дава и да одзема дозволи за радио и телевизиско емитување, да одобрува или да забранува промена на сопственичката структура во медиумите итн. Програмскиот совет на МРТ има надлежност да осигури дека содржините што ги објавува јавниот сервис се од јавен интерес. Тој, исто така, ги избира директорот и заменик-директорот на МРТ и го носи статутот на националната медиумска куќа.