По речиси четири месеци од своето формирање, Советот за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, основан од Владата на Хрватска, го одржа својот прв состанок, иако неговите задачи и натаму не се јасни.
Свен Милекиќ, Загреб
Советот за справување со последиците од владеењето на недемократски режими, чии членови се претставници на хрватските културни и научни институции, назначени од Владата во март, во четврток го одржа својот прв состанок, иако сѐ уште прецизно не е објаснето, кои се конкретните цели на ова тело.
Состанок на Советот, формиран заради справување со последиците од владеењето на профашистичкото усташко движење и на социјалистичка Југославија, се одржа во зградата на Владата. На средбата која траеше два и пол часа, членовите на Советот ги поздрави премиерот Андреј Пленковиќ.
Советот ќе изработи „препораки за законско регулирање на употребата и истакнувањето на обележја, знаменитости и симболи на недемократските режими“, кои, меѓу другото, ќе го опфатат и начинот на кој овие периоди се изучуваат во училиштата, начинот на кој се чуваат сеќавањата, како и политиката на именување на улиците по личности од овие режим.
„Главната цел на Советот е една практика на нетолеранција да се замени со конструктивен дијалог“, рече по состанокот, Звонко Кусиќ, претседател на Хрватската академија на науките и уметностите и претседател на Советот.
Истакна дека Советот ќе се обиде да го олесни патот кон помирувањето во општеството, да ги решава некритичните стојалишта во врска со двата режими, за политички мотивираните толкувања на историјата, да не се пренесат на младите луѓе.
Но, на прашањето за неодамна најавената промена на името на плоштадот Маршал Тито во Загреб, Кусиќ изјави дека не сака да одговори и не сака да „прејудицира за конечниот став и заклучок на Советот“, во врска со предлозите за промена на имињата на улиците и плоштадите.
Тој нагласи дека Советот не се занимавал со прашањето на контроверзната спомен-плоча на која е врежан усташкиот слоган ‘За дом спремни’, поставена во близина на местото на поранешниот концентрационен логор во Јасеновац, каде што помеѓу 1941 и 1945 година, биле убиени повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.
Додаде дека Советот нема да се занимава со индивидуални случаи, туку дека ќе има генерални предлози.
Членовите на Советот и во петок не сакаа да коментираат, бидејќи Кусиќ, како што ни кажа еден од нив, е „единствениот задолжен за комуникација со медиумите“.
Она што беше кажано по состанокот, е во спротивност со идејата за задачата на Советот, што ја најави Пленковиќ пред формирањето на ова тело.
Сепак, во четвртокот за БИРН, Антун Вујиќ, генерален директор на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“, и еден од членовите на Советот, изјави дека речиси четири месеци немало речиси никаква комуникација меѓу членовите на ова тело, и дека на првиот состанок дошол „како табула раза“.
Неделеникот „Новости“, на почетокот на овој месец, објави дека Советот не функционира, при што цитираше изјави на членови на Советот, кои барале да останат анонимни, а кои биле незадоволни од ситуацијата.
Советот не водеше евиденција на својот прв состанок, ниту ќе го прави тоа на следните состаноци, туку само ќе објави завршен извештај.
Кусиќ во петок до БИРН испрати соопштение во кое се вели дека на својот прв состанок, Советот заклучил дека е „премногу лесно да се очекува дека Советот ќе ги реши сите спорови кои се однесуваат на недемократските режими“, при што се додава дека неговите „препораки ќе послужат како ориентир за во иднина и дека на долг рок ќе придонесе за смирување на страстите и надминување на поделбите“.
„Појдовната точка на дебатата треба да биде јасно отстапување од било кој тоталитаризам, содржан во Резолуцијата на Европскиот парламент за европската совест и тоталитаризам, но и изворите и највисоките вредности на уставниот поредок од член 3 од Уставот на Хрватска“, се вели во соопштението.
Универзитетски професор Тихомир Ципек, кој неодамна поднесе оставка во Советот, бидејќи има академски ангажман во странство, за БИРН во март изјави дека на инсистирање на неколку членови на Советот, во основачкиот документ и во името на Советот, не се користи терминот „тоталитарен“ ниту за усташкиот, ниту за југословенскиот режим, со оглед дека “комунистичкиот режим поминал и низ тоталитарна, и низ авторитарна фаза“.
Според тоа, беше одлучено да се користи терминот „недемократски режими“, рече тој.