Интервјуа

Непријавувањето на интересот е прекршување на законот

Доколку кој било функционер има интерес од носењето некаква одлука, тој интерес, самата компанија што аплицира, треба да го пријави, вели Тасева

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори постапка по допрен глас, секојдневно расте бројот на грантисти „сомнителни“ по линија на непотизам, дел од апликантите се откажаа од добиените средства, Антикорупциската комисија не функционира, а опозицијата лицитира – кој да поднесе оставка.

Во ваков круг се вртат работите по критиките за судир на интереси, во случаи на фирми што добиле државни средства од Планот за економски раст – прв инвестициски бран, доделени од Фондот за иновации и технолошки развој.

Фокусот на јавноста е посебно изострен, кога имиња на вицепремиер и пратеник ќе се најдат на листата добитници на државна помош, од позиција на малцински сопственици во фирмите-апликанти.

Прашањето околу кое се кршат копјата е: Има ли начин, фирмите во кои се тие малцински сопственици, рамноправно да конкурираат за средства (и да добијат – ако ги исполнуваат условите), а да не бидат обвинети за судир на интереси? 

„Секaко дека има начин“, вели претседателката на „Транспаренси интернешнел – Македонија“, д-р Слаѓана Тасева.

„Прво е неопходно добро да се постават формалните критериуми за да можат компаниите однапред да знаат дали ги исполнуваат и да одлучат дали да се пријават. Потоа, добро треба да се уреди постапката за селекција, избор и одлучување. Таа треба да биде многу транспарентна. Најдобро е при вакви избори да се објават сите апликанти, заедно со информацијата дали ги исполниле формалните критериуми. Потоа да се објави содржината на апликацијата на тие што влегле во потесен избор и на крајот како е донесена одлуката за тие што добиле“, објаснува Тасева.

Прво е неопходно добро да се постават формалните критериуми за да можат компаниите однапред да знаат дали ги исполнуваат и да одлучат дали да се пријават

Според неа, ако принципот е дека ќе добијат сите што ги исполнуваат условите, тогаш одлуката се олеснува. Односно, една добро уредена постапка ќе придонесе да се избегнат сите сомнежи за какви било влијанија, кои се забранети и со закон, а постои и кривично дело тргување со влијание.

„Да се биде во власта, тоа подразбира поголема одговорност и посебен однос кон функцијата и кон јавниот интерес. Затоа постојат правилата за судир на интереси, кои се јасни. Доколку кој било функционер има интерес од носењето некаква одлука, тој интерес, самата компанија што аплицира, треба да го пријави. Колку функцијата е повисока, станува неважно дали тој функционер директно учествува во носењето на одлуката. Поврзаноста и интересот мора да се пријават за да нема сомнеж. Нивното непријавување може да биде основа за подоцнежно менување и на веќе донесена позитивна одлука“, објаснува претседателката на „ТИ-М“.

Да се знаат вистинските сопственици на компаниите

Фирма во која малцински сопственик е вицепремиерот Кочо Анѓушев требаше да земе 160.000 евра од државата, во вид на поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој

Повикот на вицепремиерот Анѓушев и пратеникот Локвенец нивните партнери да се откажат од добиените средства, таа не го смета за начин за решавање на проблемите.

„Не, тоа не е начин на решавање на овие случаи. Неопходен е надлежен орган да одлучува, дури и во ситуација кога овие случаи ќе бидат откриени од јавноста. Непријавувањето на интересот, само по себе, е прекршување на законот. И треба да биде основа за елиминација на компаниите што не го пријавиле тоа. Истото тоа важи и за постапката во Советот за јавни обвинители“, категорична е Тасева.

Граѓаните најмногу се интересираат дали при доделувањето државни средства е важно да се знае сопственичката структура на фирмите што конкурираат и зошто тоа не било услов во овој случај?

Според Тасева, светската практика дава големо значење на познавањето на вистинските сопственици на компаниите затоа што мора да се избегне финансирањето криминални или терористички структури.

„Затоа и кај нас, при поднесување апликација, се поднесува и последен извод за статусната состојба, кој се вади од Централен регистар. Таму се наведени сопствениците и таа информација задолжително треба да им биде позната на тие што одлучуваат. Така, уште веднаш можат да видат дали постои некаков или нечиј интерес. Друг елемент, кој е многу силен во светската практика, е пријавувањето на интересите. Таму едноставно не може ништо да помине ако не е испочитувана процедурата докрај. Во овој случај, ако со повикот и во формалните критериуми не било вклучено доставување информација за статусот на компанијата и за интересите, тој конкурс треба да се поништи и постапката да почне од почеток. Ова некако многу често се случува во последно време“, забележува Тасева.

Не им недостига ДКСК

Антикорупциската не функционира од март годинава, кога поголемиот дел од членовите поднесоа оставки поради наводите дека земале пари за патни трошоци со лажни налози

Кога ќе се испуштат повеќе процедурални „конци“, јавноста се надева дека ќе профункционираат барем механизмите на надлежното тело – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Токму оваа Комисија не функционира од март годинава, кога поголемиот дел од членовите поднесоа оставки поради наводите дека земале пари за патни трошоци со лажни налози. Но, и во изминатата деценија, кога беше во полн состав, таа не ја оправда својата улога. И покрај гласните заложби на сите партии за борба против корупцијата и криминалот, функционирањето на ДКСК не стана предмет на „пазар“ на актуелните лидерски средби, од што би можело да се заклучи дека Комисијата не им недостига на партиите.

Комисијата мора да биде функционална, или едноставно нека ја укинат. Вака се создава впечаток дека намерно се оневозможува нејзината работа за да не може да одлучува.

Прашањето е – кој ќе ги третира сега случаите каде што има индиции за судир на интереси?

„Прашањата на судир на интереси не можат да се генерализираат. Тие се третираат одделно, од случај до случај. За тоа постои закон, но, за жал, власта дозволи веќе повеќе од пет месеци да не функционира ДКСК, која е единствен орган надлежен да ги испитува овие случаи. Власта и партиите молчат, иако ние ги повикуваме да назначат нови членови на Комисијата. Немаат друг избор. Комисијата мора да биде функционална, или едноставно нека ја укинат. Вака се создава впечаток дека намерно се оневозможува нејзината работа за да не може да одлучува. Имаше случаи на сомнеж за судир на интереси во Јавното обвинителство, кој остана премолчен, сега има сомнежи во постапките за средствата од Фондот, а имаше  таков сомнеж поврзан со стечајот на ФЕНИ“, потсетува д-р Тасева.

Особено во контекст на претстојните политички процеси и најавениот референдум, таа потенцира дека не смее да се остави оваа Комисија да биде нефункционална, бидејќи тоа е исто како да е укината.

„Тоа, од друга страна, лошо зборува за власта, која како да не сака да биде контролирана од надлежен орган, а сите други едноставно може да ги игнорира“, укажува претседателката на „ТИ-М“.

Новиот модел засега на хартија

Министерката за правда, Рената Дескоска, неодамна најави дека се подготвува нов модел на ДКСК и дека е формирана работна група во Министерството, која работи токму на тој модел. Тасева е член на работната група, а како експерт заедно со уште двајца колеги, работи на пишување на првата верзија на текстот на законот, кој ќе ѝ биде доставен на работната група како материјал за работа.

„Групата е формирана со решение, кое го донесе претходниот министер во последниот ден од неговото остварување на функцијата. Таа постои во решението, но во пракса сѐ уште не е закажан првиот состанок. Но, само едно појаснување: овој закон сѐ уште е во зачеток“, нагласува Тасева.

Во него се менува концептот на избор на членови на Комисијата, составот, начинот на работа, надлежностите и многу други работи, кои сѐ уште се во фаза на концепти.

„Очекуваме долги расправи, а потоа и долги политички преговори затоа што нема да им се допадне на многумина. Затоа уште еднаш апел – веднаш да се изберат членови и да се дополни составот на Државната комисија за спречување на корупцијата“, порачува претседателката на „ТИ-М“.