Актуелно

Нимиц на одмор, Атина и Скопје ќе градат доверба

Отворање нов граничен премин меѓу Македонија и Грција во Преспа, подобрување на патните врски меѓу Битола и грчките градови, поголема соработка меѓу грчките и македонските пратеници кои воопшто немаат средби и поврзување на институциите.

Од двете страни мерките официјално се држат во тајност, бидејќи таков е договорот меѓу министрите за надворешни работи Никола Попоски и Никос Коѕиас / Фото: МИА

Од двете страни мерките се држат во тајност, бидејќи таков е договорот меѓу министрите Попоски и  Коѕиас | Фото: МИА

Ова се само дел од предлозите што досега се нашле на маса како дел од мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција. Дизајнирани за да ги затоплат односите меѓу Атина и Скопје, од двете страни мерките официјално се држат во тајност, бидејќи таков е договорот меѓу министрите за надворешни работи Никола Попоски и Никос Коѕиас.

Од МНР потврдуваат дека денеска во Скопје се очекува да пристигнат претставници од грчкото МНР за да се разгледаат предлозите од двете страни и да се утврди листата на чекори што би биле објавени при посетата на шефот на грчката дипломатија на државава најавена за месецов.

Политичка волја или лажна конструктивност

Странски дипломатски извори за БИРН велат дека се очекува мерките индиректно да помогнат да се реши прашањето за името, со објаснување дека е необично Грција да има потпишано повеќе договори со Чиле отколку со соседна држава.

„Двајцата министри имаа неколку средби каде што се договорија да се работи на предлог-мерките за градење доверба. Има идеи од двете страни кои во иднина треба да ни помогнат подобро да се разбереме за името“, велат дипломатските извори.

Досега имаше неколку неуспешни обиди преку различни предлози да се скрши мразот во дипломатските односи меѓу Скопје и Атина.

Странски извори не исклучуваат да има притисок врз Скопје и врз Атина да се реши спорот за името за време на владата договорена во Брисел

Пред три години тогашниот шеф на грчката дипломатија, Димитрис Аврамопулос, на македонскиот колега Попоски му испрати предлог меморандум за разбирање чиј текст од македонска страна беше оценет како спорен, затоа што меѓу другото бараше да се дефинира рамката за решавање на спорот за името – име со географска одредница за севкупна употреба.

Претходно, екс-шефот на дипломатијата, Антонио Милошоски, на неговата тогашна грчка колешка Дора Бакојани ѝ понуди да се отвори нов граничен премин меѓу Македонија и Грција.

Во 2012 година Владата на РМ излезе со предлози преку кои би се динамизирал дијалогот и би се зголемила довербата со Грција. Владата предложи потпишување Декларација за пријателство и соработка, основање заеднички образовно-историски комитет, потпишување Рамковен предлог за унапредување на билатералните односи, основање заеднички комитет кој ќе биде составен од претставници на министерствата итн.

При секоја фрлена ракавица од едната или од другата страна, се поставува прашањето дали се работи за израз на политичка волја, или пак, за маневар за да се одглуми конструктивност.

Странски дипломатски извори велат дека грчкиот премиер Алексис Ципрас сака да се најде решение за спорот, како и дека договорот со мерки за доверба нема да вклучува елементи околу спорот за името, како што беше случај со предлог-меморандумот на Аврамопулос, што значи има шанси да успее.

Не е исклучен притисок за името врз Атина и врз Скопје

И двете страни се согласуваат дека мерките за градење доверба се единствениот начин да се направи каков било исчекор во ситуација кога преговорите за името се под мраз поради политичката криза во Македонија и економската криза во Грција.

Професорот Власис Власидис од Солунскиот универзитет за БИРН вели дека не е оптимист дека владата договорена меѓу четирите партии во Македонија ќе може да го решава прашањето за името

Професор Власис Власидис

Од македонското МНР велат дека во скоро време не се очекува иницијатива за средба од посредникот Метју Нимиц.

Странски извори, пак, не исклучуваат да има притисок врз Скопје и врз Атина, за да се реши спорот за името за време на евентуалната техничка, преодна односна транзициска влада која е се уште предмет на преговори.

„Во контекст кој во овој момент не е видлив за нас, не исклучувам да се изврши притисок врз двете страни да се реши спорот, без оглед што главниот мандат на евентуалната преодна влада во Скопје е сосема поинаков“, вели изворот.

Професорот Власис Власидис од Солунскиот универзитет за БИРН вели дека не е оптимист дека владата договорена меѓу четирите партии во Македонија ќе може да го решава прашањето за името.

„Прво, ќе треба да најдат компромис меѓу себе, поинаков од оној на актуелната влада, а потоа да започнат да го дискутираат со грчката страна. Процесот не е трка на 100 метри туку подолга трка“, вели Власидис.

Слично размислува грчкиот аналитичар Јоанис Михалетос.

„Клучната поета е да постои политичко-социјална стабилност, а потоа транзициската влада може да биде повеќе ефективна за преговори со оглед дека сите страни имаат одговорност и се дел од процесот. Но, доколку нема стабилност, тогаш не може да има дискусија, затоа што приоритетите на Скопје ќе бидат поинакви. Стабилност заедно со транзициска влада и мерки за градење доверба се максимумот“, смета Михалетос.

Последниот трилатерален договор потпишан пред пет години

Македонија и Грција досега имаат потпишано вкупно 25 билатерални договори, покажуваат податоците на МНР. Хронолошки гледано, последните договори се потпишани пред пет години. Се работи за два трилатерални договори-првиот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Гевгелија, кој е потпишан меѓу Македонија, Грција и Швајцарија, а вториот е заедничка декларација за Преспа која ја потпишаа министрите за животна средина на Македонија, Грција и на Албанија.

Последните билатерални договори меѓу Скопје и Атина биле потпишан во 2007 година – протоколи за соработка за Преспа, меморандуми меѓу министерствата за здравство и за образовна размена.