Вести

Агенцијата за медиуми ги премолчи најголемите огласувачи на телевизиите

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Најзначајните 50 огласувачи во електронските медиуми се изоставени од последнатаАнализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2014 година.

Минатата година, според анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, произлегуваше дека Владата е вториот најзначаен огласувач, по компанијата „Проктер и Гембл“, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ, четврт најголем огласувач во електронските медиуми. Според истатата анализа, Владата и партијата заедно имаа учество од 7.3 отсто од вкупниот број реклами.

Освен листата на огласувачи, во анализата минатата година можеше да се види и колку секунди односно минути реклами имал секој огласувач, како и бројот на вкупно емитувани спотови.

Најголемите огласувачи во медиумите објавени во анализата за 2013 година

Оваа година, вакви податоци во анализата не постојат.

Она што може да се види од најновото истражување на пазарот, е дека минатата година, од вкупните приходи на петте телевизии (Сител, Канал 5, Алсат-М, Телма, Алфа), за рекламирање 44 отсто остварила ТВ Сител, или 8,5 милиони евра.

Приходите на ТВ Канал 5 претставувале 21 отсто од вкупните приходи што лани ги оствариле петте телевизии (околу 20 милиони евра), или 4,3 милиони евра. ТВ Алсат-М учествувала со 12 отсто или со околу 2,4 милиони евра, речиси исто колку ТВ Алфа која учествувала со 13 отсто. Телевизијата Телма во вкупните приходи од рекламирање учествувала со 6 отсто или со околу 1,1 милиони евра.

Вкупните приходи на телевизиите објавени во последниот извештај на Агенцијата за медиуми

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за БИРН изјави дека годинава го прескокнале податокот за тоа кои се најзначајните огласувачи, бидејќи истражувачката агенција Нилсен (Nielsen Audience Measurement) се раководела од официјалните ценовници на телевизиите, без да се пресмета попустот што медиумите им го даваат на огласувачите.

„На тој начин, преку официјалните ценовници, се добиваше нереална цена бидејќи немаме сознанија колку изнесуваат попустите, па затоа оваа година не беа ставени во анализата. Се надеваме дека преку законски измени во иднина ќе се добие можност да се види точно колку пари од кој огласувач му е исплатен на електронскииот медиум“, вели Трајчевски.

Обидот да се добие информацијата колку точно пари дава Владата за реклами во секој медиум одделно речиси како по правило завршува во ќорсокак.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во својата анализа „Јавните пари во медиумискиот простор“ се обиде да пресмета колку пари се влеале во медиумите преку владините реклами. Според ЗНМ, во електронските медиуми во периодот од октомври до декември 2014 година биле вложени 5,3 милиони евра, а во дневните и во неделните весници 657.759 евра.

Анализата на ЗНМ беше критикувана бидејќи предвид ги зела официјалните ценовници, без попустот што го давале електронските медиуми

На оваа анализа реагираа повеќе медиуми со тврдење дека сумите не кореспондираат со реалните. ЗНМ се огради со тоа што тврдеше дека нема податоци за евентуалните попусти, за вистинската цена на емитуваните реклами и за процентот што е наплатен, па оттаму истражувањето го спроведувало врз основа на официјалните ценовници на медиумите.

„Не сакавме и ние да се доведеме во таква ситуација, да има реакции од страна на медиумите. Минатата година, на пример, се испостави дека бруто вредноста на рекламните спотови, според официјалните ценовници на телевизиите, без попустите, изнесувале 318 милиони евра. Но, според податоците што радиодифузерите ги доставија во Агенцијата, вкупните приходи од рекламирањето на шесте телевизии изнесувале 20,5 милиони евра, односно била наплатена само 6,45 отсто од цената“, вели Трајчевски.

Останува нејасно зошто Агенцијата не ги објави останатите податоци, како листата на огласувачи, бројот на емитувани спотови и бројот на секунди на емитуваните реклами.

Минатиот месец, Владата донесе одлука времено да постави мораториум на сите комерцијални промоции. Сите владини институции го запреа рекламирањето преку комерцијалните медиуми. Ова следуваше по објавувањето на Извештајот од бриселската група експерти предводени од поранешниот директор на директоратот за проширување, Рајнхард Прибе, каде што јасно стоеја препораките дека владиното рекламирање треба строго да се регулира.

„Купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо. Строги правила за владиното рекламирање мора да бидат применети/наложени/наметнати“, стои во извештајот.

Под притисок на ЕУ, Владата досега има направено само еден обид да биде транспарентна во поглед на рекламирањето. На својата веб-страница објави податоци за тоа во кои медиуми се рекламирала и по колку спотови биле емитувани, но повторно не даде податок за тоа во кој медиум колку пари биле исплатени за одредени реклами.

Дел од отчетот на Владата за тоа во кои медиуми биле емитувани кампањите – цената за поединечните медиуми никаде не беше објавена

Според пресметките што тогаш ги објави Владата, во 2012 година биле исплатени 6,6 милиони евра за реклами, наредната година 7,2 милиони евра, а во првиот семестар од 2014 година, 3,9 милиони евра.

Наспроти повиците за зголемена транспарентност и отчетност за трошењето на јавни пари, Владата сè уште ги нема објавено податоците колку пари се исплатени за рекламирање на поединечни медиуми.