Цела седмица сите се фокусираа на погрешниот пратеник Реџепи.
Новото парламентарно мнозинство не го урна Скендер Реџепи-Зејд од партијата Алтернатива, пратеникот кому му пречеше друштвото на Левица во иницијативата за уривање на власта.
Новото парламентарно мнозинство го урна Кастриот Реџепи, народниот избраник од БЕСА. Тој вчера не се појави на седницата за гласање недоверба на владата.
Бргу откако стана јасно дека Кастриот Реџепи го нема во собраниската сала нешто по 11 часот проструи информацијата дека човекот е исчезнат. Таква беше првата квалификација што стигна до новинарските уши вчера пред Парламентот.
Го немало во неговиот дом, не одговарал на телефонските повици.
Реџепи на Фејсбук напиша статус и сними видео да докаже дека е во ред, го немало зашто идеолошки не се пронаоѓал во новото мнозинство формирано благодарение на неговата БЕСА.
Меѓутоа, сопартијците и коалиционерите не му веруваа. Доцна попладнето пријавија во полиција дека е исчезнат и велеа дека е држен некаде под присила до истекот на уставниот рок за гласање недоверба – вчера на полноќ. Наводно на Фејсбук се логирал од соседна Бугарија.
Кастриот Реџепи вчера можеше да се види само на црвените плакати и паноа низ скопски Чаир. Тој беше кандидат за градоначалник на оваа општина од БЕСА, меѓутоа испадна уште во првиот круг со освоени околу 1.000 гласови.
„Со срце за Чаир“, пишува на плакатот со фотографија од Реџепи.
Цела седмица сите се фокусираа на погрешниот пратеник Реџепи
Арно ама, срцето не му било во Чаир, барем ако се суди според изјавата на неговиот поранешен колега од холандската амбасада, а актуелен прв заменик-премиер, Артан Груби.
„Неговото срце спие во Вашингтон и Брисел“, изјави вчера попладнето високиот функционер на ДУИ. Тој не одговори на прашањето каде му се нозете.
На линкдин-профилот на Реџепи пишува дека повеќе од 12 години работел како консултант за холандската амбасада во Скопје. Оттука очекувано беше дека, покрај спротивставените тврдења – едното дека е уценет и второто дека е принципиелен за НАТО и за ЕУ, ќе се појави и трето толкување за неговото премислување.
Велат проработела некаква холандска врска, со оглед на тоа што на ден пред гласањето недоверба во Скопје дојде премиерот на Холандија, Марк Руте.
Неговата изненадувачка посета многумина ја доживеаја како спасувачка мисија за владата на Заев. Во таа насока може да се толкуваат и изјавите на Руте дека е претпазлив оптимист за почеток на преговорите со ЕУ во декември.
Собраниска сага
Пред полноќ, собранискиот спикер Талат Џафери, во салата без пратеници, а со присутни министри и, според фотографијата, многу тажен премиер ја затвори седницата и констатираше дека е неуспешна иницијативата за недоверба на владата.
Власта со помош на отсутниот Реџепи го задуши опозицискиот обид за преземање на кормилото предводен од ВМРО-ДПМНЕ. Без пратениците од владејачкото мнозинство и без пратеникот на БЕСА, вчера никако не можеше да се состави кворум за воопшто да почне седницата.
Не беа доволни ниту двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што дојдоа во собранието облечени во скафандери и со заштитни маски и визири зашто беа позитивни на корона-вирусот. Еден од нив беше токму собранискиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој во не толку далечното минато беше жесток противник на таков начин да гласаат заразените пратеници од власта.
Сценарио за задушување на опозицискиот обид уште претходната вечер го лиферуваа брифери блиски до владејачките партии. Во тие дошепнувања се спомнуваа тројца пратеници кои биле на готовс да ѝ помогнат на владата да преживее, и тоа сите од помалите партии на Албанците.
Сценарио за задушување на опозицискиот обид уште претходната вечер го лиферуваа брифери блиски до владејачките парти. Во тие дошепнувања се спомнуваа тројца пратеници кои биле на готовс да ѝ помогнат на владата да преживее, и тоа сите од помалите партии на Албанците
Дури се спомнуваше и пратеник од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, која најмалку од сите во опозицискиот блок во овој период оставаше сомнеж дека е против власта.
Опозицијата неколку пати купуваше време одложувајќи ја седницата со паузи, меѓутоа уште пред да се појави видеото на Кастриот Реџепи беше јасно оти нејзината иницијатива нема да успее.
„Како ручекот“, го прашаа новинарите овој другиов Реџепи, Скендер од Алтернатива, кој вчера околу три часот се враќаше во собраниската зграда.
„Опозициски“, кусо одговори тој.
Иако во Собранието вчера цел ден беа министрите, премиерот и сите пратеници, освен отсутниот Кастриот, ходниците беа речиси празни и веќе во 11 часот мирисаа на второ еспресо. Сите седеа во кабинетите чекајќи да им пристигнат инструкции од партиите на мобилните телефони.
Со пратеник можеше да се поразговара само ако новинарите го начекуваа на пат кон тоалет и од тие муабети и немаше многу што да се дознае.
Во вториот дел од денот, собраниската сага се претвори во мачење. Се проретчија и новинарите, а во режијата на Собранискиот канал од здодевност се гледаа ски-скокови.
Атмосферата единствено се подигна вечерта, кога на Фејсбук осамна фотографијата на Христијан Мицкоски, како лежи на хируршка маса. Првата помисла на новинарите беше дека некој му го хакнал профилот, бидејќи целиот пост изгледаше како несолена шега.
По неколку телефонски повици, се дозна дека и фотографијата и напишаното се автентични, ги постирал лично Мицкоски откако бил на претходно закажана операција за отстранување масно ткиво од вратот.
Во моментите додека пиарот на Мицкоски го дообјаснуваше необичниот пост, првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, пред Собранието на новинарите им зборуваше дека се потребни радикализација на состојбата и протести против власта.
Утрото Александар Николоски твитна „Game over“, а подоцна генералниот секретар на владата, Мухамед Зекири од СДСМ возврати со „Game change“ и фотографија од Заев на мотор
Неколку минути пред 22 часот, Собранието го напуштија заедно, лидерите на БЕСА и на Алијанса, Биљал Касами и Зијадин Села, без да дадат изјава. Одделно од нив, неколку минути подоцна, уште потивко замина и првиот човек на Алтернатива, Африм Гаши.
Ова неединство во албанскиот опозициски блок стана појасно по телевизиски настап на Гаши, кој се протолкува како обид на лидерот на Алтернатива да ѝ се нуди на власта.
Во таа насока одеше и претходната изјава на Христијан Мицкоски, кој крајно резигниран, освен што си го преиспита своето учество во политичкиот живот во Македонија – имал чувство на гадење, предвиде дека владејачкото мнозинство може да расте. Алудирајќи дека тоа ќе се случи преку непринципиелни коалиции и притисоци.
Денот го затвори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, поддржан од целата пратеничка група зад себе. Тој, сепак, побара брзи избори бидејќи, како што рече, е неодржлива ситуацијата во која опозицијата има 60 пратеници, власта 59 и еден е киднапиран.
Оваа слика беше сосема спротивна од онаа што можеше да се посведочи утрото. Сите протагонисти за уривање на власта, вклучително Села, Апасиев и министерот Аријанит Хоџа од Беса беа уверени дека власта паѓа.
Утрото Александар Николоски твитна „Game over“, а подоцна генералниот секретар на владата, Мухамед Зекири од СДСМ возврати со „Game change“ и фотографија од Заев на мотор.