Анализи

Нови 80 милиони евра за менување на Скопје

Иронична случајност – „Скопје 2014“, термин со кој го именуваме потфатот за менување на изгледот и идентитетот на градот, една година по објавувањето на базата на податоци на БИРН порасна точно толку колку што првично беше најавено дека ќе чини целиот проект – 80 милиони евра. 

Веќе никој, па дури ни власта не се осмелува да говори за 200 милиони евра за проектот / Фото: Роберт Атанасовски

Веќе никој, па дури ни власта не се осмелува да говори за 200 милиони евра за проектот / Фото: Роберт Атанасовски

Една година по објавувањето на базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, резултатите се во најмала рака амбивалентни: податоците станаа референта точка за темата околу проектот „Скопје 2014“, екипата на БИРН доби две престижни награди за истражувачко новинарство, но нема ниту навестување од институциите дека ќе запре или дека ќе се намали интензитетот на она што БИРН го откри – големи суми јавни пари потрошени на скулптури, фонтани, фасади и згради проектирани и дизајнирани за да го изменат ликот на главниот град.

Наместо тоа, добивме плус 80 милиони евра вредни договори во базата која од 560 милиони евра во јули 2015 сега изнесува 640 милиони. Иронична случајност – „Скопје 2014“ изминатава година порасна точно толку колку што првично беше најавено дека ќе чини целиот потфат – 80 милиони евра.

sk2014baza

Иако игнорирани од голем број медиуми кои се подведуваат под терминот „провладини“, податоците или откритијата на истражувањето на БИРН сепак одекнаа во јавноста. Веќе никој, па дури ни власта не се осмелува да говори за 200 милиони евра за проектот. Всушност, речиси никој од владејачкиот естаблишмент воопшто не се осмели да ги коментира наодите на БИРН. Особено на почетокот. Цели 6 месеци поминаа за да се формулира единствениот контра аргумент на наодите на БИРН, а тоа е дека – она што е поместено во базата, всушност не е „Скопје 2014“.

Базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ ја анализира, ја истражува, ја документира онаа замисла која во јавните изјави се именува со помпезни термини за столбови на нацијата, а во прислушуваните телефонски разговори со синтагмата „Миле ми текна“

Имено, само така може да се протолкува изјавата на тогашниот премиер Груевски, кој своевремено се прогласи за автор и идеен творец на проектот, дека „Скопје 2014“ се само објектите околу Вардар и спомениците на плоштадoт Македонија.

„’Скопје 2014’ беше плоштадот Македонија, покрај кејот од Владата до Холидеј Ин, и плоштадот Филип Втори, плус спомениците наоколу. И тоа е. Сѐ друго не е дел од ‘Скопје 2014’“ изјави Груевски во декември 2015.

Иако тој во изјавата реферира на партискиот противник, а не на работата на БИРН, сепак се стекнува впечаток дека тоа e одговорот на податоците откриени во нашето истражување. Изјава дадена од позиција на клучен арбитер, оној кој има право и сила да каже што е, а што не е проектот „Скопје 2014“.

Груевски тоа може да го направи или барем да се обиде да го направи, затоа што, официјално, проект „Скопје 2014“ – не постои. Тоа не е документ, не е најавен проект со фази и рокови, не фигурира во ниту еден оглас, во ниту еден авторски договор или склучен тендер, а уште помалку во партиската програма. Всушност, „Скопје 2014“ е идеја, замисла за менување на градот која се претвори во бетонска, мермерна и стиропорна стварност.

Или да ја парафразираме неговата изјава – „Скопје 2014“ е намера да се изгради сѐ што е пропуштено последниве 50 години! Замисла „поврзана со нашиот толку многу негиран идентитет и историја, со разубавување на главниот град, со негово правење поатрактивен за туристите, со активирање на градежниот сектор во време на најголемата светска криза“ како што изјави Груевски во мај 2015.

Базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ ја анализира, ја истражува, ја документира токму таа замисла. Онаа замисла која во јавните изјави се именува со помпезни термини за столбови на нацијата, а во прислушуваните телефонски разговори со синтагмата „Миле ми текна“.

И на која сега ѝ ја знаеме цената. Цената која се зголемува. Цената поради која базата бара секојдневно следење на веб-страницата на јавни набавки и ажурирање на податоците.

Годинава буџетски средства не одеа на споменици, со исклучок на споменикот на Мајка Тереза кој сѐ уште е во изградба. Нема дилеми дека тоа навистина ќе биде последниот споменик во рамките на проектот, затоа што самиот Груевски така најави.

Буџетските пари сега се насочени на фасади во централното градско подрачје. Се разбира ниту тие не се најавуваат како дел од „Скопје 2014“ туку како реконструкција. Нови договори за барокни рува на фасадите беа склучени за објекти на улица „Македонија“, „Димитрија Чуповски“, „Даме Груев“, „Никола Вапцаров“. Во еден момент се предвиде и менување на фасадата на зградата на Ибн Пајко, но тој оглас засега е поништен. Во квази-класицизам се преоблекува и малото зградиче до Владата, откако самата таа беше „преродена“.

Уште во фаза на изградба меѓу другите се и: Панорамското тркало, плоштадот Скендербег, новата зграда за државна администрација кај МОБ, зградата на Водоводот, Кулата на Водно, зградата на Филхармонијата. Тековното одржување, илуминациите, исто така влечат пари од државниот или градскиот буџет. Единственоопштината Центар веќе не учествува во реализацијата на „проектот“. Многу повеќе препознавање на основната идеја покажува општината Аеродром со „Рајскиот парк“ или Кисела Вода со спомениците.

Но, терминот „Скопје 2014“ изминатава година од заеднички именител на менувањето на градот стана и симбол на револтот. Боите на „Шарената револуција“ ги таргетираа токму објектите и институциите кои станаа синоним на владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

И додека базата на податоци постојано расте, затоа што доста објекти не се завршени, но и затоа што многу нови „Миле ми текна“ сѐ уште се на ниво на разговори и замисли, „Скопје 2014“ е формално непостоен, но физички реално препознатлив проект кој полека се сели во Специјалното јавно обвинителство.

„Скопје 2014“ изминатава година од заеднички именител на менувањето на градот стана и симбол на револтот / Фото: Ванчо Џамбаски

„Скопје 2014“ изминатава година од заеднички именител на менувањето на градот стана и симбол на револтот / Фото: Ванчо Џамбаски

Таму веќе се истражуваат набавките и се земаат искази. Се бара логика и процедура во она што од самиот старт е надвор од овие поими.

Базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ е објавена на 26 јули 2015 година. Датумот на нејзиното објавување не беше случаен, тој е врзан со годишнината на земјотресот кој е пресвртница во колективната меморија. Катастрофа која го измени градот, која ја воспеа солидарноста, која ги поттикна архитектите и која го означи почетокот на изградбата на ново, модерно Скопје.

Половина век подоцна, Скопје со новите објекти, со фасадите, со спомениците… испраќа порака дека неговата инспирација не е веќе модернизмот туку некои постари времиња и некои други култури.