Актуелно

Пучот го откри тивкиот идеолошки судир меѓу македонските Турци

Во Македонија нема заколнати ердоганисти и ѓуленисти, ама настаните што следеа по неуспешниот обид за пуч, открија дека и во државава има идеолошки разидувања на линија на судирот меѓу турскиот претседател и верскиот лидер со живеалиште во САД.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Ние Турците во Македонија сме ефендии, не се караме, ниту, пак, правиме проблеми, ама никогаш не сум имал топол поздрав за ѓуленистите што живеат во државава“, вели за БИРН Тахсин Ибрахим, првиот човек на МАТУСИТЕБ, организација што обединува десетици невладини организации на Турците во Македонија.

Ибрахим во саботата го предводеше собирот за поддршка на Реџеп Таип Ердоган, турскиот претседател кој преживеа обид за пуч и кој обвини дека неуспешниот преврат е „масло“ на верскиот лидер во егзил – Фетула Ѓулен, кој живее во американската сојузна држава Пенсилванија.

Нема големи поделби во турската заедница, иако тлее идеолошкиот судир (Турска чаршија) | Фото: БИРН

Нема големи поделби во турската заедница, иако тлее идеолошкиот судир (Турска чаршија) | Фото: БИРН

Покрај собирот за Ердоган, невладините под водството на овој професор по математика од Гостивар ги поддржаа и поранешните средношколци, кои ги искинаа дипломите пред зградата на приватното училиштето „Јахја Кемал“. Овој потег изненади многумина во Македонија и го изнесе на површина тивкиот идеолошки судир на дел од овдешните Турци.

Ибрахим е само еден од повеќетемина што се убедени дека зад „Јаха Кемал“ стои никој друг, како што тој неколку пати потенцираше, ами турскиот национален и религиозен душман, Фетула Ѓулен.

„Уште многу дипломи ќе се кинат“, ни вели тој сркајќи од турското кафе во неговата канцеларија под скопското Кале.

Раководството на училиштето не го коментира Ибрахим, ниту, пак, перформансот со дипломите. Газди на „Јахја Кемал“ се неколку турски државјани, кои важат за почитувачи на Фетула Ѓулен, меѓутоа, како што тврдат нашите извори, нема негов капитал во оваа образовна институција.

Сопствениците на училиштето и нивните соработници не сакале да се етикетираат како ѓуленисти, меѓутоа не криеле дека се водат од неговите идеи, како онаа дека само образованието може да ја намали сиромаштијата и да придонесе за мир.

„По толку војни во историјата никој не победил, време е да се стави крај на таа практика и да се биде human being (човечко суштество), тоа е она што проповеда Ѓулен“, тврдат познавачите на неговото дело во Македонија.

Иако дебатата во Македонија за пучот не може да се сведе на идеолошки и религиски судир на самите Турците, таа пред сè е расправа за начинот како се разбира и уште повеќе како се практикува демократијата, но одредени сегменти, како судирот Ердоган – Ѓулен и како историјата на воените преврати во Турција се, сепак, специфични турски теми.

Фетула Ѓулен – душман или пророк

Исто како во Истанбул и овдешните симпатизери на Ердоган се јасни и гласни, се собраа пред амбасадата, дефилираа со автомобили низ скопските улици славејќи го неуспешниот пуч, а меракот го манифестираа и преку иконографијата во Турската чаршија.

На неколку објекти во близина на Мурат-пашината џамија, во срцето на чаршијата, истакнале турско знаме, како и во една продавница за сувенири на плоштадот пред верскиот објект. Црвените бајраци со бели полумесечина и ѕвезда се актуелни и на тезгите на Бит-пазар, заедно со американското и со албанското знаме.

Старата скопска чаршија неколку дена по пучот во Турција | Фото: БИРН

Старата скопска чаршија неколку дена по пучот во Турција | Фото: БИРН

Турскиот претседател уште пред да ја врати контролата врз земјата обвини дека зад пучот стои Фетула Ѓулен, иако и двајцата се наклонети кон исламот, а турските воени пучеви обично се поврзувале со секуларистите и следбеници на основачот на турската република, Мустафа Кемал Ататурк.

Во следните денови Ердоган уапси илјадници војници, разреши еден куп судии и крајно неочекувано удри по образованието, отпуштајќи илјадници просветни работници или, пак, забранувајќи им да патуваат надвор. Може само да се претпостави дека мотивите за чистките во образованието се поврзани со фактот дека стотици училишта во Турција и во светот важат за упоришта на Ѓулен.

Отворената стигматизацијата на таканаречените ѓуленисти веројатно е причина зошто дури и во Македонија тие не се комотни јавно да говорат за актуелната ситуација. Дополнително, никој не сака погрешно да биде сфатен, дека го поддржува крвопролевањето што се случи по улиците на Истанбул и на Анкара.

Училиштето „Јаха Кемал“ на удар од поддржувачите на Ердоган | Фото: БИРН

Училиштето „Јаха Кемал“ на удар од поддржувачите на Ердоган | Фото: БИРН

„Ѓулен не е ни оддалеку толку моќен колку што го претставува Ердоган, неговите следбеници во Турција се повлекоа од јавната сцена, страв им е да зборуваат и на телефон. Ердоган е проблемот, тој сака да стане султан“, велат нашите соговорници кои побараа да останат анонимни.

Лидерот на турските невладини организации во Македонија, Тахсин Ибрахим, пак, е уверен во спротивното.

„Овој човек (н.з. Ѓулен) формираше паралелна државна формација во Турција по налог на надворешни сили. Кога од надвор ќе го ‘притиснат копчето’, тој создава хаос во државата“, сигурен е Ибрахим.

„Не е Ердоган сличен на Груевски, може да важи само обратното“

„Мнозинството Турци во Македонија го поддржуваат Ердоган“, Тахсин Ибрахим. | Фото: БИРН

„Мнозинството Турци во Македонија го поддржуваат Ердоган“, Тахсин Ибрахим. | Фото: БИРН

За разлика од озлогласениот Ѓулен, Ердоган е многу популарен меѓу Турците што ги претставува оваа групација на невладини организации, бидејќи тој им посветувал повеќе внимание и им правел поголема чест за разлика од претходните властодршци во Анкара.
„Дојде во Македонија уште пред да стане премиер, а гостуваше уште два пати потоа. Тој ја сечеше лентата кога се отвори нашиот центар“, вели Ибрахим и додава дека симпатиите се на страната на Ердоган, зашто во негово време Турција повторно станала моќна економска сила.

„Ако сте биле во Истанбул или во Турција пред седум или осум години, исто како да не сте биле. Таа сега е друга земја, има многу нови гигантски проекти“, вели Ибрахим.

Тој не се согласува со дискурсот во македонската јавноста дека Ердоган слично владеел како македонскиот експремиер Никола Груевски.

„Може само Груевски да има некои слични потези како Ердоган, а не обратно“, поентира Ибрахим низ шега.

Македонските Турци од условно кажано спротивната страна, пак, велат дека Ердоган многу троши за пропаганда и во медиумите за да создаде слика за една ултра успешна Турција.

Велат дека не може аргумент за медиумска слобода да биде фактот дека опстојуваат медиуми што го критикуваат, па дури и жестоко го напаѓаат Ердоган, бидејќи највлијателните телевизии и весници се под негова контрола и многу новинари се зад решетки или се соочуваат со затворски казни.

Контратезата околу турските медиумски слободи е дека ниту еден од новинарите не е затворен за напишан збор туку сите до еден се казнети за друго кривично дело.

Нема потреба посебно да се нагласува дека спротивни се мислењата и околу дилемата дали самиот Ердоган го режирал пучот. Ставовите одат од неверицата дека кој било може да исценира воен преврат, до тоа дека е сомнително оти во првите часови од пучот не се појавил лидерот на хунтата.

Колку и да врие во Турција по пучот и по чистките што ги спроведува Ердоган, не може да се каже дека острината на судирот се пресликала во државава. Како што велат нашите соговорници, иако се на спротивна страна со некои од своите сонародници, сепак сè уште не им е тешко да си кажат по едно „мерхаба“ кога ќе се разминат на улица.

Останува впечатокот дека последнава деценија кај македонските симпатизери на Ердоган е разбуден еден вид отомански сентимент, односно чувство дека Турција повторно како во минатото може да биде светска велесила, која им пркоси и на САД и на Русија и дека токму Ердоган е персонификација на таа моќ.