Медиумите се еден од најзначајните општествени двигатели од кои граѓаните се информираат за прашањата од јавен интерес. Оттука, обврска на медиумите е да овозможат граѓаните да ги добијат сите информации што им се неопходни за да заземат став за одредени прашања од јавен интерес. Во оваа смисла, снабдувајќи ги граѓаните со релевантни и објективни информации, медиумите влијаат врз подигањето на општото ниво на разбирање на јавните политики, овозможувајќи простор за јавна дебата за тие политики меѓу сите општествени чинители. Од друга страна, преку својата улога на чувари на јавниот интерес, медиумите настапувајќи во името на граѓаните отвораат расправа за одредени проблеми во општеството и вршат притисок врз властите и врз другите центри на моќ за одговори за тие проблеми.
За да можат медиумите да ја играат успешно оваа своја општествена улога потребна е соодветна поволна околина за тоа, воспоставување и почитување соодветни етички и професионални стандарди, но и соработка со другите општествени фактори кои делуваат слично и застапуваат слични интереси. Во оваа смисла пред сè станува збор за соработката со невладините организации како, исто така, многу значаен чинител во граѓанското општество кој главно делува кон унапредување на јавните политики и поширок пристап на граѓаните до разните сфери на одлучување во општеството.
Имајќи го ова предвид, во рамките на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор како дел од Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија, во 2013 година беше спроведено иницијално истражување на начинот на кој медиумите известуваат за прашањата од поширок општествен интерес и за соработката меѓу медиумите и невладините организации при тоа известување.
Основна цел на мониторингот беше да обезбеди доволно, квалитетни и релевантни информации за анализа на начинот на кој медиумите во Македонија известуваат за прашањата од поширок општествен интерес детектирани на заедничката дебата меѓу претставници на невладините организации и новинарите.
Анализата на резултатите од мониторингот, освен тоа, послужи и како основа во дизајнирањето на работилниците со новинарите и невладините организации за зголемување на бројот и за унапредување на квалитетот на медиумските написи за избраните теми од заеднички интерес.
Со цел да се согледа трендот во начинот на медиумското известување за овие теми и да се процени правецот на движење, спроведен е уште еден идентичен мониторинг во 2016 година. Ова овозможува споредба на состојбата од пред три години и денес, според сите прашања што беа опфатени со мониторингот, односно:
- Во колкав обем македонските медиуми известуваат за секоја од анализираните теми?
- Дали при известувањето за овие теми се зачувани основните професионални стандарди во новинарството?
- Колку е медиумското известување балансирано, објективно и дали се консултираат сите страни од приказната?
- Дали написите се поттикнати од самостојни и оригинални истражувања на новинарите или се само известувања за настани организирани на овие теми?
- Дали и колку написите ги содржат елементите: веродостојност, релевантност, доверба и кредибилитет?
Освен за основната цел, резултатите и од овој мониторингот можат понатаму да послужат како основа за преземање низа други акции насочени кон подобрување на медиумското известување гледано општо, но и поединечно за секоја од анализираните теми. На новинарите може да им помогне да ги лоцираат слабите страни во сегашното информирање за анализираните теми и како патоказ за унапредување на нивното известување. На невладините организации, пак, анализата може да им укаже на областите во кои е потребен поголем ангажман во насока кон поредовно, попрофесионално и пообјективно информирање на јавноста.
Клучни наоди од мониторингот:
- Станува збор за мониторинг спроведен во 2016 година според истата методологија и врз истите медиуми како и во 2013 година со цел да се констатираат трендовите во начинот на којшто медиумите известуваат за темите од поширок општествен интерес.Малку е намален вкупниот број на текстови коишто се однесуваат на темите од поширок општествен интерес, а кој во 2016 година изнесувал просечно по три текста дневно, за разлика од 2013 година кога просечно дневно се објавувале по четири вакви текстови.
- Квалитетот на написите е значително подобрен според речиси сите анализирани параметри, иако сè уште има голем простор за натамошно подобрување од аспект на основните професионални стандарди, веродостојноста, релевантноста, довербата и кредибилитетот на написите, како и посеопфатно, продлабочено и подетално истражување и анализирање на третираните теми.
- Тема за која медиумите пишувале најмногу е „Добро владеење“ за разлика од 2013 година кога најзастапена тема била „Пристапувањето кон Европската унија“, која, пак, сега е на последното место како тема за која најретко се пишувало.
- Двојно е зголемен бројот на поголемите текстови, а намален бројот на малите текстови што значи дека на темите им е даден поголем простор во медиумите.
- Расте процентот на текстови кои се најавуваат на насловните страници во весниците и во ударните вести на телевизиите. Ова значи дека самите медиуми сè повеќе ги рекламираат овие текстови, веројатно свесни за нивниот квалитет или за влијанието врз поширокиот круг граѓани.
- Сè повеќе текстови се илустрираат како со општи, така и со оригинални и автентични фотографии и снимки од темите на коишто се однесуваат.
- Расте легитимирањето на новинарите-автори на написите. Се зголемува бројот на текстови кои се целосно потпишани, за сметка на намалувањето на анонимните текстови.
- Жанровски, доминантен дел од написите и натаму се вести, но расте застапеноста на жанровите како анализата и репортажата, додека процентот на истражувачките приказни останува на 3%.
- Повеќе од половина од написите имаат два, три и повеќе извори, додека се намалува бројот на текстови со еден или без ниту еден извор. Значајно се намалени написите без извори.
- Бројот на текстови со наведени извори е зголемен за сметка на намалување на бројот на текстови со анонимни и без извори.
- И натаму, повеќе од половина од написите имаат само една страна, но расте бројот на текстови во кои се застапени две, три и повеќе страни.
- Без каква и да е промена, во две третини од написите е консултирана само едната страна во приказната.
- Министерствата и особено Владата се јавуваат помалку како извори во написите, за сметка на зголемување на користењето на извори лоцирани во локалната самоуправа, судовите, обвинителството и синдикатот. Невладините организации и натаму се посочуваат како извор само во мал дел од написите.
- Намален е бројот на текстови кои се засноваат врз псевдонастани (прес-конференција, соопштение, изјава и сл.), за сметка на оние кои се темелат врз оригинални или автентични настани. Само 8% од написите произлегле од оригинални истражувања на новинарите.
- Владините институции и партиите помалку, а локалните институции и судовите повеќе се јавуваат како организатори на псевдонастаните коишто биле повод за пишување на написите од поширок општествен интерес. 9% од написите се темелат врз настан организиран од невладина организација.
Детални резултати од мониторингот:
- На која тема се однесуваат текстовите
- Должина на написите
- Најава на написот на насловната страница/ударните вест
- Илустрирање на написите
- Автори на написите
- Жанровска припадност
- Број на изворите
- Статус на изворите
- Страни во приказните
- Лоцирање на изворите
- Консултирање на засегнатата страна
- Повод за написот
- Организатор на настанот
Методологија
Мониторингот во .pdf формат е достапен на македонски и албански јазик