6. Жанровска припадност

Помалку вести, повеќе анализи: Без позначајни промени во жанровите: Во 2016 во однос на 2013 година, малку е намален бројот на написите во жанровите вест и проширена вест, за сметка на зголемувањето на написите од другите жанрови како анализата и репортажата.

Наспроти тоа што станува збор за теми од поширок општествен интерес за кои е логички да се застапени другите жанрови, освен вестите, сепак, 69% од написите им припаѓаат на вестите (20%) и проширените вести (49%). Следуваат анализата како жанр со застапеност од 11% и репортажата со 4%. Истражувачката сторија е застапена само во 3% од анализираните содржини, исто колку и интервјуто.

Објавувањето на авторите на новинарските текстови се смета дека придонесува значително кон градење на кредибилитетот на соодветниот медиум, зголемувајќи ја довербата на граѓаните во него. Спротивно, непотпишаните текстови губат на релевантност и оставаат простор за сомневање дека основната причина за објавување на одреден текст не е објективното информирање на граѓаните.

Во споредба со 2013 година, има мало подобрување во смисла на повеќе написи во другите жанрови, како анализата и репортажата, за сметка на помалкуте написи во двата основни жанрови вест и проширена вест. Ова кореспондира и со подолгите написи во 2016 година, споредено со 2013 година. Ако во 2013 година имало 74% од написите во жанрот вест, во 2016 година овој процент е намален на 69%. За еден процентен поен е зголемена застапеноста на анализата (од 10% на 11%) и на репортажата (од 3% на 4%). Нема поместување кај истражувачката сторија на која и во 2013 и во 2016 година и припаѓале по 3% од написите. Иако има мало подобрување во однос на 2013 година, состојбата и натаму е загрижувачка, имајќи предвид дека за голем дел од темите за кои станува збор, побјективно информирање на граѓаните е можно само преку посеопфатни истражувања на новинарите.