3. Најава на написот на насловната страница/ударните вести

Повеќе написи се најавени на насловните страници/ударните вести: Процентот на написите од пошироката сфера на општествен интерес коишто се објавени на насловните страници на весниците или во ударните вести на телевизиите во 2016 година (36%) е повисок, отколку во 2013 година (25%).

Иако дури 64% од написите кои се однесуваат на темите од поширок општествен интерес не се најавени на насловните страници во весниците и на ударните вести на телевизиите. Сепак, останатите 36% од написите се „рекламирани“, односно нивните наслови, дури и дел од содржината се најавени на насловните страници и во т.н. форшпани на телевизиите. Објавувањето на написите на насловните страници или во ударните вести вообичаено е поврзано со нивниот квалитет. Имено, доколку медиумите сметаат дека написот открива нешто што е важно и од голем интерес на публиката тогаш го објавуваат на насловната страница или во најавата на ударните вести за да привлечат поголем број читатели, односно гледачи со тоа.

И овој пат се потврдува дека овој број кореспондира со бројот на написите што можат да се оценат како поквалитетни од аспект на број на извори, застапеност на вклучените страни, консултирање и цитирање на засегнатите страни и сл. Ова значи дека на насловните страници или во ударните вести се најавени поквалитетните содржини што може да упатува на заклучокот дека медиумите се свесни за квалитетот на својата работа и дека доколку би имале повеќе квалитетни написи, тие би ги објавиле и на насловните страници и во ударните вести. Да 36% Не 64%.

Споредбата со мониторингот пред три години и во однос на ова прашање покажува извесно подобрување. Имено, во 2013 година, на насловната страница или во ударните вести биле најавени само една четвртина (25%) од темите од поширок општествен интерес, додека во 2016 година овој процент порасна на повеќе од третина од написите, односно 36%.