10. Лоцирање на изворите

Помалку државните, а повеќе другите институции и сектори: Главната промена во локацијата на изворите во новинарските написи во 2013 и во 2016 година е што министерствата и особено Владата се јавуваат помалку како извори во написите, за сметка на зголемување на користењето извори лоцирани во локалната самоуправа, судовите, обвинителството и синдикатот.

Најзастапени извори кои се наведени и цитирани во анализираните написи се оние лоцирани во државните институции (влада, министерства, државни агенции и сл.) на кои им отпаѓа 31% од сите извори. Следни, според учеството, се извори кои доаѓат од локалната самоуправа (9%) и од невладиниот сектор (8%). Натаму, според застапеноста, се изворите од политичите партии (7%), од судството (5%) и од бизнис-секторот (4%). Со по 3 процентна застапеност се изворите лоцирани во универзитетите, обвинителство, здравствените институции и синдикатите. Најмалку извори се лоцирани во образованието (2%) и установите од културата.

Споредено со 2013 година, има подобрување во смисла на проширување на користените извори од други институции, покрај од државните, односно Владата, министерствата и другите државни институции. Во 2016 година е намален бројот на написите со извори кои се лоцираат во државните институции и тоа извори од Владата имало само во 1% од написите (8% во 2013 год.), а од министерствата во 13% од 18% во 2013 година. Спротивно, зголемена е застапеноста на извори од локалната самоуправа од 6% на 9% од написите, од судовите од 1% на 5%, од обвинителствата од 0,5% на 3% и од синдикатите исто така од 0,5% на 3%.

Невладините организации како извори се со иста застапеност од 8%. Нема промени ниту кај користењето како извор на бизнис-секторот (4%), политичките партии (7%), универзитетските експерти (3%), образовните институции (2%) и установите од културата (2%).