Пишува: Кристин Браун
Најавата на Хашим Тачи дека Косово ќе ја обвини Србија и дека ќе побара отштета за делата извршени во 1998 и 1999 година, веројатно нема да се оствари, изјавија аналитичари за БИРН.
За да успее обвинението, Косово прво треба да биде членка на ООН. Втор услов е геноцидот да биде докажан пред суд, што значи дека се неопходни претходни судски одлуки кои би го поткрепиле овој случај.
Меѓутоа, неколку досега процесирани припадници на српските сили, се осудени за воени злосторства извршени во конфликтот во Косово, но не и за геноцид.
Во минатонеделното интервју дадено за српскиот весник „Денес“, Тачи изјави дека неговата земја веќе неколку години се подготвува да поднесе обвинение пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), тврдејќи дека Косовските Албанци се жртви на геноцид извршен од страна на Србија, како наследничка на Југославија, на чие чело, за време на војната, беше претседателот Слободан Милошевиќ.
Меѓутоа, експертите тврдат дека постојат многу пречки со кои Косово може да се соочи на патот до судницата на МСП.
Без членство во ООН
Првата пречка за случајот на Тачи, е фактот што за да се поднесе обвинение пред МСП, неопходно е членство во ООН.
„Предлогот на претседателот Тачи, Косово да поднесе обвинение против Србија пред МСП, не е многу реален, со оглед на тоа дека Косово не е членка на Организацијата на Обединетите нации, ниту пак потписник на Статутот на МСП“, вели Мит Реган, професор по право и еден од директорите на Центарот за правни студии на Правниот универзитет во Џорџтаун.
За да стане една земја членка на Организацијата на Обединетитите Нации, 9 од 15 членки на Советот на безбедност на ООН мора да гласаат за, без да има било какво несогласување помеѓу петте постојани членки. Меѓутоа, две постојани членки на Советот за безбедност, Русија и Кина, ја поддржуваат српската политика според која таа има суверенитет над Косово, спречувајќи го разгледувањето на барањето на Приштина за членство, во Генералното собрание на ООН.
Ако може Косово да ги надмине овие пречки, за прием ќе му биде потребно двотретинско мнозинство од гласовите во Генералното собрание. Моментално, 109 од 193 држави членки на ООН ја признаваат независноста на Косово, што е околу 56 проценти.
Правните патишта, Косово да го поднесе своето обвинение, се ограничени, затоа што МСП нема задолжителна надлежност, што значи дека сослушување пред овој суд може да се одржи само доколку со тоа се согласат и обвинетата страна и онаа која обвинува.
Постои исклучок за потписниците на Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот. Член 9 од статутот дава задолжителна надлежност за кривични дела кои се утврдени во конвенцијата за геноцид; ова би бил правна основа, врз која Косово може да го изнесе својот случај пред МСП.
Кога Србија, во 2001 година, ја потпиша конвенцијата, додаден е дел во кој се вели дека членот 9 нема да биде задолжителен за Србија и дека таа мора експлицитно да даде согласност за надлежноста на судот во секој случај.
Меѓутоа, МСП веројатно ќе утврди дека Србија е под јурисдикција на судот, како држава наследничка на Сојузна Република Југославија, која беше обврзана со одредбите на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид.
Преседаните на меѓународниот суд
Предложеното обвинение на Косово, исто така, ќе се соочи и со пречки врз основа на преседаните на судот, затоа што многу е тешко геноцидот да се докаже. МСП само еднаш призна геноцид, убиството на околу 8.000 Бошњаци од Сребреница во 1995 година.
„Можноста МСП да утврди дека некоја од овие две страни извршила геноцид во војната на Косово, се еднакви на нула, бидејќи никој не е обвинет, а не пак осуден за геноцид на Косово од страна на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) или некој друг суд“, изјави за БИРН Милица Костиќ, директорка на правната програма на Фондот за хуманитарно право од Белград.
Кога МКСЈ го обвини Слободан Милошевиќ за злосторства извршени за време на југословенските војни, тој беше обвинет за геноцид во Босна и Херцеговина, но не и во Косово.
Многу експерти сметаат дека, ако меѓународната заедница верува дека во Косово е извршен геноцид, веројатно веќе во тоа време ќе беа поднесени вакви обвиненија против Милошевиќ.
Ниту еден српски или косовски суд, никогаш не ги оквалификувал воените злосторства извршени во Косово, како геноцид.
Политички мотиви
Поради тешкотиите со кои се соочува потенцијалното обвинение на Косово, мотивите за заканите на Тачи може да се сметаат и за политички.
Според Џејмс Кер Линдзи, од Лондондската школа за економија, обвинението „делумно може да биде обид да се задуши гласот на националистите во Косово“.
„Имаше многу поплаки околу дијалогот помеѓу Белград и Приштина (за нормализирање на односите) и многумина сметаат дека владата `омекнала` и дека на Србија ѝ ги продава интересите на Косово, на пример, преку Асоцијацијата на српските општини. Ова може да биде обид да се покаже дека тоа не е така“, изјави Кер-Линдзи за БИРН.
Обвинението, исто така, може да биде мотивирано од покренување на потенцијален обвинителен акт против високи лица од Ослободителната војска на Косово од страна на Специјалните совети на Косово, кој што треба да се формираат наскоро, а кои ќе се занимаваат со кршењето на човековите права помеѓу 1999 и 2000 година.
„Многу луѓе од Косово не се особено среќни во врска со ова, затоа што веруваат дека со тоа ќе ја доведат во прашање праведноста на нивната вооружена кампања за независност. Ова може да биде обид да се оправда конфликтот и да се покаже дека Србија била вклучена во систематска кампања на насилство“, сугерира Кер-Линдзи.
Во извештајот кој што го објави Советот на Европа во 2011 година, Тачи се спомнува како политички водач на паравоена групација, одговорна за кршење на човековите права, вклучувајќи мачење и трговија со човечки органи.
Доколку обвинението биде успешно изнесено пред МСП, тоа, несомнено, ќе ги оптовари преговорите помеѓу Белград и Приштина, поддржани од Брисел.
„Белград нема да го прифати овој потег. Меѓутоа, јас не мислам дека тоа би предизвикало непоправлива штета. Ниту една страна не може да си допушти да се откаже од дијалогот“, вели Кер-Линдзи.
Ако Косово успешно го поднесе својот случај пред МСП, Србија може да возврати со контра обвинение, и покрај напорите за подобрување на односите.
Директорот на канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, одговори на заканите на Тачи, наведувајќи дека „ако некој извршил геноцид во Косово, тогаш тоа е ОВК и нејзините команданти“.
Костиќ нагласува дека оваа реторика може да доведе до поднесување на контра обвинение од страна на Србија.
Фрлање пари
Исходот од обвинението на Косово, веројатно ќе биде сличен како и во случајот кога Србија и Хрватска пред МСП поднесоа меѓусебни обвиненија за геноцид. Беа потребни неколку години тоа да се реши, постапката беше екстремно скапа, а резултатот беше незадоволителен и за двете држави.
Според податоците на хрватското Министерство за правда, Хрватска потрошила 3,7 милиони евра на обвинението против Србија, додека Министерството за надворешни работи на Србија соопшти дека Белград дал 800.000 евра за својот неуспешен случај.
Кер-Линдзи смета дека поднесувањето на обвинение не е најефикасен начин Косово да ги реши злосторствата од минатото.
„Овде секако треба да се спроведат целосни испитувања за тоа што се случило, а извршителите на злосторствата треба да понесат одговорност. Меѓутоа, да се донесат овие случаи пред МСП, а да не се иницираат постапки против поединечни извршители, навистина не е најдобриот пристап кон ова прашање“, изјави тој.
Костиќ, исто така, смета дека обвинението на Косово би било непродуктивно искористување на време и ресурси и дека тоа ќе ги одложи напорите за подобрување на односите со Србија.
„Србија и Косово мора да зборуваат за своето воено минато и да настојуваат да ги обелоденат фактите за конфликтот и за извршените злосторства, наместо да губат енергија на залудни активности кои можат само да доведат до нови тензии“, заклучува таа.