Што се нарачувало на државна сметка во рестораните од страна на функционерите до неодамна важеше за личен или интерен податок. Јавноста и новинарите, и покрај многубројните обиди не можеа да дојдат до информациите како службените лица во министерствата ги трошеле буџетските пари за репрезентативни услуги.
Во последниов месец, по доаѓањето на новата власт, дел министерства ги отворија вратите за овој вид информации и ги декласифицираа истите, па се отвори можноста да се види како се трошеле буџетските пари од службените картички и што се плаќало преку фактури за јадење и за пиење.
БИРН на 5 мај годинава до Владата и до сите министерства ги побара трошоците што ги правеле министрите, замениците министри, државните секретари и останатите службени лица за ресторански и за угостителски услуги во 2016 година. Во законскиот рок од 30 дена ни одговорија од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кога поранешната министерка Марта Арсовска Томовска се уште беше на функција. Документите од МИОА впрочем беа и најпрецизни во однос на направените трошоци за ресторански и угостителски услуги, со детален преглед за тоа кој ги направил трошоците, во кој период и на кое место. На некои од останатите министерства им требаше подолго време за да ги сумираат податоците, дел воопшто не доставија одговори, а дел нè повикаа да извршиме увид.
Од засега добиените податоци од министерствата за информатичко општество, труд и социјална политика, надворешни работи и култура, најголеми трошоци по кафеани и ресторани лани има правено МНР, најверојатно поради фактот што преку ова министерството се остваруваат средбите со меѓународните делегации. Она што паѓа в очи е и фактот што секое министерство си имало омилена кафеана каде што се правеле и највисоките сметки.
МНР правело сметки од илјада евра месечно во една кафеана
Речиси 730 илјади денари, односно над 11.800 евра МНР потрошило во кафеаната „Стара куќа“ во 2016 година. Сметките што се правеле во оваа кафеана изнесуваат од 4 илјади денари па сè до 46 илјади денари за една вечера. Дел од овие сметки се правени и при посети на странски делегации, а за дел пак, на фактурата единствено стои дека угостителската услуга е направена од страна на тогашниот министер Никола Попоски. На некои фискални сметки што ги поседува БИРН може да се види дека во една прилика, на пример, биле нарачани 11 флаши вино „Александрија куве“ за речиси 200 евра. Вечерата чинела над 46 илјади денари.
Во ресторанот „Воденица“, пак, биле потрошени над 352 илјади денари односно 5.7 илјади евра за ручеци и вечери во 2016 година. Сметките изнесуваат од една илјада до 52 илјади денари, од кои највисоките цехови се правени при посети на странски делегации. И во останатите ресторани при посети на национални координатори од други држави или пак официјални делегации, за свечените ручеци и вечери се трошеле од 40 илјади до 60 илјади денари.
Само за ресторански услуги во голем број кафеани, МНР во 2016 година потрошило над 26 илјади евра.
Во бифето во ова министерство, пак, во минатата година биле потрошени дополнителни 50 илјади евра.
Од службената картичка, највисок износ за репрезентација потрошила тогашната заменичка на министерот Никола Попоски, Драгана Кипријановска. Од јануари до август 2016 година, таа потрошила 1,6 илјади евра, исто како нејзиниот наследник Илија Исајловски од септември до декември лани. Најмалку пари од службената картичка потрошил тогашниот министер Попоски, 1.4 илјади евра за една година.
Во труд и социјала се купувало леб, млеко и јогурт
Од Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер бевме известени дека од Министерството за правда одбиваат да ги достават сметките за ресторански и угостителски услуги, бидејќи тоа би значело „создавање нова информација“, а не давање веќе постоечка информација. БИРН ќе поднесе нова жалба на ова решение.
Од документацијата што ја добивме од Министерството за труд и социјална политика тешко е да се утврди конечната сума на направени трошоци за репрезентација, особено преку службената картичка. Во документите не е назначено кој ги правел трошоците и што било купувано, а не може да се утврди ниту конечната сума направена преку бизнис картиците или сумата платена преку фактури. Според ова, дополнително се поставува и прашањето за начинот на кој биле правени и евидентирани трошоците што ги правеле службените лица во ова министерство.
Пресметката покажува дека според она што било плаќано преку фактури, во 2016 година биле потрошени над 88 илјади денари за репрезентација во Министерството за труд и социјална политика, иако дел од фискалните сметки немаат допирна точка со репрезентативни трошоци.
Па така, преку сметкопотврди биле купувани чоколади, банани, млеко, гиро, јогурт, кајмак, намази, мандарини, грозје, а има и фактура за половина килограм сончоглед кој чинел 100 денари.
Не може точно да се утврди кој ги правел овие сметки, со оглед на тоа што на сметкопотврдите не е точно назначено, но според датумите може да се види дека трошоците се правени и кога Фросина Ременски беше на чело на Министерството, но и тогашниот министер Диме Спасов.
Ременски беше министерка за труд во 2016 година на почетокот и на крајот од годината, додека Диме Спасов беше министер од мај до септември 2016 година. За тој период, Спасов од службената картичка потрошил 87.646 денари за јадење и пиење во различни ресторани, а сметките се движат од 500 денари во Бургер Кинг, па се до 6.230 денари во рибниот ресторан Летница во Струга.
Надвор од овие трошоци, во бифето во Министерството за труд и социјална политика, месечно се правеле трошоци за кафиња, апетисани, сокови и вода од над 2 илјади евра.
Државниот секретар во култура со државни пари си купувал мастики и цигари
Во Министерството за култура минатата година за репрезентативни услуги биле направени сметки од 1.145.966 денари односно над 18 илјади евра евра. Од доставените документи, може да се види дека тогашната министерка Елизабета Канческа Милевска има потрошено околу 690 евра за угостителски услуги, од кои највисоката сметка изнесува околу 100 евра, направена во ресторанот „Сушико“.
За разлика од неа, државниот секретар Бехиџудин Шехаби не штедел кога се работело за овие расходи. Според фикалните сметки, може да се види дека тој од бензинската пумпа Лукоил, преку фактура купувал мастики, цигари, чоколади и бомбони, а за една година има потрошено околу 2.5 илјади евра.
Службените лица во Министерството најчесто ги посетувале кафеаните во Дебар Маало, а со буџетските пари има случаи кога се купувало и цигари и алкохол.
БИРН поднесе жалби до Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер до сите министерства кои не одговорија на нашите барања. Со оглед на тоа што станува збор за пари на даночните обврзници, се очекува и останатите институции да ги достават одговорите на барањата кои досега се сметаа за тајни и лични податоци.