Многу врева за ништо.
Овој наслов на Шекспировата комедија на ситуации е како скроен за вчерашната политичка бука во Собранието околу интерпелациите на членовите на Судскиот совет, кои се избрани од парламентот. Многу џева, а малку аргументи.
Власта во предизборието од секој митинг ветуваше дека сегашниот состав на Судскиот совет ќе биде „распуштен“. Премиерот Христијан Мицкоски повторуваше дека не се откажува од распуштање, па дури и најавуваше „удар во чело“ за Судскиот совет.
Вчера, по девет месеци власт, се виде дека распуштањето на Судскиот совет, кој го ветуваше ВМРО-ДПМНЕ за време на изборите, се партиски флоскули за ловење гласови. Нејасно е како воопшто планирале тоа да го изведат затоа што распуштањето со сегашнава законска норма е невозможно, па затоа одлучија да ги спасуваат политичките ветувања од изборите и гласаа за политичка недоверба на членовите, преку интерпелација. Потоа ги повикаа да бидат доблесни и самите да се повлечат.
Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, за неможноста да се распушти Советот го oбвини СДСМ, веројатно алудирајќи дека со нив би обезбедиле двотретинско мнозинство за распуштање. Но, она што не го кажа (а е јасно) е дека зад ова ретерирање, всушност, стојат условените евра од Брисел, со кои ги зацртавме линиите со законски реформи, а оттаму кренаа показалец и рекоа гласно „не“ за распуштање на Судскиот совет.
Мицевски секако знае дека и сите членови до еден да поднесат оставки, новите ќе се избираат по постојните, односно по истите правила.
Со „дрва и камења“

На Дамева ѝ се забележуваше за „скандалозното разрешување на Дамева“ | Фото: БИРН
Вчера, пред пратениците, од петмина ;членови што се најдоа на тапет, дојде да говори само Весна Дамева. Другите четворица не се појавија пред органот што ги избрал зашто интерпелациите биле преседан и мешање во судската власт.
За првото се во право.
Во Законот за Судскиот совет е утврдена постапка за нивна одговорност, а тоа е само и само во рамки на Советот. Парламентот свесно таа улога им ја оставил ним, односно на самите членови. Но, тој модел веројатно би функционирал во Шведска.
Во македонски услови тоа е илузија.
Истакнатите правници избрани од парламентот, во писмените одговори напишаа дека ова е упад во судската власт. Но, добро знаат дека не се судска власт, туку само административен орган што избира, унапредува и разрешува судии, па оттука расправањето за нивната работа не е никаков упад во судството. На крајот на краиштата, тие политички се избрани и за работата на Судскиот совет, Собранието може и треба да расправа.
Нивното отсуство на седницата покажа дека се политички и правно незрели. За тоа дека немаат интегритет видовме одамна, кога незаконски гласаа за разрешувањето на Дамева и со години си продолжија да одат на работа како ништо да не се случило.
Од друга страна, вчера пратениците од власта ни одблиску не се потрудија да ја прецизираат и да ја утврдат нивната одговорност, па „исштанцаа“ пет интерпелации кај кои текстот е ист, а различни се само имињата на членовите на Советот. Говореа неподготвени, се повторуваа во говорите со веќе излитените фрази за „два проценти доверба“. До толку беше мрзелива и на моменти апсурдна интерпелацијата што на Дамева ѝ се забележуваше за „скандалозното разрешување на Дамева“.
Некои од нив само нафрлаа дека не е усвоен извештајот на Судскиот совет, без да аргументираат што во извештајот не чини, кои факти се занемарени, дали нешто е скриено и сл. На пример, пратениците можеа да прашаат зошто Судскиот совет самиот не си ги почитува роковите што си ги задал кога има дисциплинска постапка за разрешување судии. Па така, постапката за Пајазит Пајазити, кој го пушти косовскиот бегалец на слобода по што избега, ги надмина сите рокови, а одговори зошто е тоа така, уште нема.
Наместо за тоа, фрлаа „дрва и камења“ по судството, дури и за случаи кои сѐ уште не влегле во судовите, како што предистрагата за бизнисменот К`рмзов, или случајот „Онкологија“.
Со флоскули до гласање недоверба

Ниту ВМРО-ДПМНЕ не се истакнаа со правниците што ги поддржуваа во Судскиот совет | Фото: БИРН
„Ние сакаме да направиме разлика во македонското општество“, говореше пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ. Василевска, таа разлика не ја направи лани во декември кога стисна копче и го изгласа сопартиецот на Изет Меџити, Адријан Демири, координатор на Вреди во Струга, за член на обвинителскиот совет.
Антонијо Милошоски, пак, говореше дека нема оправање на судството со кадри како Весна Дамева и Селим Адеми. Тој изгледа заборавил дека Адеми влезе во Судскиот совет во 2013 година, како предлог што го изгласаа неговата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Собранието. Вториот избор на Адеми, пак, беше направен во 2019 додека на власт беа СДСМ и ДУИ, но со мини собраниска коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Која е тогаш одговорноста на партијата ВМРО-ДПМНЕ што двапати го поддржуваат Адеми, кој 12 години е ухлебен во Судскиот совет?
Опозицискиот СДСМ, вчера на седницата понуди само безживотен говор на Оливер Спасовски со цитирање законски членови и исплакнати фрази по што нивните пратеници ја напуштија седницата. Исто како и ДУИ. Додека Дамева говореше, некои пратеници од СДСМ, партијата со чија поддршка таа стана членка на Судскиот совет, беа позаинтересирани за своите мобилни телефони, отколку за нејзиниот говор.
Пратениците од власта се во право единствено кога тврдат дека екссоветничката на Зоран Заев, Татјана Чачарова-Илиевска, поранешната шефица на кабинетот на Владо Бучковски, Павлина Црвенковска, и другите членови на Советот избрани во парламентот, не се истакнати правници, барем не во онаа смисла во која е духот на законот. Иако, што е право, ниту ВМРО-ДПМНЕ не се истакнаа со правниците што ги поддржуваа во Судскиот совет.
Факт е дека Дамева, со сиот партиски товар и наспроти близината со СДСМ, покажа отпор и „на мускули“ го туркаше случајот со дисциплинската за судијата Енвер Беџети. Тоа беше случајот поради кој експресно беше разрешена, а токму таа седница го закопа угледот на Советот два метри под земјата. Кај нас, за жал, само така се вклучува алармот за промени, кога работите ќе ескалираат.
Со новите законски измени за Судскиот совет се адресира стариот проблем дека под истакнат правник се протнуваа подобни политички кадри.
Сега би требало да се прецизира што е истакнат правник и да се исцртаат критериуми за номинирање на оваа позиција, но прашање е колку тоа ќе обезбеди одбрана од политички влијанија. Поголемото искуство и правничко познавање не гарантираат независност и заштита од влијанија, туку само го стеснуваат просторот за избор, а аргумент за тоа е што во незаконското разрешување на Дамева учествуваа тројца најврвни правници, односно судии, на кои, кога им истече мандатот, си се вратија во судовите и продолжија да делат правда.
Вчерашната седница не промени ни една точка во правосудството, освен што власта си обезбеди изговор пред гласачите, кој би гласел „еве, се обидовме, но не се повлекоа“, иако биле целосно свесни колку им се врзани рацете кога го напишале во изборната партиска програма.
За жал, целата оваа епизода, само дополнително ги бетонира исцртаните обрасци на однесување – власта која сака да воспостави поголемо влијание и Судскиот совет, кој, ем не сака никој да се меша во нивната работа, ем не си ја врши својата работа како што треба.
Извесно е дека изгласувањето на недоверба нема да смени ништо. Ќе стивне вревата, а „кабаетлиите“ ќе си ги задржат функциите како ништо да не било. Власта и опозицијата ќе продолжат да ја цедат темата „правосудство“, тогаш кога тоа може да им донесе политички поени. ЕУ ќе продолжи да набљудува и предупредува.
А судиите ќе продолжат да молчат и да калкулираат, односно да ни докажуваат дека интегритетот е реткост во нивните редови.