Регион

Одбраната на Младиќ најави можност да ги повика граѓаните на протести

Адвокатите на Ратко Младиќ, најавија можност, да ги повикаат граѓаните на Србија, да излезат на протести за поддршка на нивното барање за условно ослободување на поранешниот командант на босанските Срби.

Филип Рудиќ БИРН Белград

Адвокатите на Младиќ на прес-конференција во Белград. Фото: Медиа центар

Одбраната на Младиќ најави можност да ги повикаат граѓаните на Србија, да излезат на протести со кои би го поддржале нивното барање за привремено ослободување на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), заради лекување во Русија.

Адвокатот на Младиќ, Бранко Лукиќ, изјави: „Поднесовме жалба и организирањето на протест е единствениот следен чекор, бидејќи немаме друг избор. Мора и понатаму да имаме законски пристап кон Трибуналот, но доколку е потребно, се надеваме дека ќе можеме да ги извлечеме луѓето на улица“.

Додаде дека протестите ќе покажат оти Младиќ има поддршка од народот, но не прецизираше дали, пред да ги повикаат граѓаните на протести, ќе почекаат на одлуката на судот, по жалбата што ја поднесоа на одлуката со која барањето за ослободување им беше одбиено.

Лукиќ изјави дека одбраната на Младиќ се обидува да влијае на одлуката на судот преку „дипломатски канали“, но детали не сакаше да открие.

Истакна дека животот на Младиќ, и покрај третманот во притвор, „секојдневно“ е во опасност.

Лукиќ изјави дека судењето на Младиќ е завршено и дека нема процедурални причини зошто тој не би бил пуштен на лекување во Русија, со гаранција дека ќе се врати, потпишана од рускиот претседател, Владимир Путин.

„Трибуналот, кога го ослободи Рамуш Харадинај, кој воопшто и не беше болен, ја прифати гаранцијата на УНМИК“, рече тој.

Во поднесокот до Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), одбраната на Младиќ побара, поранешниот командант на Главниот штаб на ВРС, да биде ослободен „под какви било услови кои Жалбениот совет ги смета за неопходни“.

Младиќ, како командант на ВРС, е обвинет за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и Хрватите кој во шест општини достигнал ниво на геноцид, за тероризирање на населението во Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски напади и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Неговото судење започна во 2012 година, а во притвор е од мај 2011 година. Пресудата се очекува кон крајот на оваа година.

Објавено и на Балканска транзициска правда