Евроамбасадорот Аиво Орав поднел нота по информациите дека се прислушувани амбасадори од земјата. Извори од СДСМ велат дека уште кон крајот на минатата година ги информирале странските дипломати дека биле мета на прислушување.
Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обзнани дека најмалку шест амбасадори на најважните земји биле прислушувани, евроамбасадорот Аиво Орав до МНР доставил дипломатска нота преку која бара да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи.
Информацијата до која дојде БИРН од дипломатски извори, официјално ја потврдија и од МНР со писмена изјава во која се вели: „нотата е упатена при искажани закани во јавноста од лидер на политичка партија дека поседува нелегално стекнати и креирани материјали“.
„Имаме постојана комуникација, но не можеме да коментираме кога станува збор за билатерална комуникација, преку вербална нота или поинаква. Јавната комуникација ја изразуваме преку соопштенија” ни одговорија од канцеларијата на амбасадорот Орав.
Неизвесно е дали нотата е упатена поради самата информација на опозицијата или евроабасадорот ја зел папката со неговите прислушувани разговори.
„Во однос на амбасадите нема да коментираме кој ги подигнал материјалите туку ќе оставиме самите амбасадори да проценат дали ќе излезат со такви информации во јавноста“, изјави за БИРН портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Амбасадорите знаеле дека и за нив има папки
Дилемата кој од амбасадорите бил мета на прислушување во дипломатски кругови се поставувала уште пред неколку месеци, пред да испука првата бомба на „Бихаќка“. Извори од СДСМ велат дека уште кон крајот на минатата година ги информирале странските дипломати дека биле мета на прислушување.
Ова за БИРН го потврди и еден амбасадор на држава-членка на ЕУ.
„Точно е дека од СДСМ уште пред неколку месеци добив информации дека сум прислушуван “, вели амбасадорот кој инсистираше да остане анонимен. Амбасадорот објаснува дека секоја држава прави проценка дали треба да се подигнат материјалите пред да заврши истрагата во Македонија.
Од она што го соопшти Заев на една од прес-конференциите, се знае дека биле прислушувани најмалку шест амбасади во земјава. На листата, наводно, биле поранешниот американски амбасадор Пол Волерс, поранешната холандска амбасадорка Мариет Шурман, екс германската амбасадорка Гудрун Штајнакер, како и неколкумина актуелни амбасадори.
Самиот лидер на СДСМ пак, во интервју за бугарската агенција „Фокус“, изјави дека постојат записи од прислушувани разговори од бугарски дипломати во Македонија, како и дека сите записи на дипломатите им биле врачени лично во транспарентен процес согласно Виенската конвенција.
Прислушувањето амбасадор е како да е прислушуван премиер
Еден од амбасадорите кој самиот потврди дека има информации оти бил мета на прислушување е италијанскиот амбасадор, Ернесто Белели. Тој вели дека сѐ уште не ги подигнал материјалите од СДСМ, бидејќи проценката на Италија е оти претходно треба да заврши истрагата. Според него, доколку дипломатите навистина биле прислушувани, тоа е сериозен проблем.
„Во односите меѓу државите треба да постои доверба, во спротивно не може да постои отворен дијалог. Помалку е важна содржината, позначајно е да се заврши истрагата со цел тоа никогаш да не се повтори. Прислушувањето амбасадор е исто како да е прислушуван претседател или премиер на една држава“, вели за БИРН амбасадорот Белели.
Амбасадорите кои биле под надзор можат да пратат протесна нота
Каков е политичко-дипломатскиот арсенал што може да го употребат државите, доколку се покаже дека нивните дипломати во Македонија биле прислушувани?
„Сѐ зависи од проценката на земјата за која од можните опции ќе се определи, бидејќи има широк спектар на можности и најбенигна варијанта е да побараат објаснување за веродостојноста на материјалите“, вели за БИРН поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески.
Неодамна, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, во изјава за Алсат М потенцираа дека ако Македонија ја прислушувала дипломатската кореспонденција, тоа значи дека ги прекршила принципите на Виенската конвенција.
Малески објаснува дека прекршувањето на Виенската конвенција како Библија во дипломатијата, значи прекршување на меѓународното право.
„Оваа конвенција е единствениот акт кој ја регулира оваа материја, алфа и омега во дипломатијата. Но, како и сѐ во меѓународното право, не е проследена со казнени одредби, така што во случајот не се предвидени последици туку притисокот е политички и дипломатски“, вели Малески.
Тој додава дека „најтешките прекршувања на дипломатската пратика подразбираат отповикување на својот амбасадор на одредено време, или пак, протерување на амбасадорот на државата која ја прекршила конвенцијата“.