Анализи

Парк во Аеродром – мета на градежни амбиции

Градежникот Етеми ја продал парцелата кај училиштето „Ѓоргија Пулевски“

Среде парк во скопската населба Аеродром, на место каде што родителите ги шетаат своите деца, пензионерите седнуваат да одморат, а сопствениците на домашни миленици доаѓаат за да ги истрчаат, има приватна парцела на фирми што се занимаваат со градежништво.

Извадок од Катастар – КО Кисела Вода 2, КП 129/2

Се наоѓа во Аеродром, на површина од речиси 3.700 квадратни метри, во близина на училиштето „Ѓоргија Пулевски“, во едно од оние маала каде што  урбанистите уште во 1980-тите, покрај згради, предвиделе простор и за училиште и градинка, за детски игралишта и спортски терени, но и за парковско зеленило.

Пред 20 години била купена од две фирми што се занимаваат со градежништво, за неодамна, една од нив да се повлече, а нејзиниот дел да го докупат дотогашните бизнис-партнери. Затоа сега, како нејзини сопственици, фигурираат три фирми на иста фамилија, кои во парцелата гледаат „мртов капитал“ и сакаат обесштетување.

Првичниот мотив зад купувањето бил – да градат.

Приватен парк што го одржува општината

Граѓаните не знаат дека паркот е приватна парцела | Фото: БИРН

Со оглед на тоа што парцелата е дел од парк што го одржува општината, а на неа се поставени општински клупи, светилки и патека на средината,  ретко кој од локалците знае дека таа е во приватна сопственост.

На оваа информација реагираат со изненадување, кое бргу преминува во загриженост.

„Ме плаши. Тука има училиште, градинка… Ова (зеленило н.з.) треба да се зачува, ништо не треба да се гради, доста е веќе“, вели Киро Милановски, кој живее во непосредна близина на паркот.

Сите соседи со кои разговараше БИРН, се согласуваат дека местото мора да остане парк, независно од мотивот со кој сегашните сопственици купиле дел од него.

Меѓу ретките што не беа изненадени за постоење на парцелата, беа луѓето што во 2018 година протестираа против градење деветкатница во паркот кај Мајчин дом, од страна на бизнисменот Фатмир Етеми и неговата компанија „ЗСФ КОМ“.

Јавноста тогаш за првпат дозна дека Етеми, заедно со неговите бизнис-партнери од фирмата „Еуро актива“, купиле земјиште и во соседниот парк, кај училиштето „Ѓоргија Пулевски“.

Шест години подоцна, деветкатницата кај Мајчин дом е изградена, становите се продадени и одамна вселени, а Етеми веќе не фигурира како газда на парцелата кај училиштето.

Податоците пак, кои на барање на БИРН ги достави Катастарот, покажуваат дека тој почнал да се повлекува од сопствеништвото уште во екот на протестите во 2018 година, за лани во март, преостанатиот дел да го продаде на бизнис-партнерите.

Како сопственици сега фигурираат трите фирми на семејството Алиу, „Еуро актива“, „Промет стеел холдинг“ и „ПСХ билдинг“, која, исто како и „ЗСФ КОМ“, се занимава со градење згради.

Како што појаснува Абедин Алиу, еден од сопствениците на овие фирми, парцелата ја купиле за да градат на неа. Проблемот, за кој е многу свесен, е тоа што иако се наоѓа на одлична локација, нема маркичка за градба. Во сегашниот ДУП, донесен уште во 2009 година, местото е впишано како парк.

„Јас не сакам никого да оштетам, но јас сум оштетен во моментов. Јас сум фирма што гради во Скопје“, нагласува тој за БИРН.

Една парцела, многу желби  

Сегашните сопственици на парцелата сакаат обештетување | Фото:БИРН

За тоа што требало да се прави со оваа парцела, постојат различни верзии.

Според верзијата на Алиу, кога ја купиле парцелата, на неа имало маркичка за градба. Истото во 2022 година, за БИРН, го тврдеше и нејзиниот неодамнешен сопственик, Етеми. Со таа разлика што Етеми тогаш се жалеше дека му била избришана маркичка за хотел, а Адеми вели дека во ДУП-от била вцртана спортска сала.

Податоците од Катастарот, пак, покажуваат дека парцелата, за првпат во сегашните рамки од 3.687 квадратни метри, е издвоена од паркот и вцртана во 2002 година. Две години подоцна, Катастарот го забележал нејзиниот прв сопственик, архитектка од Скопје.

„ЗСФ КОМ“ и „Еуро актива“, во 2006 година, од неа го купуваат ова земјиште.

Од МПЦ-ОА тврдат дека непосредно откако била вцртана, оваа парцела им била ветувана за изградба на црква, планови што подоцна се изјаловиле

Според документацијата што ја поседува Општина Аеродром, во тогашниот ДУП, на оваа локација немало вцртано ниту хотел, ниту спортска сала, туку била предвидена како зона за рекреација и спорт од 3120 м2, без простор за градба.

Адеми сега смета дека нивните фирми се оштетени, бидејќи „вложиле неколку стотици илјади евра“ за купување на парцелата. Затоа тврди дека од општината побарал да му го замени имотот за друго земјиште, на кое ќе може да гради.

Дејан Митевски, в.д. градоначалникот на Аеродром, пак, вели дека вакво барање немаат добиено. Од општината уверуваат и дека местото ќе остане парк.

„Во овој момент, во Општина Аеродром не се води постапка за изменување на постоечкиот ДУП, ниту, пак, до општината е доставена иницијатива согласно Законот за урбанистичко планирање за изработка на нов ДУП. Имајќи предвид дека на наведеното земјиште постои реализирано парковско зеленило, истото не може да биде пренаменето во друга намена“, стои во одговорот од Општина Аеродром.

Старо-новите сопственици, пак, инсистираат на обесштетување.

„Во спротивно, ќе го заградам имотот“, вели Алиу.