Истражувањa

Пасошка криза: Од пропуштени патувања до откажани запросувања

Граѓани, заглавени и лути, сè уште чекаат патни исправи

Илјадници луѓе ја плаќаат цената за неспособноста на државава до 12 февруари да им издаде лични документи што го содржат новото име на земјата. Додека Министерството за внатрешни работи постојано ја уверува јавноста дека го забрзува темпото на издавање нови документи, македонските граѓани за БИРН сведочат дека веќе трпат сериозни лични и професионални тешкотии.

Користејќи онлајн-алатка за анкетирање, БИРН побара граѓаните да објаснат какви последици имале поради кризата со документи. Граѓаните одговараа или преку пополнување прашалник или оставија контакт за да им се јавиме.

Некои од граѓаните би тужеле зашто им е ограничено правото на слободно движење, но песимисти се дека ќе добијат компензација

Некои изгубиле пари на откажани патувања, а други, пак, не можеле да ги посетат роднините по смртта на член на поблиското семејство. Имало и такви што не можеле да ги исполнат административните обврски поради истечени документи, а други пропуштиле можности за работа или пракса во странство. Дури било одложено и запросување за брак.

По Преспанскиот договор од 2018 година, Македонија почна да издава документи со новото име кон средината на 2021 година. Хаосот почна минатата есен, кога стана јасно дека електронскиот систем за закажување термини за нови документи не може да ги опслужи сите граѓани. МВР отвори и пунктови за издавање документи на самото место за да го забрза процесот, но тие не помогнаа многу. Околу третина од граѓаните или околу 600. 000 луѓе сè уште се заглавени со старите документи.

Некои од нив планираат да ја тужат државата зашто им е ограничено правото на слободно движење, но повеќето се песимисти дека би добиле каква било компензација.

Заглавен во Словенија – пропуштена пракса во Брисел

Министер за внатрешни работи Панче Тошковски во посета на пунктот каде што граѓаните се фотографираат за пасоши, лични карти и за возачки дозволи

Техничкиот министер за полиција, Тошковски во посета на пункт за лични документи | Фото: Фејсбук

Никола Пауновски од Пробиштип е студент на постдипломски, кој стажира во Словенија, работејќи за тамошен европратеник. Поради проблемите со новите документи, тој пропуштил важна пракса во Брисел. Наместо да оди во Белгија, тој морал да се занимава со истечениот пасош.

Од македонската амбасадата во Словенија му рекле дека не можат да му закажат термин пред јули. Затоа морал да се врати во Македонија и да чека ред за да закаже термин, а потоа бргу да се врати во Словенија пред крајниот рок на 12 февруари за да не остане заглавен во Македонија, чекајќи ги новите документи.

„Сега сум заглавен во Словенија“, изјави тој за БИРН, додавајќи дека не сакал да ризикува да ја изгуби можноста за пракса.

По пасошката сага, студентот Пауновски изгубил желба некогаш да се врати да живее во Македонија – слично се чувствувале и негови колеги сонародници

Во меѓувреме, наместо да оди на пракса во Брисел, која за него била многу важна, сега, не можејќи да патува, го минува времето работејќи во канцеларијата на истиот словенечки европратеник, но во Словенија.

„Бидејќи не постоеше начин да знам дали мојот пасош е готов, сестра ми одеше секој ден [да проверува]“, рече тој.

Единствената утеха е што неодамна ја добил информацијата дека пасошот му е наводно готов. Но, сега го чека уште едно гајле.

Првично планирал да ги помине велигденските празници во Виена, но, наместо тоа, сега мора да ги искористи единствените слободни денови во следните три месеци „за 28-часовно патување со автобус до Македонија и назад“, за да ги подигне новите документи. Освен ова, тој ќе мора да обезбеди и еднократна патна исправа од македонската амбасада во Словенија.

По оваа пасошка сага, тој изгубил желба некогаш да се врати да живее во Македонија, а слично се чувствувале и негови колеги сонародници.

„Дури и да имавме некаква надеж да се вратиме дома по студиите и да помогнеме, сега тој ентузијазам го нема“, изјави тој за БИРН.

Брза постапка – за четири месеци

Машините за лични документи работат забрзано | Фото: Фејсбук

Како и многу други, скопјанката Аница не можела да добие термин. Кога конечно закажала сликање за нов пасош по итна постапка, добила термин за четири месеци подоцна.

Меѓутоа, откако поради доцниот термин откажала кус работен ангажман во странство со што изгубила пари и откако платила околу 100 евра за брзата постапка, дури тогаш добила повик од Министерството за внатрешни работи со кој ја известиле дека нејзиниот термин е преместен за „следната недела“.

Штотуку наполнила 18 години и без првата лична карта не може да посетува автошкола, таму не ѝ го прифатиле нејзиниот сега истечен пасош

За пасошите отсекогаш постоела опцијата да се платат 100 евра (плус околу пет евра административни такса) за брза постапка. За личните карти таква опција не постои.

Аница, исто така, е загрижена за нејзината ќерка, која штотуку наполнила 18 години и ѝ треба првата лична карта за да почне да посетува автошкола, а таму не ѝ го прифатиле нејзиниот сега истечен пасош.

Ќерка ѝ се надева дека од следната година ќе студира во странство, што е невозможно без нов пасош.

„Ние сме целосно заглавени. Не знам што да правам… По неколкудневно неуспешно јавување, штотуку закажавме термин за сликање за лична карта за крајот на септември, што значи дека личната карта ќе биде готова некаде во ноември, по речиси 10 месеци!“, изјави таа за БИРН.

Законски, државата треба да издаде документи во рок од 15 работни дена или во рок од 48 часа доколку се бара пасош по брза постапка.

И Никола, и Аница велат дека би се придружиле на евентуална колективна тужба против државата, но се сомневаат дека тоа воопшто може да се случи или дека ќе добијат каква било компензација.

Запросување ставено во мирување

„Планирав да ја запросам мојата девојка во Рим, но…“, ни пиша граѓанин, кој сакаше да остане анонимен.

Неговиот првичен план бил да оди на романтично патување во Италија со својата девојка на почетокот на март, каде што планирал да ја запроси. Но, патувањето било откажано бидејќи неговите нови документи пристигнале предоцна.

Вестите дека речиси и да нема термини го натерале да се ангажира и лани на 15 септември се јавил во МВР. Но, Министерството за внатрешни работи му го закажало терминот токму на датумот кога му истекувале старите документи – 29 јануари 2024 година.

„Им објаснив дека тоа е премногу доцна зашто тогаш би останал без документи и дека треба да патувам околу 1 март, а ако доцнат, ќе немам никаков документ во овој период.“

Планирал да ја запроси девојката на романтично патување во Италија, но го откажал патувањете зашто новите документи му пристигнале предоцна

Но, сè било попусто. И покрај тоа што го увериле дека постапката ќе биде брза, тој ги добил новите документи дури на 12 март 2024 година, предоцна за патувањето во Италија. Во меѓувреме, во текот на 40-те дена без документи, тој имал и други административни пречки.

„Не можев да одам во банка“, рече тој.

„Морав да ја сменам лозинката за мојата банкарска апликација, ама од банката ми рекоа дека не можам да го сторам тоа бидејќи моите документи се истечени“.

Требало да оди и во Катастар, но ниту таму не можел да заврши работа зашто немал тековни лични документи.

Да беше Министерството за внатрешни работи приватна компанија, „немаше да постои и ќе ги загубеше сите свои клиенти со такво бавно работење“, изјави тој за БИРН, додавајќи дека е „револтиран и лут на неспособното Министерство.“

Откажано патување по смрт во семејството

Граѓани чекаат на ред пред полициската станица „Пролет“ | Фото: БИРН (архива)

Граѓани чекаат во ред пред полициската станица „Пролет“ | Фото: БИРН (архива)

Жена што сакаше да остане анонимна ни пиша дека нејзиното семејство морало да го откаже патувањето во странство, во критичен момент.

„Сакавме да ги посетиме роднините што доживеаја загуба во своето семејство, сакавме да бидеме таму, лично да им помогнеме да се справат со тоа“, напиша таа.

Но, ни тие не можеле да закажат термин за нови документи, и покрај тоа што чекале со часови во редици. Биле ставени на листа на чекање и очекувале повик. Ама на крај морале да го откажат планираното патување, иако задоцнетите документи не биле единствената причина.

Кога БИРН отиде да провери какво е темпото на издавање пасоши по „брза“ постапка во зградата на Македонската радио-телевизија, забележавме хаос на шалтерите и многу гневни граѓани

„Многу е скапо да се земат нови пасоши. За нас е финансиски неподносливо одеднаш да плаќаме пасоши за сите во семејството“, вели таа.

Дури и „брзата“ постапка е бавна

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, на 26 март објави на Фејсбук дека нема повеќе чекање за закажување пасоши по „брза“ процедура.

„Реорганизацијата и зголемувањето на капацитетите… дава резултати“, се пофали тој.

Можеби е така како што вели министерот, но останува проблемот со добивањето на самите пасоши.

Кога БИРН отиде да провери какво е темпото на издавање пасоши по „брза“ постапка во зградата на Македонската радио-телевизија, забележавме хаос на шалтерите и многу гневни граѓани.

„Се сликав за пасош во јануари. Кога ми ги зедоа податоците, ми рекоа дека [пасошот по брза постапка] ќе биде готов за една недела, ама кога дојдов овде, службеничката ми се изнасмеа… Сè уште чекам да го земам пасошот“, изјави за БИРН, Борче, граѓанин што чекаше заедно со уште многу други.

На луѓето им велат да ги остават ливчињата со нивните податоци со ознака „итно“ на шалтерот, а по некое време службеникот ги собира сите заедно. Луѓето потоа се повикуваат еден по еден, но без посебен редослед.

„Вратете ми го ливчето, сакам да си одам“, извикуваше една постара жена додека службениците ја игнорираа зад затемнетото стакло од пултот.

Жената, која се претстави како Викторија, за БИРН вели дека чекала околу четири часа без повратна информација за тоа дали нејзиниот пасош е воопшто готов.

„Не можам да издржам повеќе. Ме болат колковите. Само сакам да си одам дома, ама ми го изгубија барањето“, рече таа налутено.

„Врати се утре наутро“, објасни службеникот, додавајќи дека пасошот му е готов – но сè уште не е потпишан, па затоа сè уште е неупотреблив

„Ова е тотален хаос. Веб-страницата [на која граѓаните можат да проверат дали документот е готов] не им работи, а кога ќе дојдеш овде, те третираат како стока“, додаде таа.

Останатите луѓе во преполната просторија, исто така, беа видно лути, викаа и ги навредуваа службениците од другата страна на шалтерот. Службениците изгледаа незасегнато.

Еден полицаец се приближи до шалтерот ѝ им нареди на луѓето да се повлечат.

„Ве молам, застанете подалеку. Пристапете само ако ви го викнат името“, порача тој.

Во меѓувреме, беше повикан постар граѓанин со бастун. Но, неговиот пасош сè уште не бил готов.

„Врати се утре наутро“, објасни службеникот, додавајќи дека пасошот му е готов – но сè уште не е потпишан, па затоа сè уште е неупотреблив.

„Сигурно утре? Бидејќи мора да патувам за два дена!“ праша човекот.

„Најверојатно“, одговори службеникот, по што целата просторија прсна во смеа.