Вести

Пендаровски ги потпиша измените на законите за Бехтел и Енка

Оние што имаат приговори претседателот ги упати да поднесат иницијатива до Уставниот суд

По викенд консултациите со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии на Уставниот суд и со советниците во неговиот кабинет  претседателот Стево Пендаровски одлучи да ги потпише измените на петте закони кои се поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.

Тој, на денешната прес конференција, даде образложение за неговиот потпис само за измените на Законот за работни односи со кои се овозможува прекувремена работа подолго од осум часа неделно, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Пендаровски минатиот месец изјави дека нема да потпише указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд.

„По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам указот за прогласување на овој закон и на останатите четири закони“, рече Пендаровски.

Оние што имаат приговори претседателот ги упати да поднесат иницијатива до Уставниот суд.

Измените на петте закони беа изгласани по брза постапка и со европско знаменце во петокот. За нив гласаа сите пратеници од владејачкото мнозинство освен Маја Морачанин од ДОМ и Љупчо Балкоски од ВМРО-Народна.

Сега изменети се: Законот за работните односи; Законот за експропријација; Законот за градење; Законот за урбанистичко планирање и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот.

Законските измени на седми април први ги иницираа група пратеници од владејачкото мнозинство. Тие предложија измени на девет закони. Покрај сега усвоените се предлагаа и измени на законите за земјоделско земјиште, за заштита на културното наследство, за минерални суровини и за шумите.

Откако работата во собранието запна поради опозициските блокади владата на петти мај реши таа да ги поднесе измените на законите, но овој пат со европско знаменце со што и се скрати процедурата за нивно усвојување.

Тоа не наиде на одобрување од претставниците на ЕУ. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека „загрижува употребата на европското знаменце на законите за коридорите 8 и 10-д“, а холандскиот амбасадор Дир Јан Коп направи сликовита паралела во обид да ја долови неприфатливоста на ваквата владина постапка.

Тој нагласи дека не може да се игнорираат правилата за јавни набавки. Такво нешто е можно, рече Коп, кога се работи за национална безбедност или за национална катастрофа.

„ЕУ законодавството е важно, а договорот со Бехтел и Енка не се совпаѓа со тој опис и не е усогласен со ЕУ законодавството“, изјави холандскиот амбасадор во интервју за Радио Слободна Европа.

Власта инсистираше на усвојувањето на измените на законите со тврдењата за побрза, поефикасна и поевтина изградба

Законот со кој се овозможи  да се изградат без тендер беше изгласан во јули 2021 година.

Договорот беше потпишан на осми март 2023 година.