Анализи

По 2006 тешко до пратеник надвор од големата четворка

Македонското искуство покажува дека при поголема излезност, се намалуваат шансите во Парламентот да влезе кандидат што самостојно оди на избори.

mali-partii

Изборите во 2006 се последните на кои имало значителен број пратеници што не доаѓаат од коалициите на четирите големи партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Оттогаш драстично се намалува оваа бројка, особено во македонскиот блок каде на изборите во 2008, 2011 и во 2014 беше речиси невозможно да се добие мандат без поддршка од голема партија.

Пред точно десет години, по гласањето во 2006 во Парламентот имаше вкупно 15 пратеници што не припаѓаат на големата четворка. НСДП на Тито Петковски освои седум пратенички мандата, ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски шест, а во Собранието влегоа и Лиле Поповска и Фиат Цаноски како лидери на ДОМ и на ПЕИ.

Овие 15 мандати беа рамномерно распределени во пет изборни единици низ Македонија и само во шестата доминираше големата четворка.

Период на драстична политичка поларизација

Потоа настапи драстична поларизација на политичката сцена и на следните три изборни циклуси, вклучувајќи го и последниот од 2014, мандатите главно одеа кај големите коалиции.

На првите предвремени избори во 2008, кои ВМРО-ДПМНЕ ги доби со убедливи 63 мандати, пратеник стана само еден кандидат што настапи самостојно и тоа повторно беше Фиат Цаноски. Меѓутоа, тој тогаш ја поддржуваше Владата на Никола Груевски како дел од парламентарното мнозинство.

По изборите во 2011, пак, само партијата на Руфи Османи, НДП доби два пратеника, додека во македонскиот блок мандатите строго се поделија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако ВМРО-НП, Обединети за Македонија, Достоинство и ЛДП вкупно освоија десетици илјади гласови.

И во 2014 само на двајца им успеа да влезат во Парламентот, без поддршката од голема коалиција. Повторно НДП освои пратеничко место во албанскиот и партијата ГРОМ на Стевче Јакимовски во македонскиот блок. Меѓутоа, ГРОМ во тоа време беше во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво во општина Карпош, а по овие избори и официјално влезе во Владата на Груевски.

Заклучок е дека на последните три изборни циклуси во македонскиот политички блок беше речиси невозможно да се стане пратеник без поддршка на голема коалиција, додека во албанскиот блок изненадуваше само НДП на Руфи Османи со по еден или два пратеника.

Излезноста е клучот

Податоците од последните четири циклуси покажуваат одредена зависност меѓу излезноста и бројот на пратеници од помалите партии, односно при поголема излезност, се намалуваат шансите во Парламентот да влезе кандидат што самостојно оди на избори.

Излезност на последните четири парламентарни изборни циклуси, во проценти

Извор: Државна изборна комисија

Ова пред сѐ се должи на Донтовиот модел кој се користи за распределба на гласовите по изборна единица и според кој, наједноставно кажано, како што повеќе луѓе излегуваат да гласаат, така расте бројот на гласови потребни една партија да добие мандат.

Се разбира, тоа не значи дека постои теоретска можност, при голема излезност, доколку сите гласови одат на конто на една од помалите партии таа за забележи сериозен успех, но искуството покажува дека гласовите се раслојуваат на повеќето мали партии кои се во трка за парламент.

Сепак, на овие избори неколку помали партии и коалиции ќе си ја пробаат среќата надвор од големата четворка.

Една од жешките теми на Фејсбук и на Твитер во предизборието е дебатата околу новата партија Левица и нејзиниот скор на изборите в недела.

Оваа политичка опција со јасна опозициска ориентација оди сама на избори, а не со големата коалиција на СДСМ и токму затоа неколку дена пред гласањето е енигма дали Левица може да добие претставник во Парламентот.

Дебатата дополнително се разгоре кога анкетите на „Рејтинг“ и на „М-проспект“, објавени на 24 вести и на Телма, открија дека околу 1 % од гласачите ја поддржуваат Левица и дека поддршката е сконцентрирана во првата изборна единица, со што се зголемуваат шансите партијата да добие пратеник.

Анкета на Телма покажува дека покрај Левица, од малите политички сили 2,5 проценти рејтинг има ВМРО за Македонија, предводена од Љубчо Герогиевски, Љубе Бошкоски и од Стојанче Ангелов, додека Коалицијата за промени и правда на Павле Трајанов и на Јове Кекеновски ужива 0,9 отсто поддршка.

Во оваа категорија се и Алијансата на Албанците на чело со Зијадин Села и БЕСА со поддршка од 1,9 односно 2,7 проценти.