Истражувањa

Подметната траса на гасоводот

БИРН истражува еден од случаите поради кои доцни делницата Скопје – Гостивар

„Ќе направам беља“, ни се исповеда педесетгодишниот земјоделец од Скопје, Ивица Богоевски. Тоа го кажа со тон што не звучеше заканувачки, туку повеќе како да бара помош.

Додека седевме на кафе, на долго и на широко ја раскажуваше маката што го спопаднала со нивата во Горно Лисиче наследена од дедо му.

Под неа сега минува трасата на гасоводот кон Гостивар, иако првичниот нацрт предвидувал гасоводната линија да поминува под соседната парцела, земјиште во сосопственост на поранешна службеничка во Министерство за транспорт и врски, Марица Тасева.

Богоевски смета дека Тасева од раководната позиција во Министерството влијаела да се промени трасата, односно го „префрлила“ нејзиниот проблем преку оградата и големите цевки, наместо под нејзината парцела, ќе се монтираат под неговата нива.

Богоевски смета дека Тасева од раководната позиција во Министерството влијаела да се промени трасата на гасоводот, односно го „префрлила“ проблемот од својот во соседниот двор и големите цевки, наместо под нејзината парцела, ќе се монтираат под нивата на Богоевски

На крајот, таа дури и ја потпишала дозволата за изградба на гасоводот во тој мал дел од трасата.

На тој начин, според Богоевски и неговиот адвокат, Тасева се спасила од финансиски неатрактивната експропријација и потоа многу поповолно ја продала парцелата на приватна фирма, и тоа како градежно земјиште, додека Богоевски ќе мора да се задоволи со 5.000 евра од државата и да се откаже од планот да гради ладилник на нивата.

„Крушите и другите овошки ми скапуваат пред да ги продадам сите“, се пожали тој.

„Гасоводната цевка ја вкопуваме два метри под земја и таму не смее да се гради објект. Може, евентуално, да сади“, предложи во разговор со БИРН, Бајрам Реџепи, директорот на државната фирма, инвеститор на гасоводот, Национални енергетски ресурси (НЕР).

Трасата Скопје – Гостивар на гасоводот е 91 процент изградена. Другите девет отсто се должат на спорови околу експропријацијата и тоа најчесто поради оспорување на висината на обесштетувањето. Како што ни кажаа од НЕР, при планирањето на проектот, средствата за експропријација не биле испланирани.

Но, како што покажува случајот на Богоевски, проблемот не е секогаш во обесштетувањето.

БИРН ја истражуваше приказната, во која меѓу главните ликови е поранешна службеничка во Министерството што го водеше целиот проект за гасоводот – Министерството за транспорт и врски. Марица Тасева, во сосема друг судски случај, е неправосилно осудена на две години условно во случајот на СЈО – „Топлик“, заедно со колеги и со поранешниот министер Миле Јанакиески.

Маркичка во пет до 12

Богоевски на лице место ја покажува првичната траса | Фото: БИРН/В.А.

Марица Тасева и уште тројца нејзини роднини, во 2010 година ја наследиле соседната парцела по пат на денационализација.

Пред повеќе од една деценија, гасификацијата беше жестока тема и за нејзините придобивки се дебатираше во општеството. Затоа при крајот на 2011 година веќе бил готов нацрт-проектот за гасоводот Скопје – Гостивар, кој предвидувал дека трасата ќе минува и низ земјиштето на Тасева и на внуците.

Таа не вели дека било поинаку, иако потенцира дека не знаела каде сè бил проектиран гасоводот.

Во 2016 година се открива дека на парцелата на Тасева се појавила градежна маркичка. Меѓутоа, зошто општината исцртала маркичка на парцела под која поминува гасовод?

„Во Министерството работев на одобренија, а не на проектирање“, вели за БИРН, Тасева, која денес е пензионерка. 

Како што се гледа на цртежите во еколошката студија од 2011 година, која е јавно објавена и сè уште се наоѓа на интернет, линијата на гасоводот минувала точно под нејзината семејна парцела. Тој план останал сè до 2016 година, кога се тргнува во реализација на трасата, па мора да се обезбеди дозвола за градба. 

Тогаш се открива дека на парцелата на Тасева се појавила маркичка издадена од Општина Аеродром.

Впрочем, таа во кусиот телефонски разговор повторуваше дека единствената причина зошто гасоводот подоцна ја „одминал“ е зашто во времето кога се подготвувала дозволата, на нејзината парцела имало градежна маркичка, а кај комшијата – немало.

Значи, додека течеле подготовките и додека гасоводот сè уште бил на ниво на проект, пролетта во 2015 година, Тасева и роднините побарале Општина Аеродром, под чија јурисдикција е нивата, да им изготви маркичка што ќе овозможи на тоа место да се гради објект од лесната индустрија. 

Општината им го одобрила барањето есента во 2015. 

Меѓутоа, зошто општината исцртала маркичка на парцела под која поминува гасовод?

Богоевски и неговиот адвокат сметаат дека раководителот на секторот за урбанизам во Општина Аеродром, Иван Кокалановски не смеел да издаде маркичка зашто „знаел или барем требало да знае“ дека под тоа место ќе минува гасоводот.

БИРН се виде и зборуваше со Кокалановски, кој ни кажа дека се сеќава на случајов, меѓутоа не и на деталите.

Во тоа време, вели тој, општината пред да издаде маркичка ја прашувала ГАМА, компанијата што ѝ претходеше на НЕР, дали има нешто проектирано врз или под парцелите и општината одлучува врз основа на одговорот. 

Но, како што вели Кокалановски имало случаи кога ГАМА не одговарала.

„Ако немаше одговор, сметавме дека нема ништо спорно“, рече тој за БИРН, потенцирајќи дека не помни дали баш така било и во овој случај.

Конфликт на интерес? Марица Тасева како помошник раководител во Министерството за транспорт го потпишала документ за доградба на гасоводот во регионот на нејзината парцела, каде била поместувана трасата 

Со оглед дека на трасата се „појавила“ маркичка, гасоводот во 2016 година почнал да се гради без да се знае што ќе се прави со двата километри кај нивите на Богоевски и Тасева во Горно Лисиче. За да се доврши гасоводот во следната година, бил направен проект само за овие два километри, и тоа со нова траса, која, наместо под парцелата на Марица Тасева, по ново минувала под нивата на Ивица Богоевски. 

Интересно е дека врз основа на измените, Министерството за транспорт, во 2019 донело одобрение за доградба само на тие два километри, кое, покрај тогашниот министер Горан Сугаревски, го потпишала и самата Тасева.

Таа во разговорот со БИРН аргументираше дека по преместувањето на трасата, гасоводот веќе не минувал под нејзина сопственост и затоа, според неа, во случајот немала конфликт на интерес.

Блокиран гасовод

Иако 91 % од трасата е изграден, граѓаните од северозападна Македонија, сепак, ќе го почекаат гасот | Фото: Flickr Влада на РСМ

Земјоделецот Богоевски, пред две години во обвинителството поднел кривична против сосетката Тасева, директорот на државната компанија НЕР, Бајрам Реџепи, поранешниот министер Горан Сугаревски, раководителот од Општина Аеродром, Иван Кокалановски, и против приватниот проектант што го цртал гасоводот.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по првичните проверки го отстапило предметот на скопското обвинителство.

„Се преземаат дејствија за испитување на наводите во кривичната пријава по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, велат оттаму за БИРН.

Во меѓувреме, сите наведени во кривичната биле повикани на информативен разговор.

„Од минатата Нова година тука не сме виделе мајстори да поставуваат цевки“, вели Богоевски. Тој на самото место ни го покажа тоа што и официјално ни беше потврдено, дека во овој дел од трасата гасоводот не е наместен само кај двете парцели.

И покрај правната битка на Ивица Богоевски, директорот на НЕР, Реџепи, за БИРН, вели дека неговиот случај е дојден до експропријација и таа секако ќе се изврши. 

„Судот може да одлучи дека треба да им се плати повеќе на некои луѓе, меѓутоа тој никогаш не одлучува против експропријација“, вели Реџепи.

Меѓутоа, за да помине гасоводот под нивата на Богоевски, треба да стане правосилна одлуката за експропријација, а Ивица Богоевски во меѓувреме дополнително ја усложнил ситуацијата.

Што од инает, што од потреба за екстра заработувачка, тој на нивата, без дозвола, подигнал привремен објект што функционира како вулканизер за возила. Нелегалниот објект може уште повеќе да ја одложи доградбата на гасоводот зашто Општина Аеродром сега ќе треба да го урне објектот, а овие постапки обично одат бавно.

Инспекторот што неодамна дошол треба прво да издаде решение за уривање, тоа треба да стане правосилно и дури тогаш Општината на тендер да најде фирма што ќе го урне објектот.

Поради парцелата во Горно Лисиче делницата од гасоводот е блокирана веќе година и половина.

„Од минатата Нова година тука не сме виделе мајстори да поставуваат цевки“, ни рече Богоевски.

Во изработката на сторијата учествуваше и Елена Гаговска