Регион

„Погласно од оружјето”, филм за пејачите на патриотски песни во војната во Хрватска

Новиот документарен филм за големиот број хрватски патриотски песни, снимени за време на конфликтот во 90-тите години, зборува за музичарите кои волонтерски ја подржувале Татковинската војна во Хрватска.

Свен Милекиќ, Загреб

Во филмот „Погласно од оружјето” се прикажани и спотови на хрватски познати воени песни. Фотографија на Мирослав Сикавица.

„Видете, како резултат на политичките промени во доцните 80-ти и раните 90-ти и за време на Tатковинската војна, беа компонирани стотици нови патриотски песни, можеби илјадници … од тамбураши, преку популарна музика за танцување, до рок и панк”, вели во интервју за БИРН, Мирослав Сикавица, режисер на филмот, “Погласно од оружјето”.

Филмот, кој во петок ќе започне да се прикажува низ кино салите во Хрватска, зборува за околу 60 патриотски песни, од различни стилови.

„Тој прикажува, како одбранбената војна, обедини различни музичари, како и, до денес, меѓусебно непомирливите жанрови на популарната музика, во единствена цел за национална хомогенизација, подигање на моралот на бранителите на бојното поле и цивилите во засолништата, и барање на одговор од меѓународната заедница”, објаснува Сикавица.

Музичарите создавале патриотски песни, како што се „Боже чувај ја Хрватска” или „Хрватишта“, како и антивоени песни наменети за меѓународната публика – „Стоп за војната во Хрватска”, испеана на англиски јазик, која праќа порака до меѓународната заедница, да ја запре војната.

Главен продуцент на овој жанр, како што се вели во документарецот, бил јавниот емитер, Хрватската радиотелевизија (ХРТ), која давала силна поддршка и ја финансирала продукцијата на патриотски песни.

ХРТ го формирала хрватскиот бенд „Еид“, супергрупа составена од најголемите музички ѕвезди во Хрватска, која во 1991 година ја отпеа песната, „Мојата татковина”, со која за време на војната се подигал моралот кај бранителите.

Сикавица овој период го поминал како тинејџер. Објаснува дека музиката е моќен медиум, кој за време на Татковинската војна имала „скриени ефекти”.

„Така, на пример, таа ја охрабрувала духовната мобилизација на Хрватите во борбата против комунизмот, Југославија и агресорите и одиграла многу важна политичка и комуникациска улога во борбата на земјата за независност, меѓународно признавање, но, исто така, и за изградба на нов национален идентитет”, вели тој.

Сикавица објаснува дека филмот има два дела. Во првиот се зборува за причината за која се бореле музичарите, а во вториот за тоа што тие добиле од сето тоа.

Како што истакнува овој режисер, некои музичари компонирале песни „како чин на патриотска должност”, додека други, за да се добијат медиумско вниманието.

„Одбран народ”

Мирослав Сикавица. Фото: ХАВЦ

42-годишниот Сикавица, има режирано над 40 документарни и играни филмови, вклучувајќи го и краткиот филм „Ѕвер”, приказна за еден багерист и неговиот син, кој жирито на Канскиот филмски фестивал во 2016 година го награди со посебно признание.

„Погласно од оружјето” е снимен во продукција на Фактум, компанија на познатиот режисер и продуцент Ненад Пуховски, чиј интерес се социјалните и политички ангажирани филмови.

Сикавица објаснува дека за време на војната, музиката, освен што ги истакнувала хрватските национални симболи, ја истакнувала и католичката вера.

„Заедно со нацијата … се појави уште една апсолутност – Бог. Во времето на Комунистичката партија, државниот атеизам беше дел од официјалната државна политика. Но, по 1990 година, со падот на комунистичката идеологија, католицизмот не само што ги дефинира Хрватите како „одбран народ”, туку не означи и како различни од православните Срби и Бошњаците, муслимани“, вели тој.

Истакнува дека филмот открива некои интересни приказни за судбината на патриотските пејачи.

Една од нив е Сандра Кулиер, која одржала повеќе од 100 концерти, за подигање на моралот на различни фронтови во Хрватска, која по војната, паднала во заборав.

„Од сите музичари што сум ги сретнал, таа, за нејзината работа, добила најголем број на признанија од различни воени единици, но сепак, живее далеку од вниманието на медиумите, без бенефиции и на работ на егзистенцијата. Но, нејзе не ѝ паѓа на памет да се жали или да бара материјална компензација за несебичното ангажирање во војната“, вели Сикавица.

Настап на хрватскиот бенд Еид, со песната „Moјa татковина“

Други, пак, и денес се популарни музичари во Хрватска, како што е националистичкиот пејач Марко Перковиќ Томсон, кој ја напишал познатата воена песна „Бојна Чавоглаве”.

Оваа песна е снимена во 1991 година, на почетокот на војната, и сѐ уште е најпознатата песна на Томпсон. Освен што во неа се користат зборови против Србите, таа е контроверзна и поради тоа што почнува со усташкиот поздрав „За дом спремни”, кој некои воени единици го користеле и во војната во 90-тите.

Поради употребата на овој поздрав, полицијата неколку пати го казни Томпсон, а неговите концерти, на кои понекогаш владее антисрпска атмосферабеа забранети во Европа.

Томпсон не сакал да застане пред камерата за потребите на филмот на Сикавица, кој истакнува дека „Бојна Чавоглаве” е пример за тоа како песните можат да бидат медиум за наметнување на идеи.

„Медиум кој може да се користи и во позитивна и во негативна смисла, но и да се толкува на тој начин (во позитивна или негативна смисла). А тоа зависи од оној кој суди. Работите ретко се црни или бели. Но, факт е дека луѓето носат и екстремни судови, кога станува збор за нашето блиско минато, допуштајќи им на своите емоции да ги заслепат“, вели тој.

Денес, Томпсон и натаму на публиката ѝ ја пее својата националистичка химна, иако војната заврши пред повеќе од две децении, иако Хрватска прогласи независност и стана член на Европската унија. Тоа е знак дека дел од музиката создавана во воените години и денес има политички одек.