Флеш Вести19/01/2017 10:47

Поскапе фасадата на Сити галери

Цената на новиот барокен изглед на Сити галери во центарот на Скопје се искачи над 1,8 милиони евра.

Последниот договор на Град Скопје со изведувачот, градежното претпријатие Урбан инвест, е склучен на 14 декември 2016 година, во вредност од 279 илјади евра, во постапка на преговарање без објавен оглас за, како што се наведува “набавка на непредвидени работи“.

Урбан инвест е изведувачот на целиот проект на рефасадирање на Сити галери.  Фирмата претходно потпиша договор со Град Скопје во висина од еден и пол милион евра за реконструкција на фасадата , како и договор за дислокација на мониторот на објектот.

Основниот проект е на ИНКОМ инжинеринг, а идејното решение на архитектите Лазар Димов и Никола Стакинов кои стојат зад изгледот на голем број рефасадирани објекти во централното градско подрачје како и други објекти од  проектот Скопје 2014.