Вести

Пожарот во Правда најверојатно последица на човечки фактор

Поголеми се шансите пожарот да избувнал поради нечие невнимание, оставена цигара или решо, велат за БИРН извори од министерството

Сѐ било во ред со струјната инсталација во зградата на Министерството за правда, кога пред десетина дена се запали четвртиот од петте ката на објектот лоциран во центарот на Скопје.

„Останува варијантата дека пожарот бил предизвикан од човечки фактор, меѓутоа истрагата тоа треба да го докаже, како и да открие што точно се случило“, велат за БИРН извори од Mинистерството.

Според нив, поголеми се шансите пожарот да избувнал поради нечие невнимание, оставена цигара или решо, отколку некој да го подметнал, но сѐ додека истрагата не е затворена, сите опции се отворени.

Од полицијата за БИРН велат дека е рано за конкретни информации, чекаат обвинителството да им дозволи да ги вештачат изгорените предмети, како што налагала процедурата.

Од понеделникот вработените се вратени во Министерството, каде што се забележува вонредната состојба уште при влезот.

Не работи скенерот за метални предмети, се разнесуваат компјутери и столчиња и уште од долу мириса на изгорено. Околу двометарската статуа на Јустиција во холот се наредени принтери и компјутери завиткани во своите кабли, спасени од поплавата на третиот кат, која се случила додека пожарникарите го гаселе огнот кат погоре. Има неколку искршени прозорци по скалите нагоре.

Четвртиот кат е вистинска црна дупка.

Тотално е уништена просторијата која се користела како архива за документите користени за меѓународна правна помош, каде што и настанал пожарот. Тоа е всушност последната канцеларија на катот. Целата е црна, и ѕидовите и таванот, на подот има дебел слој од ситна пепел, прозорци не постојат, инсталациите висат од таванот, изгледа како буквално да експлодирала бомба.

Иако е тотално изгорена, во неа сѐ уште стои планината од хартии и папки наредени едни врз други, и речиси го покрива најдолгиот ѕид во оваа просторија.

Што е изгорено?

Архивата каде што почнал пожарот | Фото: БИРН

Сите оригинални документи што биле таму се уништени, но нашите соговорници уверуваат дека за речиси секој од опожарените предмети имаат скенирана верзија на компјутер.

„И она што не е скенирано, може лесно повторно да се набави“, велат оттаму.

Станува збор за документација која е поврзана со сета комуникација на нашите обвинителства и судови со странските држави, меѓу кои  и екстрадициите. Меѓутоа, нашите извори тврдат дека со оваа несреќа никако не е засегнат процесот на екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, обвинетите во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО.

Со оглед дека на опожарениот кат биле и финансиите на Министерството, уништен е дел и од сметководствената евиденција, меѓутоа и во овој сегмент најважните документи ги има во електронска форма.

Се спасиле само неколку канцеларии подолу во ходникот на кои им биле затворени вратите. Проценката е дека е уништен околу 30 отсто од катот, а засега целиот е неупотреблив и струјата е исклучена.

На третиот кат настрадал ни помалку, ни повеќе туку министерскиот кабинет и тоа од водата со која се гасел пожарот кат погоре. Покрај ѕидовите, тотално е уништен и паркетот во кабинетот, подигнат е и ќе мора да се замени.

Просториите на Министерството се осигурени, осигурителната компанија направила увид.

Тој ден алармите за пожар се вклучиле во 16 часот и 35 минути и тогаш во зградата имало околу дваесетина вработени, а последниот што заминал пред пожарот, излегол во 16 часот и 15 минути, покажале камерите.

„Да се случел пожарот неколку часа порано, ќе имало стампедо по скалите и многу повредени“, велат нашите извори.

Во пожарот на 10 април годинава немаше човечки жртви, само тројца од службите на Министерството се во болница и тоа не поради изгореници, туку оти буквално се изнадишале чад.