Регион

Приштина: Изложба на фотографии за влијанието на војната врз луѓето

Холандскиот фотограф Вилем Поелстра, како почетна точка на новата изложба во Приштина, ја користи приказната на неговите родители, со цел да го покаже долгорочното влијание на војната од 90-тите, врз обичните луѓе на Косово.

ekspozita3_640x480

Изложбата на Вилем Поелстра во Приштина / Фото: БИРН

Пишува: Дие Морина, Приштина

Кога Вилем Поелстра, син на Германец и Еврејка, прв пат го посетил Косово во 2012 година, се сетил на семејната приказна.

Имено, кога неговите родители починале, Поелстра нашол кутија со документи и други информации, кои му откриле колку му било тешко на семејството на мајка му, Хана, да прифати дека таа, по Втората светска војна, се мажи за Германец.

Ова откритие му било мотив да направи фотографии, што ги претставува на својата нова изложба, насловена како „За Хана“, поставена на плоштадот Скендербег во Приштина. Изложбата ќе биде отворена до 17 октомври, а фотографиите прикажуваат луѓе од цело Косово, кои го преживеале конфликтот, со акцент на секојдневната повоена реалност во оваа земја.

„Го чувствувам (влијанието на војната) многу, многу (во Косово), како таа сѐ уште да се води“, вели Поелстра за БИРН.

Објаснува дека неговите родители никогаш не зборувале за она што им се случило за време на војната, истакнувајќи дека тоа е единствениот начин, како за Холандија по Втората светска војна, така и за Косово, да се соочи со минатото.

„Ако сакате да одите напред, ќе мора да разговарате за тоа, да зборувате. Иако можеби нема да биде пријатно за секого, сметам дека ова е патот кој води кон помирувањето“, рече тој.

ekspozita1_640x480

Поелстра нагласува дека прикажувањето на фотографиите во Приштина го сметал за „предизвик“, но оти се чини дека посетителите се импресионирани од начинот на кој тој ги документирал обичните луѓе во Косово.

Нита Зеќири, фотограф од Митровица, град кој по војната остана поделен меѓу етничките Албанци и Срби, изјави дека посетата на изложбата на Поелстра, претставува емоционално искуство за луѓето кои го преживеале конфликтот.

„Ова е поврзано со Митровица, која сè уште има сличности со местото на потекло на родителите на фотографот, бидејќи во Митровица има поголема соработка и врски меѓу Србите и Албанците, што е нормално, додека политичките прашања се критикувани и не се сметаат за нешто што е човечно, туку таквите врски се сметаат за предавство на нацијата“, вели Зеќири за БИРН.

ekspozita2_640x480

Градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети, ја пофали изложбата на отворено.

„Ова е успешен обид, низ фотографии, да се раскаже приказната за војната, за лузните што таа ги остава“, рече Ахмети.

Саранда Богујевци, уметница која во војната го изгубила сето свое семејство и на возраст од 14 години заминала да живее во Велика Британија, вели дека е важно да се зборува за проблематичното минато, за да се излечат психолошките рани.

„Многу е тешко да се биде во позиција на жртва, но да се најде вистинскиот начин на кој приказната ќе биде раскажана, е многу важно“, заклучува Богујевци.