Флеш Вести30/04/2017 15:38

Протест пред куќата на човекот што свирепо уби куче

Околу стотина револтирани граѓани денеска излегоа на протест пред куќата на човекот кој, според очевидците, вчера со секира свирепо убил куче во близина на кафулето „Радио бар“ во скопската населба Дебар маало.

Дел од граѓаните на протестот во Дебар маало дојдоа со своите миленичиња, маваа со јајца по неговиот дом, на вратата му залепија натпис „Монструм“ и извикуваа „убиец“.

Неговите соседите се изненадени и велат дека не очекувале оти тој може да убие живо суштество.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски вчера по разговорот со полицајците од неговата општина  најави дека на овој човек ќе му биде поднесена кривична пријава.

Сторителот вчера беше на информативен разговор во полициска станица, по што е пуштен.

Во близина на кафулето „Радио Бар“ во Дебар Маало, еден од жителите на населбата излегол надвор и му зарил секира во глава на куче кое што лежело на тротоарот. Кучето долго време испуштало душа пред многубројните посетители во кафулето.

На објавените снимки на социјалните мрежи се гледа како сведоците реагираат, а убиецот на кучето одговара дека кучето „јадело луѓе“.