„Дали луѓе без религија се како овца без пастир?“ Ова е едно од прашањата од онлајн тестот објавен само на албански јазик на интернет-страницата на „Флуент“, друштвото за јазици кое од Министерството за образование го доби тендерот од 76.000 евра за да ги прави психолошките тестови за кандидатите за наставници и професори од основното и средното образование.
Лани во август Министерството склучи договор со „Флуент“ и со тоа го презеде „бизнисот“ со психолошки тестови во образованието од „Виста груп“ која претходно го водеше тестирањето на наставниците. Во 2014 ресорот образование го презеде ДУИ и на чело на Министерството е назначен Абдулаким Адеми.
Десетина дена откако друштвото го добило тендерот, министерот Адеми го отворил тренингот за менаџмент и менаџирање. Функционери на ДУИ не се ретки гости на „Флуент“. Пред еден месец, пратеничката Ермира Мехмети одржала предавање на тема „Јавни комуникации и уметноста на говорењето“.
Според документите од Централен регистар, друштвото „Флуент“ било основано пред три години од организацијата Исламскиот младински форум, а директор бил Амет Имери. Четири месеци пред да го добие тендерот од Министерството за образование, Амет Имери станува сопственик.
Заедничка невладина со човек од МОН
Амет Имери заедно со уште четири лица се јавува како сопственик на уште една невладина организација – Партнер ЦДЦ од Тетово. Меѓу нив е и Мухамед Јонузи, психолог вработен во педагошката служба во Министерството за образование и наука. Според податоците од Централен регистар, двајцата живеат на иста улица во с. Слатино, Теарце.
На повеќето од фотографиите објавени на Фејсбук од активностите на „Флуент“, може да се забележи и Јонузи, фотографиран и во самите простории на „Флуент“, непосредно по добивање на тендерот за психолошко тестирање.
Запрашан има ли конфликт на интереси во ситуација кога службеник на институција која доделува тендер е истовремено ангажиран од фирмата што тој тендер го добива, а заедно имаат трет правен субјект, Имери категорично демантира. Тој вели дека фактот што имаат заедничка невладина организација „не е спорен, бидејќи организацијата не е активна“.
На прашањето од БИРН дали Јонузи е активен во „Флуент“ со оглед дека учествува на повеќе настани на организацијата, тој ни одговори дека бил ангажиран волонтерски.
„Г. Јонузи во ,Флуент’ е повремено ангажирано лице т.е. , стручно лице’ без некоја посебна одговорност кон организацијата која го ангажира. Во склоп на проектот ,Развој на комуникациски вештини’ чија реализација е во тек, г. Јонузи се јавува во улога на фасцилитатор на сесија“, ни одговори Имери.
„Виста груп“ веќе не е во игра
„Флуент“ го презеде бизнисот со психолошки тестови во образованието од „Виста груп“, фирма која во јавноста е позната по тоа што го спроведува психолошкото тестирање за кандидатите за вработување во администрацијата. „Виста груп“ заработуваше и од тестирање на наставниците и професорите со оглед дека во 2013 година го доби тендерот за стандардизација на меѓународно признати психолошки тестови од Министерството за образование во висина од околу 15.000 евра.
Што работи Исламски младински форум
Исламски младински форум е организација за која прв пат се слушна во јавноста во 2011 година, кога американскиот неделник „Викли стандард“ објави дека го помага исламскиот радикализам во Македонија. На интернет-страницата на невладината организација може да се прочита дека главно организира предавања за муслиманската вера каде што како гости се канат имами од Косово и од Албанија, се организираат вечери на читање на Куранот и научни дебати за пророкот Мухамед. Претседателот на организацијата, Муслиу, негира дека се поврзани со исламски радикализам и тврди дека „Викли стандард“ им се извиниле.
И на тендерот за психолошко тестирање на карактеристиките на личноста што лани го распиша Министерството за образование, освен„Флуент“, се пријави и „Виста груп“.
Тендерот го добива „Флуент“ како единствен понудувач, затоа што понудата на „Виста груп“ од страна на комисијата се оценува како неприфатлива. „Виста“ се жали и тендерската постапка е повторена. Но, и по вторпат понудата на „Виста“ се отфрла и „Флуент“ го добива тендерот повторно како единствен понудувач.
Од „Виста груп“ повторно се жалеле, но жалбата им била одбиена. Станува збор за фирма која од воведувањето на задолжителните тестирања во администрацијата и образовниот кадар беше тема на собраниски дебати и медиумски известувања. Обвинувањата одеа во насока дека станува збор за поврзаноста на „Виста груп“ со владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Факт е дека „Виста груп“ во 2015 го добива тендерот за тестирања во јавната администрација на Министерството за информатичко општество во висина од околу 200.000 евра, а претходно, во конзорциум со уште три фирми, доби тендер од Министерството за информатичко општество во висина од 800.000 евра.
Молк од МОН, тестовите изгор скапи
Од Министерството за образование беа целосно затворени да одговорат на прашањата од БИРН околу тендерот за психолошко тестирање. Ниту министерот за образование не беше расположен да каже дали ургирал тендерот да го добие друштвото каде што тој се појавил на тренинг.
За полагањето на тестот на личноста при полагање на стручниот испит, приправниците во основните и во средните училишта сега плаќаат по 3.500 денари. Лани, пред да се воведе обврската за психолошко тестирање, како што може да се види на интернет-страницата на Министерството за образование, тестот на личноста чинел за 1.376 денари помалку. Според Законот за основно образование и Законот за средно образование, трошоците за процената на карактеристиките паѓаат на товар на приправникот, а висината ја одредува министерот. Од Министерството не одговорија на што се должи зголемувањето на цената на тестирањето.
„Флуент“ и Исламски младински форум на иста адреса
БИРН отиде на адресата на „Флуент“ во трговскиот центар Мавровка во Чаир, за да видиме што работи организацијата која ги подготвува психолошките тестови за приправниците во основните и во средните училишта, што е услов за да можат да работат.
Во канцелариите немаше никој, а на прозорците стоеше залепен постер со кој „Флуент“ рекламира дека врши психолошко тестирање на карактеристиките на личноста. Во истите канцеларии поврзани со заеднички ходник, но со посебен влез, е сместен Исламскиот младински форум.
Без оглед што се сместени во исти канцеларии, претседателот на Исламскиот младински форум, Февзи Муслиу, тврди дека не се поврзани со „Флуент“ и дека не знае оти добиле тендер од Министерството за образование.
„Друштвото ‘Флуент’ го отворивме, затоа што сакавме да финансираме обуки за наши членови, но и за други заинтересирани граѓани за изучување на англиски, германски и турски јазик во повеќе градови. Часовите беа бесплатни за нашите членови. По една и пол година сфативме дека бизнисот не е исплатлив и ја продадовме фирмата. Сега новиот сопственик ни плаќа кирија за да бидат сместени овде“, ни кажа Муслиу.