Вести

Раскинат договорот за Казандол

Здравјето е поважно од било кој приватен интерес | Фото: Filckr на Влада на РМ

Премиерот Зоран Заев ја потпиша одлуката за еднострано раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на злато, сребро и на бакар на локалитетот Казандол со концесионерот „Сардич МЦ“.

„Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е  порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран“, изјави Заев денеска на прес-конференцијата во Скопје.

Тој истакна дека Владата имала правен основ за еднострано раскинување на договорот бидејќи концесионерот не ги исполнил обврските од членот 13, според кој, концесионерот се обврзал „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда“.

За ова претходно истражуваше „Призма“.

„Овој услов е суштинска состојка на договорот, бидејќи е даден во јавниот повик. Ако не постоел овој услов, можеби ќе се јавеле уште концесионери“, појасни премиерот одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија може да се соочи со тужба вредна неколку стотици милиони евра поради едностраното раскинување на договорот.

Оваа одлука ќе стапи на сила наредниот ден откако ќе биде објавена во Службен весник.