Регион

Реакција на хрватските лидери поради забраната на концертот на Томпсон во Словенија

Хрватскиот премиер и хрватското Министерство за надворешни работи, од Словенија побараа да објасни, зошто концертот на хрватскиот националистички пејач, Марко Перковиќ Томсон, е забранет.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Марко Перковиќ Томсон. Фото: Бета

Хрватските власти од Словенија побараа објаснување зошто градските власти на Марибор го забранија планираниот концерт на Томпсон во овој град.

Да потсетиме, градските власти на Марибор, ја донесоа оваа одлука врз основа на заклучокот на словенечката полиција, која во понеделникот соопшти оти има информации кои „укажуваат на зголемен ризик за вршење на кривични дела“.

Во средата, хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на прашањето за тоа како гледа на забраната на концертот, рече: „Не баш добро“.

„Побаравме утрово … од нашата амбасадорка, Весна Терзиќ, во Љубљана, да испита за што се работи и да не извести за причините за забрана на концертот. Мене не ми е познато што може да биде причината“, рече Пленковиќ.

Хрватското Министерство за надворешни и европски работи, во средата најави дека заедно со амбасада во Љубљана, се во контакт со словенечките власти „заради обезбедување на еднаков третман на хрватските граѓани и на нивните деловни активности во Словенија, па така и во овој случај“.

„Уважувајќи го фактот дека одлуката за одржување на концертот е одговорност на надлежните органи на Република Словенија, Министерството … ќе продолжи да комуницира со словенечката страна, со цел да се избегнат слични ситуации во иднина“, се вели во соопштението на министерството.

Лука Ѓуриќ, портпарол на кабинетот на претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, рече дека претседателката разговарала со својот словенечки колега, Борут Пахор, за ова прашање.

Таа му го „пренесе своето мислење дека музиката е тука за да ги зближува луѓето и дека забраните се контрапродуктивни“, рече Ѓуриќ.

Во телевизиско интервју емитувано во средата, Томпсон изјави дека организаторите уште пред неколку месеци ги добиле сите потребни дозволи и дека оваа изненадувачка забрана „не е коректна, да не речам лицемерна“.

Додаде дека е разочаран, бидејќи е обвинет за промовирање на фашизмот.

„Не е коректно кон Словенците кои сакаа да дојдат на концертот, кон мене и кон бендот, на кои ни е направена голема штета“, додаде тој.

„Мислам дека ова е премногу. Знаете, исто како и јас, дека имав многу проблеми кога станува збор за моите настапи. Тогаш притисоците беа поинакви, но, ова ги помина сите мерки“, потенцира Томпсон.

Планирани концерти на Томпсон, претходно беа забранети во Германија, Швајцарија, Холандија, Сараево и Пула.

Повеќе од еден месец, во Словенија се води дебата околу овој пејач и прашањето дали тој промовира фашизам.

Градоначалникот на Марибор, Андреј Фиштравец, наведе дека Томпсоновото користење на усташкиот слоган „За дом спремни“, во неговата песна од 1991 година, „Чавоглаве“, како и неговите песни, се јасно поврзани со усташкото движење.

Неговата изведба на песната „Јасеновац и Градишка стара“ во 2009 година, ја шокираше Хрватска и регионот.

Околу 80.000 луѓе беа на концертот на Томпсон по повод одбележувањето на 20-годишнината од операцијата „Бура“ во 2015 година, кога многу извикуваа „Убиј Србин“ и „Подготвен“.

Објавено и на Балканска транзициска правда