Истражувањa

Руина од институција што (не)ги менаџира спортските објекти

Профил на јавно претпријатие за стопанисување со државни објекти за спорт

Има едно јавно претпријатие чија историја ги обединува сите аномалии на македонското општество во последните неколку децении. Трагичната приказна за таа институција се протега низ дваесетина години исполнети со постојани сомнежи и обвинувања за корупција, приведувања и затворски пресуди, тужби за долгови и побарувања, недомаќинско работење, партизација, вечно блокирана сметка и со години неисплатени придонеси.

Тоа е Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија.

Задача на оваа институција е да стопанисува со стотина државни спортски објекти – сали, стадиони и терени и да инвестира во нови спортски комплекси.

Меѓутоа, на институцијата одамна ѝ се врзани рацете и не може ефективно да ги менаџира објектите, пропаѓа во долгови и со текот на годините ги изгубила капацитетите и луѓето за воопшто што било да работи.

Претпријатието добива минимални приходи од концесионерите на само дваесетина објекти и канцеларии, а евентуалните инвестиции сега и во блиска иднина се во доменот на научната фантастика.

Поплавени канцеларии | Фото: БИРН/В.А.

Институцијата што броела околу 200 вработени, кога се основала пред две децении, денес има само пет, вклучувајќи ги „кафекуварката“ и директорот, кој според „најдобрите“ пракси на нашево општество секогаш е делегиран од партијата што во моментот е на власт.

Актуелниот директор е Зоран Исајловски, од партијата на Љубе Бошкоски.

За 22 години се смениле 12 директори од различни политички партии.

Најголемиот апсурд е што работата на петте вработени ги контролира управен одбор од четворица, кој, пак, според законските новини ќе се покачи на седум члена.

Работниот ден во ова ЈП е концентриран околу утринското кафе и цигара, а секој муабет со вработените завршува со поплаки дека се заборавени од државата, со акцент на тоа дека со години не им се исплатени придонесите.

Се плашат дека ќе останат без пензија.

Сместени се во неугледна барака, веднаш до спортската сала „Кале“ во Скопје, каде што сега, доцна во летото, пред влезот скапуваат плодови од дивата слива израсната пред објектот заробен во високи диви треви.

Бараката нема струја, зајмуваат од кираџиите на салата, а тоа што немаат интернет и не е некаков проблем.

Актуелниот директор Зоран Исајловски | Фото: БИРН/В.А.

Во четирите канцеларии опремени со излижан и искинат мебел со дата на производство од крајот на претходниот век нема знаци дека пристигнал современиот начин на живот.

Немаат ниту еден компјутер.

По големото невреме што го зафати Скопје минатата недела, просториите им беа поплавени.

Целата документација на претпријатието е поставена во неколку купови класери, во единствениот ходник што ги поврзува канцелариите.

„Дел од документите недостасуваат“, вели директорот Исајловски, кој на таа функција е од мај минатата година.

Во летните месеци, кога и да отидете, влезната врата е отворена, немаат клими, и местото повеќе наликува на магацин, во кој постојано се влегува и излегува, отколку на седиште на сериозна државна институција.

По 14 часот тешко можете да најдете некого на работа.

Оваа слика е последица на начинот на кој оваа институција била управувана и третирана од државата сите години наназад.

Постојани сомнежи за корупција

Малку објекти носат пари на јавното претпријатие | БИРН/В.А.

Дури тројца од поранешните директори биле судени за дела што ги сториле на функцијата, а уште неколку управители на ова ЈП биле јавно посочувани за корупција.

Еден од првите директори Алил Паљоши добил условна една година затвор зашто со приватни фирми склучил договори за закуп на пониски цени од реалните.

Во 2008 година, полицијата го притворила неговиот наследник Сами Беслими, под сомнеж, како што тогаш јавија медиумите, дека незаконски давал под закуп сали и терени со што ја „олеснил“ државата за околу 16 милиони евра. По долг процес, обвинителството се откажало од прогонот на Беслими во 2017 година, а потоа државата му одредила и отштета за притворот.

Ефективна затворска казна од две и пол години добил директорот Михајло Бајо, меѓутоа нему му било судено во отсуство за дела направени од 2009 до 2010 година. Обвинителството го товарело дека на повеќе вработени им исплатил поголема сума од таа што претпријатието им го должело како заостанати плати.

Ова ЈП било „криво насадено“ уште на самиот негов старт, со оглед дека голем дел од спортските објекти што му се доделиле не биле впишани во Катастар на име на државата

По кратко директорување во 2009 година, разрешен бил и Аце Русевски, познатиот македонски боксер, поради новинарска сторија за спорен договор за издавање спортска сала во Струмица.

Претпоследниот управител на ова претпријатие, Шпенди Хајредини, пак, во 2020 година доби отказ откако Антикорупциската отвори случај повторно поврзан со договор за закуп.

Суштината на речиси сите обвинувања се дека јавното претпријатие во многу случаи, во време на различни раководства делегирани од различни партии, за нереално низок надомест ги давало спортските објекти и придружните канцеларии на децениски закупи.

Како што денес информираат од претпријатието, во „наследство“ им се оставени случаи во кои сала од 300 квадрати, во еден од градовите во внатрешноста, била изнајмена без надомест, а за друг објект, пак, била договорена концесија од „дури“ 100 денари.

Концесијата на Олимпискиот базен, од само 750 евра месечно, е една од повисоките.

Со долгогодишни договори што носат ниски приходи се врзани некаде околу 90 отсто од објектите, вели Исајловски.

Државниот завод за ревизија, во 2007 година ги истражувал склучените договори за концесија, од кои речиси сите се актуелни и денес бидејќи се потпишани на неколку децении.

„Спортските објекти се даваат на користење врз основа на непосредна спогодба меѓу директорот на претпријатието и заинтересираниот закупец, без одлука на Управниот одбор“, коментираат ревизорите во нивниот извештај.

Ревизијата спорела дека во договорите, кои, иако најголемиот дел биле склучувани на 30 години, не содржела конкретна обврска дека по истекот на закупот објектот треба да се врати на претпријатието.

И закупнината на објектите била произволно пресметувана.

Сала од 300 квадрати, во еден од градовите во внатрешноста, била изнајмена без надомест, а за друг објект, пак, била договорена концесија од „дури“ 100 денари

Хаосот во кој подолго време се наоѓа ова претпријатие, најдобро го опишува наодот на ревизијата, кој вели дека постојат повеќе активни договори за закуп на ист објект.

Ревизорите предупредиле за ризиците уште пред 15 години:

„Отсуството на добро водена евиденција и интерна контрола на сите склучени договори за закуп од основањето на претпријатието до денес, може да предизвика значителна материјална штета на претпријатието поради незаконско и ненаменско користење средства“.

Ова ЈП било „криво насадено“ уште на самиот негов старт, со оглед дека голем дел од спортските објекти што му се доделиле не биле впишани во Катастар на име на државата.

Така и ден-денес.

Затоа низ годините имало случаи кога концесионерите, користејќи го Законот за легализација на дивоградби, си ги легализирале објектите како нивни, приложувајќи само сметки за комуналии.

Блокирана сметка цели 19 години

Сметката блокирана и поради Олимпискиот базен | Фото: БИРН/В.А.

Сметката на претпријатието е блокирана уште од октомври 2003 година поради изгубените судски спорови со клиентите. Заклучно со јули 2021 година, побарувањата кон претпријатието изнесуваат фантастични 6,8 милиони евра.

Трагедијата да биде поголема, има сè уште актуелни случаи во кои клиенти, нотари и адвокати го тужат ова ЈП за неисплатени обврски.

Само концесионерот на Олимпискиот базен во Скопје побарува милион и 270.000 евра поради клаузула во договорот што го обврзува јавното претпријатие да ги покрива сите вложувања на закупецот во базенот.

Летово, институцијата го изгубила и адвокатот што ги претставувал на судските случаи, немала да го плати.

„Ќе одам јас или некој од вработените на рочиштата“, резигнирано вели директорот Исајловски.

Само концесионерот на Олимпискиот базен во Скопје побарува милион и 270.000 евра поради клаузула во договорот што го обврзува јавното претпријатие да ги покрива сите вложувања на закупецот во базенот

Официјалните бројки покажуваат дека ова ЈП, кое и онака немало добри финансиски резултати, во последните пет години има сè полоши и полоши бројки.

Ако добивката во 2017 година му била скромни 46.000 евра, следната 35.000, во 2019 и во 2020 профитот на ова претпријатие се свел на по илјада евра годишно.

Со оглед дека претпријатието е блокирано со години, вработените земаат плата преку цесија што им ја овозможуваат дел од клиентите, меѓутоа претпријатието не ги исплаќа и давачките кон државата.

Институцијата се води како должник на УЈП.

Некои од вработените побаруваат дури 19 години неплатен стаж и тие, заедно со дел од поранешните вработени, водат судски спорови против претпријатието за да не останат без пензија. Пресметките на тие што се најдолго во институцијата се дека на име на придонеси за пензија и за здравствено осигурување државата им должи по околу 60.000 евра.

Последниве години, приходот од концесиите се свел на три или четири илјади евра, а „придонес“ за тоа имаат повеќе влади по ред, кои му ги одземале спортските објекти на јавното претпријатие и им ги давале на општините.

И тоа било направено спротивно на законите, заклучила ревизијата направена во 2007 година.

Документите се на „сигурно“ | Фото: БИРН/В.А.

Имено, според извештајот на ревизорите, спротивно на Законот за спорт, според кој единствено јавното претпријатие треба да се грижи за објектите во сопственост на државата, владата до 2006 пренела спортски објекти на општините Гевгелија, Гостивар, Дебар, Кичево, Велес, Крива Паланка и на уште десетина локални самоуправи.

Според тогашните пишувања на медиумите, тоа било направено еден месец пред изборите.

„Исклучок од оваа одлука биле спортските објекти во Битола, Прилеп и во неколку помали општини, само затоа што градоначалниците во тие општини биле од ВМРО-ДПМНЕ“, пишува скопски „Дневник“ во ноември 2006, по промената на власта.

Ова е и една од причините зошто се намалени приходите на претпријатието.

Наодите на ревизијата не ги сопреле следните влади да продолжат со праксата да ги префрлаат објектите на општините. Само како за пример, во 2014 и во 2015 власта ги дала на општините градските стадиони во Тетово и во Гостивар.

Државата не се сетила на ова претпријатие и кога во еден од мандатите на премиерот Никола Груевски го продавала атрактивното градежно земјиште во официјална сопственост на оваа институција.

На тие парцели, на самиот лев брег од реката Вардар, сега се градат хотели, а парите од продажбата на земјиштето го заобиколиле ова ЈП и отишле директно во државната каса.

Сите досегашни владејачки гарнитури, на почетокот од својот мандат покажувале интерес да ги решат проблемите со кои се соочува оваа институција, меѓутоа како што одминувало времето, така таа повторно тонела во заборав.