Вести

Сите референдуми во Македонија

Граѓаните третпат излегуваат на референдум на државно ниво | Фото: БИРН

Граѓаните на Македонија ретко имале можности да се изјаснуваат на референдуми, но секогаш кога тие се одржувале, имало борба за цензусот, односно главната борба била меѓу гласовите „за“ и бојкотирањето. Бојкотот бил дел од секој референдум, дури и од првиот.

Досега се одржаа два референдума на национално ниво, во 1991 и во 2004 година, повеќе локални изјаснувања за канализација, фасади и за рудници, а имало и неколку неуспешни или одбиени иницијативи за собирање потписи. Референдум може да распише Собранието или советите на општините, а ако го иницираат граѓани, треба да соберат потписи. За на државно ниво се потребни 150.000 потписи, а за локално иницијативата треба да ја поддржат 10 отсто од запишаните гласачи во таа општина.

Референдум за избори

Собранието во 1996 година не дозволи да има референдум за распишување предвремени избори | Фото: БИРН

На референдумот за независност на 8 септември 1991 година излегоа над 75 отсто од гласачите или 1.079.308 избирачи, од кои речиси 97 отсто гласаа „за“ на прашањето „дали сте за суверена и самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Референдумот беше бојкотиран од поголем дел од албанската заедница во Македонија.

Затоа во јануари 1992 година, тогашниот лидер на Партијата за демократски просперитет, Невзат Халили, организираше референдум за автономија на областите каде што живеат Албанци, односно за создавање република Илирида. Референдумот беше непризнаен и нелегален, а, според организаторите, на него излегле 74 отсто од избирачите и гласале „за“. Халили сè уште повремено се појавува во медиумите со изјави дека резултатите се важечки и може да се ефектуираат кога било.

Во 1996 година имаше иницијатива да се одржи референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали се за предвремени парламентарни избори до крајот на таа година (мандатот на парламентарниот состав беше до 1998 година). ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија собраа 150.000 потписи и побараа од Собранието да го распише референдумот. Собраниското мнозинство го отфрли барањето, со заклучок дека тоа прашање не е во надлежност на Собранието. Уставниот суд утврди дека на иницијаторите не им биле повредени правата.

Во следните осум години немаше посериозни иницијативи за референдуми, сè до територијалната поделба од 2004.

Прашања што не заслужуваат одговор

Се смета дека бојкотот како стратегија за неуспех беше првпат воведен на референдумот за територијалната организација

Лидерот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, во изминатиов период постојано нагласуваше дека СДСМ е партијата што ја воспостави праксата на бојкотирање за да се урне референдум, па затоа сега нема право да осудува кога други го прават тоа против одлука што ја донесе Владата.  Токму Петров го иницираше референдумот кога тоа се случи, на 7 ноември 2004. Прашањето беше да се задржи дотогашната територијална организација на локалната самоуправа во земјата, односно да се поништи законот подготвен од СДСМ и од ДУИ за менување на границите на општините.

Референдумот беше инициран со собирање 150.000 потписи, кои се собраа откако партијата ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски отворено ја поддржа иницијативата. Од тоа време се памети познатата парола „некои прашања не заслужуваат одговор“, бидејќи владејачката партија порача да не се гласа за да не се достигне цензусот. Излегоа над 450 илјади гласачи, што е околу 27 отсто од гласачкото тело, далеку од потребниот цензус. Над 95 отсто гласаа „за“.

Следната година, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Мавровски и Слободан Чашуле најавија собирање 150.000 потписи за референдум против продажбата на Електростопанство на Македонија (ЕСМ). Во времето кога се преговараше за продажба на оваа државна компанија имаше протести и блокади на улици од здружение што се нарекуваше „Глас за светлина“. Се собираа потписи, но референдумот никогаш не се случи.

Локални игри

Минатата година имаше серија референдуми против изградба на рудници

Потоа топката се префрли на локално ниво. На 23 јануари 2007 година, Општина Ѓорче Петров организираше референдум во населбите Волково, Кисела Јабука и Стопански Двор за жителите да се изјаснат дали би платиле самопридонес од 500 евра за да се изгради канализација. Изјаснувањето беше успешно, излегоа 63 отсто од гласачите и над 90 отсто гласале „за“.

Повторно имаше десетина години пауза од референдумски иницијативи, кога граѓански организации од Скопје собраа потписи за локален референдум за неменување на изгледот на Градскиот трговски центар, а советот на Општина Центар прифати да го организира изјаснувањето на 26 април 2015 година.

Поставувањето барокна фасада на ГТЦ беше дел од проширената идеја за „Скопје 2014“ промовирана од тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Затоа таа ги повика нејзините симпатизери да не гласаат. Референдумот не успеа бидејќи излегоа 40 отсто од избирачите, со над 96  гласови „за“. Иницијаторите забележаа дека и покрај тоа што цензусот не бил достигнат, ГТЦ добил повеќе гласови од која било политичка партија или градоначалник во Центар.

Минатата година, пак, имаше серија референдуми во шест општини во југоисточниот дел од земјата, против отворањето рудници за злато и за бакар. Иницијаторите, предводени од организации како „Здрава котлина“ и други, предупредуваа дека рудниците Иловица, Казандол и Кожуф би ја уништиле животната средина, земјоделското производство и здравјето на луѓето во регионот.

Повторно главната борба беше за цензусот. Три изјаснувања беа успешни, во Гевгелија, Дојран и во Богданци, а бројката од 50 отсто гласачи не се достигна во Валандово, Ново Село и во Босилово. Уставниот суд ги поништи одлуките за распишување референдуми во Босилово, Ново Село и во Дојран.

Есента, пак, дотогаш непознати граѓански иницијативи почнаа да собираат потписи против населување мигранти во општините. Нивната теза беше дека Владата заговара изградба на кампови и станови за мигранти од Блискиот Исток и од Африка, со што целосно би се сменила етничката структура на населението. Петнаесет општински совети донесоа одлуки да се одржат такви референдуми заедно со локалните избори на 15 октомври, со прашањето „дали сте за населување мигранти во општината“. Државниот инспекторат за локална самоуправа го запре нивното одржување.

Референдумот за прифаќањето на договорот од Преспа, со цел интеграција на земјата во ЕУ и во НАТО, e 11-ти што се одржува, односно трет на национално ниво.