Анализи

Скопје 2014: Една власт го изгради, друга го легализира

Во најдобар случај, државата би вратила околу еден oтсто од парите за проектот

„Скопје треба да има ново лице. Од град со сив, соц-реалистички стил, да направиме естетска природа“, говореше тогашниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, на презентацијата на новиот изглед на градот во 2010 година.

Но, тоа не е почетокот на проектот, туку време, во кое веќе четврта година се бараат законски покритија за да поминат идеите за градење.

Во годината кога ќе се постави огромната статуа посветена на Александар Македонски, а насловена само како „Воин на коњ“ на скопскиот плоштад, власта веќе се соочуваше со сериозни критики за проектот.

„’Скопје 2014’ е огромна портокалова пералница на пари“, говореше во 2011 година, Гордан Георгиев од партиската говорница на СДСМ, во време кога тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ „носеше“ портокалова боја.

„Ова што се случува во Македонија нема врска со уметност и култура. Ова е класичен криминал и огромна пералница на пари, преку кои милионски суми народни пари завршуваат во нечии џебови“.

И додека механизацијата ги маркираше границите за новото неокласично руво на градот, најгласните јавни дискусии беа за квалитетот на материјалите и за стилот на градење.

Друг дел се фокусираше и на потрошените пари. За нив се говореше цели 13 години, но дури лани беше отворена истрага и беше поднесено обвинение.

Но, не за сите осомничени.

Експремиерот Никола Груевски, како првоосомничен, се спаси од кривичен прогон.

Тој и неговите најблиски соработници нема да одговараат за криминалот во проектот, откако лани СДСМ и ДУИ брзопотезно ги поминаа во парламентот измените на Кривичниот законик. Пратениците, со измените, практично „помилуваа“ десетина осомничени од 15, колку што беа опфатени со истрагата „Феникс“ за изработката на 11 споменици.

Покрај идејниот творец на проектот, Груевски, од кривичен прогон се спасија и неговите најблиски соработници, министрите Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска, екс градоначалниците на скопски Центар, Виолета Аларова, Владимир Тодоровиќ, како и други осомничени.

Беа осомничени дека ја злоупотребиле службената положба, ама тоа кривично дело со законските измени застаре. Со други зборови, промените на законот ја доуништија единствената шанса да се испорача поширока правда за проектот, кој домашните архитекти го оценија како „визуелен Франкенштајн,“ додека странските водечки медиуми го исмеваа како европски град на кичот.

Сега одговорност воопшто нема да се утврдува за вредноста на спомениците, туку само за тоа како се одлевале противзаконски стекнатите пари.

Преплатено дома, двојно поевтино во италијански леарници

Skopje 2014

Во Кривичниот суд наскоро треба да влезат засега единствените петмина обвинети: поранешниот претседавач на Општина Центар и братучед на експремиерот Груевски, Владимир Здравев, неговите брат и мајка, како и уште двајца обвинети.

Според обвинението, тие, во домашниот промет внеле „црни“ пари, кои биле исплаќани за изработка и леењето на спомениците. Со тој капитал купувале имот: изградиле хотел во центарот на Скопје, финансирале хотел во Трст, купиле дуќан во ГТЦ, земјиште…

Една сума за изработка била исплаќана во Македонија, а италијанските леарници ја фактурирале на други фирми по многу пониски цени.

Обвинителот Лапе, на јунската прес-конференција за случајот „Феникс“ го потврди она што беше изнесувано на пресовите на тогашниот опозициски СДСМ. Рече дека само за споменикот „Воин на коњ“, кај нас биле платени околу 4,7 милиони евра, а во Италија двојно помалку, односно 2,3 милиони евра.

А сомнежите за криминал во проектот датираат одамна.

Уште во 2013 година, Општина Центар формира комисија за ревизија на поставувањето на спомениците. Наодите беа дека едно се договарало, друго се правело. Потоа дојде и вториот извештај, во кој пишуваше дека Центар исплатил осум милиони евра повеќе за изработка на спомениците.

Следуваше кривична пријава, па штама од обвинителството. Објавувањето на базата на податоци на БИРН „Скопје 2014 под лупа“, која документираше како од првично најавените 80 милиони евра, проектот стаса над 680 милиони евра, наиде на еднаков молк и од обвинителството и од властите.

Скопје 2014 под лупа | Фото-колаж: БИРН

Во политичките бомби се слушна дека Груевски е идејниот творец на проектот.

Со почетокот на работата на специјалното јавно обвинителство, се очекуваше дека овој проект ќе биде една од првите истраги.

Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева говореше дека предметот е сложен и дека ја „следат трагата на парите“, а очекуваат и помош од странски држави. Таму работеле два тима, едниот на објектите, другиот на спомениците.

Но, со политичкиот погреб на СЈО згасна и надежта за да се отвори истрага.

Феникс извадок од обвинението

Извадок од обвинението за „Феникс“ | Фото: БИРН

Според информации на БИРН, во СЈО, во ноември 2018 година се подготвувала прес-конференција на Денот на ослободувањето на Скопје, токму за набавката на спомениците.

Но, случајно или не, тогашната шефица Јанева не ја потпишала наредбата за отворање истрага за делот од спомениците и предметот остана во фиока.

По крахот на СЈО, предметите од проектот отидоа во обвинителството со кое раководеше Вилма Русковска, па Ислам Абази.

Оттогаш, од 2019 година отворена е само истрага за стиропорната владина фасада, која, како што тврди обвинителството, била обновувана со поевтин материјал од оној што бил баран со тендерот. Со разликата во парите биле купувани партиски недвижности.

За овој предмет од 2022 година уште се чека вештачење. Обвинителството уште не утврдило дали и таа истрага веќе не е целосно или делумно застарена со измените на Кривичниот законик од 2023.

Четири згради колку годишен буџет на Здравство

Истрага за објектите и зградите нема | Фото: БИРН

За криминалот во „Скопје 2014“, во кој има 28 згради, шест катни гаражи, пет плоштади и десетици споменици и скулптури, се водеа две постапки: случајот со мостот „Око“, за кој, ексградоначалникот на скопски Центар, Тодоровиќ, се согласи да врати во буџетот над 400 илјади евра во 2018, и предметот „Тендери“ за Елизабета Канческа-Милевска, за кој беше донесена ослободителна пресуда и извесно е дека веќе е застарен.

Истрага нема за објектите и зградите. По законските измени од 2023 година, не е извесно дали и воопшто ќе има.

На прашањата на БИРН дали се истражувале злоупотреби при градба на објектите, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не одговорија.

И тоа е сѐ.

Ако се повратат најмалку шест милиони евра, за кои обвинителството тврди дека биле испрани и парите што Тодоровиќ ги врати во буџетот, излегува дека тоа би било околу 1 процент од вредноста на проектот што би ги добила назад државата.

Другите пари, или се „чисти“, или застареа делата, или за нив нема докази.

За градба на болници и набавка на медицинска опрема колку цел годишен буџет на здравство | Фото: БИРН

За да се спроведе набавка на медицинска опрема, доградба на болници, систематски прегледи на ученици и студенти, здравствена заштита на мајки и деца, рана детекција на малигни заболувања, Министерството за здравство за тековната 2024 година планира да потроши 124 милиони евра.

Истата сума беше потрошена за изградба на четири објекти од проектот „Скопје 2014“: Македонскиот народен театар, зградата каде што се сместени Уставниот суд, Архивот и Археолошкиот музеј, зградата на Народна банка и Факултетот за драмски уметности.

Некои од нив, како МНТ, одамна се сериозно оштетени.

Се чини дека од желбата и најавите да се истражат злоупотреби во овој проект, ќе останат само трагите од бојата на шарените што протестираа против најистурениот симбол на корупцијата во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.